Македонија
(Видео) „Макфакс“ низ скопските маркети: некои од рафтовите празни, други полни со леб по 32 денара

Без леб останаа некои од маркетите во Скопје по одлуката на Владата да ја замрзне цената на 33 денари. „Макфакс“ направи обиколка во неколку познати брендови. Рафтовите, каде што до вчера стоеја полубелиот и белиот леб, во најголем дел се празни. Онаму каде што има леб, тој е производство на помали фурни и се продава по усогласени цени. Рафтовите на кои стои лебот чија цена не е замрзната и денеска се полни.
„Макфакс“ беше и во две познати скопски фурни. Во едната рафтовите беа полни со полубел и бел леб, кој се продаваше и под замрзнатата цена, односно за 32 денара. Овде имаше редица за купување. Во друг објект на истата пекарница, каде што на самото место се произведува лебот, рафтовите беа празни онаму каде што треба да стои лебот, кој денес е со замрзната цена.
Многумина од производителите денеска ја реализираа заканата дека нема да произведуваат и да носат леб на пазарот по укинувањето на субвенцијата за струја и по замрзнувањето на цената на лебот од страна на Владата.
Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека за производителите што нема да произведуваат леб, ќе има санкции од страна на инспекторатите. Тој ги повика пекарниците што бојкотираат на дијалог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Убиството на младината е убиство на иднината“ – граѓаните од Кочани на протест побараа правда за жртвите

Голем број граѓани на Кочани се собраа денес општинската зграда и побараа правда за жртвите од смртоносниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Граѓаните извикуваа „Убијци“ и носеа транспаренти со натписи: „Луѓето што имаа задача да не’ чуваат не’ убија“, „Убиството на младината е убиство на иднината“, „Бараме одговорност“.
На протестот, граѓаните носеа и фотографии од своите роднини и пријатели кои ги загубија животите на концертот на групата ДНК.
Тие се собраа пред зградата на Општина Кочани, извикувајќи „Секој еден може да биде следен!“.
Во пожарот во клубот „Пулс“ во Кочани, животот го загубија 59 млади луѓе, а 162 се повредени, од кои десетици се испратени на лекување во странство со тешки изгореници. Досега се уапсени 11 лица.
Претходно денес беше објавено дека починал и возачот на брзата помош од Кочани, Иле Гоцевски, кој ги превезувал повредените. По трагедијата и трауматичниот работен ден, дошол дома и заспал, и повеќе не се разбудил.
Македонија
Траат увидните дејствија за несреќата во дискотеката во Кочани, соопшти обвинителството

Увидните дејствија на терен за несреќата во дискотеката „Пулс“ сѐ уште траат, информираат од Јавното Обвинителство.
Според последните инфорации од таму, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски денеска повторно е во Кочани каде што ги координира активностите на тимот обвинители назначен да ги спроведува истражните дејствија.
Оттаму е најавена и изјава на Коцевски во 16:00 часот пред Основното јавно обвинителство Кочани.
Македонија
Утре ден на жалост и во БиХ поради трагедијата во Македонија

Владата на Босна и Херцеговина на денешната итна седница донесе одлука со која 18 март 2025 година го прогласи за Ден на жалост во Федерацијата Босна и Херцеговина поради трагедијата во Северна Македонија.
Оваа одлука е донесена за да се изрази сочувство до семејствата на жртвите од трагедијата што се случи на 15 март 2025 година во градот Кочани, Северна Македонија, кога најмалку 59 лица ги загубија животите во пожар.
Денот на жалост се одбележува со задолжително истакнување на знамето на Босна и Херцеговина на половина копје, или на јарболот, на зградите на законодавните, извршните и судските власти, јавните институции, институциите и другите правни лица на територијата на Федерацијата БиХ.
На Денот на жалост не може да се одржуваат културно-забавни програми на јавни места во Федерацијата БиХ, а медиумите на територијата на Федерацијата БиХ се обврзани да ја усогласат и прилагодат својата програмска содржина на Денот на жалоста.