Македонија
(Видео) Костовски: Заев секој месец ги плаќал синот на Самка и секретарката на Рашковски
Додека народот нема таблети и вакцини против Ковид-19, Заев секој месец го плаќал синот на Самка и секретарката на Рашковски, обвини Дарко Костовски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.
„Со народни пари, како хонорарци, чии имиња беа криени од јавноста до вчера, е плаќан и Демир Ибраимоски, син на Самка Ибраимоски, коалициски партнер на Заев и заменик-директор на ‘Македонијапат’. И додека Самка ги лаже Ромите со покачена социјална помош, неговиот син примал 40.000 денари месечно како хонорарец. 53.000 денари хонорар од Заев добил и професорот Ванчо Узунов, кој беше и потпретседател на СДСМ. На листата со хонорарци се најде и името на Ивана Митрова, секретарка на Драги Рашковски, која зела 38.000 денари“, рече тој.
Костовски додаде дека независен колумнист и владин хонорарец во исто време е Петрит Сарачини, кој месечно од Владата бил плаќан 42.000 денари. Според Костовски, Сарачини се продава како независен и непристрасен.
„Марко Михаилоски, претседател на СДММ, е уште еден од хонорарците чии имиња до вчера не беа објавени. Дали Михаилоски примал државна плата, а работел партиски задачи? Или партијата и државата тоа е исто за Заев и неговите“, праша Костовски.
Ова се само дел од таканаречените експерти и независни хонорарци, додаде тој, кои се платени со наши пари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
За еден месец има шест пријави за врсничко насилство, Јаневска најави измени за психолозите и педагозите да ја работат само својата работа
Министерството за образование изминатиов месец, од почетокот на школската година, добило шест пријави за врсничко насилство, извести денес министерката Весна Јаневска. Таа побара меѓуресорна соработка за успешно справување со оваа појава и ставање фокус на менталното здравје на младите за што се потребни понови и помодерни решенија оти предизвиците се менуваат со секоја нова генерација.
„Оваа учебна година има 6 пријави за врсничко насилство и ние постапуваме по нив, меѓутоа значајно е да се нагласи дека е неопходна меѓуресорна соработка од повеќе министерства, од невладини организации и стручни лица, но од особено значење е кога и самите млади се вклучени во процесот и секогаш е добро да се слушнат и заеднички да изнаоѓаме најповолни решенија за да се грижиме за здравјето на младите“, рече министерката Јаневска пред почетокот на тркалезната маса за менталното здравје на младите со посебен фокус на училишната средина организирана од Здружението на граѓани „Младите можат“.
Јаневска смета дека државата има систем кој води грижа за менталното здравје на младите преку училиштата и преку педагошката служба во Министерството за образование. Училиштата се обврзани да имаат стручни служби и тие најчесто имаат психолог и педагог, но можат да бидат и проширени и со дефектолог и со социјален работник во зависност од можностите и големината на училиштата.
„Бирото за развој на образованието секоја година, па и годинава, поради овие шест пријави и неколку други настани секогаш испраќа препораки за постапување во однос на одредени конкретни случаи. Службите изготвуваат годишен план за справување со одредени проблеми за одржување на менталното здравје на децата и по годишниот план во одредени часови, користејќи го и класниот час, треба да ги спроведат своите едукации и работа со учениците. Доколку се појави конкретен случај тогаш се прави измена во тој план и се работи со децата и понатаму“, рече министерката Јаневска.
Во ретки случаи кога ќе се појави проблем кој станува поголем, Јаневска вели дека е потребно вклучување на Министерството за социјална политика, демографија и млади, вклучување на Министерството за внатрешни работи или пак барање лекарска помош.
Министерката најави измени во сегашните законски решенија кои ќе овозможат психолозите и педагозите да се посветат на својата стручна работа наместо да заглавуваат во административни обврски и во помагање во работата на останатите колеги во училиштата.
„Новите законски решенија ќе им овозможат да си ја работат сопствената работа. Ќе инсистираме да се многу повее присутни во училиштата со нивната стручност и да помагаат во решавањето на овие проблеми. А некогаш не се само проблеми, ние имаме и талентирани деца со кои што треба да се работи, родители на кои им е потребна и некоја друга помош не само за проблематични деца туку од некои други причини. Има многу работа за стручните служби. Полека воспоставуваме систем во кој тие ќе почнат да си ја работат само својата работа. Се разбира колегијалноста секогаш е присутна, некогаш ќе помогнат и на колеги и на директори, но ќе бидат фокусирани на својата стручна работа“, вели министерката Јаневска.
Заменик – министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски рече обврска на неговиот ресор е грижа за ученикот надвор од училиштето, во неговиот дом, во семејството. Најави дека за многу кусо време ќе имаат систем кој ќе дава целосна слика за семејствата приматели на права од социјална заштита, заедно со услугите што ги даваат центрите за социјална заштита кој ќе им даде не само статистички податоци туку и основи за градење социјални политики.
Македонија
Трајчулески: За ДПМНЕ, партиските интереси се многу поголеми од безбедноста на граѓаните во сообраќајот
Партиските интереси на ВМРО-ДПМНЕ очигледно се многу поголеми од безбедноста на граѓаните во сообраќајот, па место да ја продолжи постапката за носење закон за основање Агенција за безбедност на патиштата, ним поважни им се кадровските промени во составот на советот, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески, на собраниската седница.
– За какви реформи зборува ДПМНЕ, кога законот за изменување и делување на безбедност во сообраќајот на патиштата, кој го предлагаат, има единствена цел-промена на персоналниот состав на советот. Овој начин на кадровски промени стана пракса и мантра на владејачката коалиција. Во образложението на законот е наведено дека една од причините за оваа измена е уредување на бројот на членови на советот како и условите за именување на претседател, без притоа да се наведат соодветно образование или пак, работното искуство од областа на безбедноста во сообраќајот на патиштата, рече Трајчулески.
Јасно е дека за власта поважни се политичките калкулации одошто безбедноста на граѓаните во сообраќајот. И со донесувањето на вакви законски решенија, објасни Трајчулески, се прави опасен преседан со големи последици.
– Ако зборуваме за безбедноста на сообраќајот на патиштата, зборуваме за човечки животи и тука најмалку тука треба да тераме политика. Она што очекував од новата влада е да ја продолжи постапката на СДСМ, за носење на законот за основање на Агенција за безбедност во сообраќајот на патиштата. Реформски закон кој долго време беше работен во рамките на министерството за транспорт, каде беа вклучени сите релевантни институции и со поддршка на експерти од ЕУ и за кој остана да се завршат финалните усогласувања. Тоа е реформата за која сите треба да се залагаме. А, не главна цел да бидат кадровските промени во составот на советот за безбедност на сообраќајот на патиштата и политичките интереси и калкулации на власта“, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулески.
Македонија
Средба на министерот Владо Мисајловски со амбасадорот Црна Гора, Зоран Миљаниќ
Министерот Владо Мисајловски, денеска, во Министерството за одбрана оствари средба со амбасадорот Црна Гора, Зоран Миљаниќ.
Мисајловски му посака успешна дипломатска мисија на амбасадорот Миљаниќ и изрази задоволство од досегашната билатерална одбранбена соработка со Црна Гора.
На средбата се разговараше за продлабочување на сојузничката соработката меѓу двете земји и за интензивирање на интегративните процеси за пристапување кон Европската Унија со една цел – стабилен, безбеден и просперитетен регион.