Македонија
(Видео) Манасиевски: Братот на Венко Филипче, заедно со Вице Заев направи фотоволтаична централа

Братот на Венко Филипче, додека СДС беше власт, заедно со Вице Заев направи фотоволтаична централа, информира на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Братот на Венко Филипче, Никола Филипче заедно со Вице Заев си отвориле заедничка фирма и си купиле земјиште во Дојран од 23 илјади м2, на кое што за рекордно брзо време, добиле дозволи и си завршиле процедури и си изградиле фотонапонска централа. Никола Филипче и Вице Заев, користејќи ја моќта на нивните браќа, тогашен премиер и министер за здравство, по рекордно брзо време добиваат согласност од Министерството за транспорт и врски, и по само еден месец, во координација со градоначалникот на Дојран и Советот на Општината, се прави измена во ДУП-от и фирмата си поставува соларни панели на земјиштето“, вели Манасиевски.
Според проценките кои што ги има неговата партија како што рече, Филипче и Заев би произведувале околу 2000 мегават часови електрична енергија годишно, би заработувале околу 10 илјади евра месечно или 120 илјади евра годишно.
„Браќата на Венко Филипче и Зоран Заев, месечно на своето конто ќе додадат плус 25 минимални плати или 300 минимални плати годишно. Затоа Венко Филипче сака да дојде на власт. За да може да ги продолжи семејните бизнис интереси кои им носат милионски суми на годишно ниво“.
Филипче, според Манасиевски е во политиката само за да си ги задоволи своите апетити, а не да мисли на граѓаните.
Додава дека Филипче е завршена приказна за политичката сцена и како што оценува Филипче повеќе нема кредибилитет.
„Венко Филипче треба да си поднесе оставка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
На „Табановце“ и „Богородица“ за влез во државата се чека околу 20 минути

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини „Табановце“ и „Богородица“ времето на чекање за влез во државата изнесува околу 20 минути. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
„СДС да престане да ја понижува државата“, бара ВМРО-ДПМНЕ

„Одењето со глава во ѕид од страна на СДС, веќе можеме да го приметиме по коментарите од бугарските власти дека уставните измени не се последно нивно барање. Иако секојдневно, од СДС како да не пратат вести и коментари од Бугарија, продолжуваат со нивниот безобразен ПР каде што велат дека со спроведување на уставните измени, влегуваме во ЕУ, а знаеме дека не е воопшто така“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Министерот за надворешни работи на Бугарија, излезе и кажа дека уставните измени не се последното нивно барање, туку дека ќе има и други.
Знаејќи го ова СДС, ги бранат бугарските позиции кои се од најголема штетност врз македонскиот народ, само за да им се допаднат на Бугарите.
Во немањето решение и излез од ситуацијата, СДС само се понижуваше себеси и Македонија како држава. Велеа дека Гоце Делчев е Бугарин, а македонскиот јазик, бугарски.
Затоа, граѓаните ги казнија и јасно им порачаа дека не треба тие да им ја водат државата во бездна. ВМРО-ДПМНЕ гордо и достоинствено ја претставува Македонија на меѓународно поле!“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Опожарена површина од околу седум хектари со трска во Охрид

Вчера попладне во 17.25 часот во СВР Охрид е пријавено дека во месноста „Трно“ во близина на улицата „Прилепска“ во Охрид била опожарена површина од околу седум хектари со трска.
Повредени лица нема, а интервенирала Територијалната противпожарна единица од Охрид.