Македонија
(Видео) Костадинов: Со законските измени сакаме да добиеме независни и стручни совети на МРТВ и АВМУ

Пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов денеска на прес-конференција изјави дека преку измените на предлог-законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Советот на АВМУ ќе добие независен, професионален и стручен состав и оти целта за поднесување на овој предлог од страна на пратениците на владејачкото мнозинство е реформата и професионализација на медиумските регулаторни тела.
Костадинов обвини дека изборот на членови на Советот на АВМУ како и членовите на Програмскиот совет на Националната радио-телевизија премногу долго се одложуваше поради, како што кажа, неразумни блокади од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Според измените на законот, изборот на овие членови би бил со 61 глас, но постапката би била иста – инклузивна, транспарентна и отчетна. Така ќе се гарантира професионалност и независност.
„Зад овие блокади се кријат само партиски интереси и политика на отпор кон реформи и професионални институции“, изјави Костадинов.
Тој вели дека не знае зошто не е закажана комисијата на која ќе бидат разгледани измените на Законот, што се носат по скратена постапка. На прашањето дали има разговори со опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изјави дека не би рекол оти има такво нешто.
За реакциите на здруженијата на новинарите и синдикатот за менувањето на законот, рече дека заедничка цел на сите е професионалзиација и департизација на регулаторните тела.
„Добро е што имаме заедничка цел со здруженијата, а тоа е конечно да се спроведе една таква реформа, професионализација и департизација на едни така важни регулаторни тела. Ќе повторам дека три години имавме можност конечно да ја спроведеме. За жал, додека ВМРО-ДПМНЕ ја водеше Комисијата за избори и именувања немавме успешен оглас во однос на АВМУ и Програмскиот совет на МРТВ. Јас ги уверувам граѓаните, особено медиумските работници дека воопшто не треба да стравуваат дека наводно влегуваме во сива зона затоа што веќе имаме докажано дека во еден транспаретен процес сме избирале едни многу важни тела во оваа држава“, рече Костадинов, одговарајќи на новинарско прашање.
Останува, повтори тој, јавната дебата за изборот на членовите на овие тела и смета дека можност за учество ќе имаат сите.
„Но, секако дека нема да дозволиме повторно ВМРО-ДПМНЕ само заради лични хирови да ги опструира така важните процеси“, рече Костадинов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пендаровски: За борба против корупција потребни се соодветни закони и казни

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими заменик претседателот на Владата задолжен за борба против корупција и криминал, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски.
На средбата вицепремиерот Николовски го информираше претседателот Пендаровски за мерките од усвоениот План за борба против корупција.
Претседателот Пендаровски го поздрави системот на мерки и изрази очекување дека истите ќе овозможат ефикасна превенција и борба со корупцијата.
„Борбата против криминалот и корупцијата е од исклучително значење во процесот на евроинтеграцијата, во градење на правната држава и за стекнување на доверба на граѓаните во институциите. За да постигнеме резултати во овој процес неопходна е целосна транспарентност, соодветни законски решенија и санкции, и придонес од сите институции“, истакна Пендаровски.
Во таа насока, од кабинетот на Претседателот информираат, дека претседателот Пендаровски е подготвен соодветно да ги поддржи мерките од новиот План за борба против корупција.
Претседателот Пендаровски посочи дека важен сегмент во борбата со корупцијата е подигнување на јавната свест и охрабрување на граѓаните да пријавуваат случаи на корупција, информираат од неговиот кабинет.
Македонија
Јавно обвинителство: Од „Телеграм“ засега немаме добиено никакви податоци за случајот „Јавна соба 2“

Од Јавното обвинителство велат дека активно постапуваат за утврдување кривична одговорност во предметите поврзани со групите „Јавна соба“, во пресрет на петтиот Марш за женските права кој што е најавен за денеска со почеток од 15 часот, каде главен фокус ќе биде токму реакцијата на институциите по однос на овој счучај.
Од обвинителството посочуваат дека во врска со случајот „Јавна соба 1“ каде преку платформата „Телеграм“ се споделуваа интимни фотографии, нарушувајќи ја приватноста на жртвите, на 05. февруари годинава донеле наредба за спроведување истражна постапка против две лица за производство и дистрибуција на детска порнографија.
„Во периодот од 19 декември 2019 до 28 јануари 2020 година, двајцата осомничени, како основач и модератор на групата, биле должни да се грижат за содржината на текстуалните и аудио-визуелните содржини кои се споделуваат од членовите на групата. Но, тие со умисла дозволиле на групата да се направи достапна содржина – аудио-визуелен материјал на кој се прикажани очигледни полови дејствија со дете“, се наведува во соопштението на обвинителство во кое се додава дека истрагата во овој предмет е во тек и е во завршна фаза.
Во однос на вториот случај, „Јавна соба 2“, кој беше актуелен на почетокот на годинава, од обвинителството велат дека е во фаза на предистражна постапка.
„На 27. јануари годинава преку МВР од ‘Телеграм’ се побарани податоци за корисничките профили на креаторите, администраторите и членовите на групата. До овој момент од социјалната мрежа ‘Телеграм’ не е добиен одговор на ваквото барање. Овие податоци се неопходни со цел да се утврди идентитетот и Обвинителството да може кривично-правно да постапува против лицата инволвирани во оваа група“, посочуваат од обвинителството.
Поради ова, искористени се и механизми на меѓународна правна помош, па податоците се побарани и од Обединетото Кралство.
„Во Основното јавно обвинителство Велес во врска со ‘Јавна соба 2’ оформен е предмет и донесена е наредба за истрага против едно лице поради сомнение дека го сторило кривичното дело – производство и дистрибуција на детска порнографија“, објаснуваат од обвинителството и додаваат дека при вештачење на мобилниот телефон на осомничениот, пронајдени се видео записи со детска порнографија.
Во однос на „Јавна соба 2“ оформени се предмети и во Битола, Прилеп и Кавадарци.
Битолското основно јавно обвинителството има издадено наредби за вештачење на ЦД и на мобилен телефон во насока на прибирање материјални докази, а во Прилеп од пријавеното лице се одземени два мобилни телефона и издадена е наредба за нивно вештачење.
Во Кавадарци во тек е прибирање на материјали докази, за кои обвинителството во моментов не е во можност да сподели детали.
Инаку, петтиот Марш за женските права, по повод Меѓународниот ден на жената, ќе се одржи под мотото „Држава што не постапува, е држава што силува“.
„Маршираме за поддршка на сите жртви на криминалната група ‘Јавна соба’ и сите жртви на родово засновано насилство. Маршираме за да ги потсетиме институциите, МВР и Јавното обвинителство дека нема да застанеме додека не ги исполнат нашите барања“, велат организаторите на маршот.
Македонија
Ѓорчев: Бројот на починати од корона во Скопје е речиси ист со оној од скопскиот земјотрес

Македонија ги живее најтажните и најцрните моменти од своето постоење како држава. Македонија денеска има 3.200 починати од коронавирус, изјави на прес-конференција, Влатко Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој нагласи дека во Скопје веќе има 1.020 починати луѓе, што е речиси колку за време на скопскиот земјотрес. Понатаму, Битола 156 мртви, Охрид 138 починати, Прилеп 264 мртви од корона, Велес 112, Штип речиси 100, во Струмица 115, Кочани 50, Куманово 213 починати.
„Ова не се само бројки, ова се семејства, ова се луѓе, ова се судбини. Ова се црните и катастрофалните бројки од неспобноста на Зоран Заев, Венко Филипче и нивните министри. Време е за одговорност и време е за оставка“, изјави Ѓорчев.
- Книги3 месеци
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија2 месеци
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Регион2 месеци
(Видео) Прекината прес-конференција на градоначалникот на Бања Лука: „Луѓе ова е сериозен земјотрес“
- Регион2 месеци
(Видео) Снимен моментот на потресот во Петриња – луѓе не можат да се задржат на земјата
- Европа2 недели
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Свет1 месец
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Економија3 недели
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“