Македонија
(Видео) Маж краде цвеќиња засадени на јавна површина во Тетово
Општина Тетово на профилот на социјалната мрежа „Фејсбук“ објави видео на кое се гледа како човек краде засадени цвеќиња, со кои е оформено името на градот.
„Изминативе денови се забележани неодговорни лица како оштетуваат јавен имот на улиците на градот Тетово. Конкретно, за време на викендот на главната сообраќајница на излезот од градот кон Скопје едно лице го украло цвеќето што беше засадено во овој дел расипувајќи ја глетката на влезот од градот. Општина Тетово апелира до сите граѓани да се грижат за јавниот имот и да го чуваат бидејќи тој е на граѓаните“, соопштија од Општина Тетово.
Од Општината потенцираат дека сите лица што ќе оштетат јавен имот, ќе бидат пријавени и против нив ќе бидат преземени мерки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Чаир: Од 23 до 26 јули ќе се одржи првото издание на Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“
Општина Чаир денес ја претстави програмата на првото издание на Меѓународниот музички фестивал „Чаршија“, кој ќе се одржи од 23 до 26 јули во автентичниот амбиент на Старата скопска чаршија.
Фестивалот претставува нова културна иницијатива на Општина Чаир, создадена со цел воспоставување нова уметничка традиција што ќе ја афирмира класичната музика, ќе ја зајакне меѓународната културна соработка и ќе го промовира богатото историско и културно наследство на Старата скопска чаршија.
Под уметничко раководство на светски познатите оперски уметници Инва Мула и Дешира Ахмети, фестивалот ќе донесе врвни музички содржини во еден од најзначајните историски простори во Скопје.
Градоначалникот на Општина Чаир, Изет Меџити, истакна дека фестивалот претставува стратешка инвестиција во културата и идентитетот на општината.
„Денес не претставуваме само нов културен настан. Денес ја претставуваме нашата визија Чаир да биде препознатлив не само по инфраструктурниот развој, туку и како простор каде што се создаваат нови културни вредности. Веруваме дека културата е најсилниот мост меѓу луѓето, а фестивалот „Чаршија“ е токму таков мост – меѓу традицијата и современоста, меѓу локалното наследство и светската уметност.“
Тој додаде дека амбицијата на Општина Чаир е фестивалот да стане препознатлив меѓународен културен бренд.
„Нашата цел е да создадеме традиција која секоја година ќе расте. Со оваа иницијатива испраќаме јасна порака дека Чаир има капацитет и визија да создава проекти со национално и меѓународно значење.“
Уметничката директорка Инва Мула оцени дека историскиот амбиент на Старата скопска чаршија претставува исклучителна сцена за класичната музика.
„Фестивалот „Чаршија“ носи идеја која ме инспирира уште од самиот почеток – класичната музика да стане дел од живото културно ткиво на простор кој со векови ги поврзувал луѓето и културите. Верувам дека ова прво издание е почеток на една долгорочна и успешна приказна.“
Сопранистката и коуметничка директорка Дешира Ахмети нагласи дека фестивалот има потенцијал да стане значајна регионална културна платформа.
„Создаваме фестивал кој ќе ги поврзува врвните уметници, младите таленти и публиката. Нашата цел е секое следно издание да носи нов квалитет, нови соработки и уште посилно меѓународно присуство. Уверена сум дека „Чаршија“ ќе стане препознатливо име на културната мапа на регионот.“
Во рамките на четиридневната програма ќе настапат реномирани домашни и меѓународни уметници, а концертите ќе се одржуваат во автентичните простори на Сули ан и Куршумли ан, претворајќи ја Старата скопска чаршија во сцена на класичната музика и културниот дијалог.
Македонија
1426 сообраќајни прекршоци викендов, лишени од слобода 64 лица за безобѕирно управување на возило
Во текот на изминатиот викенд како резултат на редовните сообраќајни контроли што ги реализираат полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи на патиштата низ државата, од вкупно 1426 издадени платни налози, 455 прекршоци се однесуваат на возачи кои не ја почитувале пропишаната брзина на движење, извести МВР.
„Лишени од слобода за безобѕирно управување на возило биле 64 лица, од кои 11 за возење под дејство на алкохол, 27 за возење без возачка дозвола, по еден возач за возење со брзина поголема од дозволената во населено место и возење со брзина поголема од дозволената надвор населено место, а еден поради претходно изречена забрана за управување на возило. Во истиот период одземени се 22 возила по член 300-б од Кривичниот законик.
Понатаму, според статистичкиот преглед од полициските активности, во текот на изминатиот викенд евидентирани се 187 прекршоци за неправилно паркирање, како и 61 санкција за возење под дејство на алкохол.
Од друга страна пак, а согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата санкционирани биле 126 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем. Исто така санкционирани се 150 учесници во сообраќајот кои што не користеле сигурносен појас. Согласно Законот за возила, 24 возила биле отстранети од сообраќај заради тоа што биле нерегистрирани, а седум заради техничка неисправност. Санкционирани се и двајца возачи поради неисполнување на пропишаните услови во однос на затемнувањето на стаклата на возилата (фолии).
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта“, соопшти МВР.
Македонија
Околу 30 казни за жители на Карпош поради неправилно постапување со отпад
Од Општина Карпош информираат дека инспекциските служби на општината имаат преземено акција за спроведување на двосменски дежурства, во насока на превентивна контрола при одлагање на кабаст и несоодветен отпад во контејнерите на ЈП „Комунална Хигена“.
Оваа иницијатива, додаваат од таму, произлезе од координативниот состанок кој претходно го организираше Град Скопје и општините во градот Скопје, каде беше договорено да се организираат вакви дежурства.
За време на акцијата, дежурните инспекциските служби кои работеа во две смени, вршеа контроли на повеќе критични локации низ општината, кои во оваа ситуација ги следеа активностите поврзани со одлагањето на кабастиот отпад, како и постапките за почитување на законските надлежности.
„Со присуството на инспекциските служби на теренот низ општина Карпош се овозможи навремено постапување, а во случаите во кои беше забележано неправилно постапување на одложениот отпад, на правните односно на физичките лица им беа изречени прекршочни мерки. Оттука, во текот на месец мај и јуни беа изречени околу 30 казни за граѓаните кои не се придржувале кон пропишаните правила. Самата постапка говори за позитивниот ефект и придонесот за подобрување на фактичката состојбата со регуларното одлагање на отпадот.
Во таа насока, Општина Карпош ќе продолжи со ваквите активности и во наредниот период, кои директно се насочени кон зачувување на животната средина и унапредување на јавната хигена во интерес на сите граѓани“, се истакнува во соопштеното.
