Македонија
(Видео) Кумот на Максим Димитриевски со поддршка на ДУИ си спечали 350.000 евра, велат од СДСМ

Денес јавно го презентираме во детали најголемиот урбанистички корупциски скандал што го видел Куманово во последните децении – организиран, координиран и спроведен под директно влијание на градоначалникот Максим Димитриевски. Денес членовите на ЗНАМ и поддржувачите ќе дознаат дека движењето на ЗНАМ е движење за корупција и богатење на нивниот претседател Максим Димитриевски, велат од СДСМ.
Големиот поборник за правда Димитриевски, кој својата кариера ја изгради противејќи се на ДУИ, сега во соработка со советниците токму на ДУИ, си изгласа ДУП, со кој очигледно дебело се офајди со сума од 350.000 евра. Ова што го режираше Димитриевски, поддржан од советниците на ДУИ, треба да влезе во книгите за организиран криминал и корупција, кажа на прес-конференција советничката на СДСМ во Советот на општина Куманово, Атина Мургашанска.
Предочувајќи неколку факти како што рече прво, преку политички притисок и манипулации, се изгласала измена на Деталниот урбанистички план на просторот кај поранешен ЧИК Куманово, односно простор од над 40.000 м² државно земјиште, под изговор за инвестиција на „Лидл“.
„Но зад навидум добрата намера, се крие добро осмислена шема за лично богатење преку семејни, кумски и политички врски. Фактите се јасни и недвосмислени:
Во август 2023, Општина Куманово распишува тендер за продажба на државно земјиште во индустриската зона Речица. Се знае однапред – купувач ќе биде „Лидл“. Продажбата е директно од државата кон Лидл, со цена од 5,5 милиони евра. До тука нема ништо спорно.
Но сега внимавајте, само два месеци подоцна, друга парцела која е во сопственост на таткото и братучедот на Димитриевски, е купена од кумот на Димитриевски, Драган Митевски, за 250.000 евра. По само неколку дена, истата парцела е препродадена на „Лидл“ – за 600.000 евра. Кумот на Димитриевски, кој го купил земјиштето од фамилијата на Димитриевски, заработил 350.000 евра – за неколку дена. Без бизнис, без инвестиција, без ризик. Само со купи-продај“.
Тоа како што појасни е корупција чиста како солза.
Праша дали може Димитриевски да ги поучи граѓаните како со купување и препродажба на земјиште за неколку дена се прави профит од 350.000 евра.
Потсети дека првиот обид за носење на ДУП-от пропаднал заради судир на интереси на советникот на ЗНАМ.
„Откако ова не им успеа, Максим Димитриевски и Кумот решаваат да го донесат овој ДУП по секоја цена и наоѓаат нов начин.
Тука во пресрет им излегува наводно лутата опозиција против која Максим се бори – а тоа е ДУИ. Со помош на гласовите на ДУИ, вчера општината го усвојува ДУП-от“.
Според неа, ова е класична шема на тргување со влијание и злоупотреба на службена положба.
Градоначалникот, како што вели, сè уште се обидува да се скрие зад закони и процедури, додека негови блиски роднини, кумови и политички соработници прават бизнис на грбот на државата и граѓаните.
„Прашања кои мора итно да ги одговори Димитриевски:
Од сите парцели во Куманово, како точно „Лидл“ завршува со имот на семејството на Димитриевски?
Како тоа за неколку дена пораснала цената на земјиштето повеќе од двојно?
Дали реномирана компанија е намерно навлечена да плати повеќе?
Колку пари од оваа зделка во џеб има ставено градоначалникот и неговата фамилија?
Како тоа ДУИ, која на хартија е опозиција, гласа за предлог на градоначалник кој нема мнозинство? Нели ДУИ беа оние против кои се бореше ЗНАМ на Максим Димитриевски? Или кога е бизнис во прашање добри се? Дали е точно дека за да изгласаат, им е ветена противуслуга на поединци?
И за крај едно директно прашање и до премиерот Мицкоски. Премиере, зошто Максим Димитриевски има право да си соработува со ДУИ за свои интереси, а Таравари не смее?“.
Побара институциите итно да постапат во овој како што го нарече, очигледен скандал.
Бара ЈО да поднесе кривични пријави за злоупотреба на службена положба, тргување со влијание и потенцијална корупција и ревизија од Државниот завод за ревизија за целата постапка на измена на ДУП-от.
Побара итна постапка и од Државната комисија за спречување корупција.
„Овој случај нема да го заташкате. Куманово не е приватен бизнис на семејството Димитриевски.
На граѓаните им должиме чиста институционална средина, а не тајкуни со функција“, повика таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Серија земјотреси почувствувани во Охрид

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, рано утринава регистрираше серија на земјотреси чии епицентри потекнуваат од епицентралното подрачје Пештани – Охрид – Струга, 102 км југозападно од Скопје.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, од серијата на земјотреси, почувствуван е земјотресот во 4 часот и 34 минути во Охрид и блиската околина со интензитет од V степени според Европската макросеизмичка скала, а во останатите југозападни делови од Републиката, земјотресот е почувствуван со интензитет од III-IV степени според Европската макросеизмичка скала.
Освен вознемиреност кај граѓаните, материјални штети не се пријавени.
Македонија
1570 стипендии за учениците во дуалното образование, велат од Владата

„Со конкретни мерки и идеи вложуваме во подобрување на образовниот процес. За таа цел преку Министерството за образование и наука за следната учебна година 2025/2026 ќе се доделат најголем број на стипендии за дуалното образование досега, односно 1570 стипендии за учениците кои ќе се запишат во дуални паралелки во средните стручни училишта“, велат од Владата.
„За тоа дека вложуваме во дуалното образование и ги стимулираме и компаниите за нивна поголема вклученост, покажува и тоа што над 550 компании оваа година директно ќе бидат вклучени во практична обука на учениците што ќе се запишат во дуалните паралелки.
Воедно, ова значи дека учениците со завршување на средно стручно училиште, ќе имаат поголема веројатност за брзо вработување, во најголем дел во компаниите каде посетувале пракса, или пак да продолжат со своето образование на некои од универзитетите во државата.
Наш приоритет е да ја зголемиме вработливоста на младите лица и да создадеме квалификуван кадри со вештини и компетенции што се потребни на компаниите, а со тоа ќе овозможиме младите својата иднина да ја градат во сопствената држава.
Вложувањето во образованието, значи вложување во иднината и перспективата за развој на Македонија.
Како Влада фокус се реформите во образованието за подобар и поквалитетен образовен процес“, се наведува во соопштението на Владата.
Македонија
Делови од Сарај, Карпош и Чучер Сандево денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08.15 до 12.00 часот, корисниците од село Крушопек и Рекреативниот Центар Сарај. (општина Сарај)
· од 09.00 до 12.00 часот,корисниците во околината на ул. Женевска бр. 15. (општина Карпош)
· од 09.00 до 15.00 часот,корисниците во околината на Авто Сервис – Милошевски во с. Глуво. (општина Чучер Сандево)