Македонија
(Видео) Манасиевски: Дали Филипче е изземен од случајот „Онкологија“, каде што се остварила добивка преку измама во висина од 2,2 милијарди денари

Нов ден, старо-нов скандал, а сето ова додека Филипче бил министер за здравство, истакна на прес-конференција Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, во периодот од 2018 до 2022, кога Венко Филипче бил министер за здравство, оштетен е буџетот на државата преку измама од над 2,2 милијарди денари или над 35 милиони евра.
„Вчерашната одлука на ОЈ, за завршување на истрагата за случајот ‘Онкологија’, каде што се поднесени кривични пријави за две лица, поранешните директори на Онкологија, Нино Васев и Нехат Нухи, но ќе се водат истраги и против лекари што биле вмешани во случајот, а омилениот обвинител на СДС и ДУИ, Гаврил Бубевски, не поведува истрага против Филипче, иако Филипче самиот директно или индиректно има дозволено системски башибозук и непочитување на шеесетина законски одредби.
Според членот 295 од Законот за здравствената заштита, каде што се вели, цитирам: „Надзор над законитоста на работата на здравствените установи врши Министерството за здравство“, што значи дека Филипче бил директно одговорен за тоа.
Го прашува Филипче, а Обвинителството, како што рече, треба да истражи, а не да затвора случаи, дали Филипче знаел дека не се дава онколошка терапија и дека одреден дел се крадел и продавал, дури на црниот пазар во Косово.
„Дали Филипче имал преглед дека немало следливост на онколошката терапија или бил соучесник во тоа?
Исто така, Филипче да одговори за долгот на Онкологија од 12 милиони евра? И да не заборавиме, дали сето ова што се случуваше на Онкологија беше само за компаниите блиски до Филипче да продаваат лекови и терапии по екстремно високи цени за граѓаните што треба да примат онколошка терапија“.
Огромни пари, заклучува Манасиевски, се исцедени од буџетот на државата токму во периодите на власт на Филипче.
Филипче, како што оцени тој, мора да одговара за секој случај што е поврзан со него.
„Доста е криење во партиски штабови и состаноци со неколкумина потрчковци, кои седат до него и го снимаат, само за да не излезе во јавност и да ги избегне нашите прашања. Филипче е синоним за криминал, корупција и неспособност“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Скопје
Арсовска го прозва Стојкоски: Аценце, ти направив 27 улици, ни фала не кажа и уште бегаш од дуел за хемиските фабрики

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, преку објава на својот профил на Фејсбук му се обрати на градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, со серија критики за неговото однесување и, како што тврди, неспособност да го признае придонесот на Град Скопје во реализацијата на инфраструктурни проекти.
„Ова е објава за читање за сите интелигентни и слободоумни граѓани, другите не читајте!“ – започнува Арсовска во својот пост, порачувајќи му директно на Стојкоски:
„Аценце, ти се обраќам да се потсетиш, како неспособната што спиела 3 години ти направи 27 улици во 5 населени места во Ѓорче Петров“.
Таа додава дека улиците биле изградени преку Јавното претпријатие „Улици и патишта Скопје“, без учество на општински средства, а Стојкоски само се појавил за да се слика, без притоа, како што вели, ни да се заблагодари.
„Ти ги направивме со скопското јавно претпријатие ‘Улици и патишта Скопје’, ти освен што се сликаше, не потроши ни денар, а не се ни заблагодари“, напиша Арсовска.
Во објавата, Арсовска повторно го повикува Стојкоски на ТВ дуел во врска со деталниот урбанистички план кој, според неа, овозможува изградба на хемиски фабрики и 31 висококатница во централното градско подрачје на Ѓорче Петров.
„Уште чекам да прифатиш ТВ дуел за ДУП-от кој го донесе за да се изградат хемиските фабрики и 31 висококатници сред Ѓорче Петров. Тоа што плаќате медиуми и партиски ботови да ве фалат, а другите да ги понижуваат, не значи дека сте во право!“, заврши градоначалничката.
Македонија
Има предлог за средба со Бугарија, треба Софија да се изјасни, рече Мицкоски

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информираше дека е во тек комуникација со Канцеларијата на Европската комисија во земјава околу иницијативата за средба со бугарската страна, и дека веќе постои предлог-термин, за кој сè уште се чека потврда од официјална Софија.
„Имаме комуникација со канцеларијата на Европската комисија и вчера и денес, се уште немам повратен одговор. Има предлог термин, да почекаме да се изјаснат од бугарската страна“, рече Мицкоски на новинарско прашање дали стапил во контакт со претседателот на Советот на ЕУ Антонио Кошта и дали Бугарија ќе прифати ваква средба.
Паралелно со ова, претседателката Гордана Сиљановска Давкова вчера изјави дека иако вообичаено се одржуваат средби со хомолозите, таа нема проблем да разговара и со бугарскиот премиер Росен Жељазков на претстојниот Самит на НАТО во Хаг. Таа појасни дека нејзиниот бугарски колега, претседателот Румен Радев, нема да присуствува на Самитот, што отвора можност за разговор со Жељазков во насока на деблокирање на евроинтеграциите на Македонија.
„Јас за евентуална средба разговарав со господинот Антонио Кошта, негов беше предлогот. Во меѓувреме, јас не знам, ќе бидам таму ако ми е мене редот. Инаку, се знае, ред е да се разговара со хомологот, но еве нема проблем, меѓутоа не зависи од мене туку зависи од нашите соседи“, рече Сиљановска Давкова.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ грубо ја злоупотребува трагедијата во Кочани за политички поени

ВМРО-ДПМНЕ денеска реагираше на обвинувањата од страна на СДСМ во врска со истрагата за трагичниот пожар во Кочани, при што загинаа деца, обвинувајќи ја партијата дека прави „груба злоупотреба“ на трагедијата со цел собирање политички поени.
„СДС прави груба злоупотреба на трагедијата во Кочани со цел да добие политички поен плус. Обвинувањата на СДС дека институциите постапуваат под притисок на опозицијата се безочна лага,“ велат од ВМРО-ДПМНЕ во писмената реакција.
Од партијата нагласуваат дека институциите сега постапуваат професионално и неселективно, и дека во истрагата се опфатени над 60 лица, меѓу кои актуелни и поранешни функционери, градоначалници, бизнисмени, вработени во институции и членови на Министерството за внатрешни работи, а дел од нив се веќе во притвор.
„МВР и институциите на системот ги доставија сите потребни докази и информации до Јавното обвинителство уште пред еден месец. Обемната документација, со над 60 опфатени лица, е доказ за темелна и сеопфатна постапка“, стои во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека постапувањето на институциите денес е спротивно на тоа што, според нив, се случувало во минатото за време на владеењето на СДСМ и Оливер Спасовски.
„Сега има одговорност за секој, без разлика кој е и од каде е. За разлика од МВР под Спасовски, каде што никој не одговараше за модуларната болница, Беса Транс или Ласкарци – случаи каде што имаше голем број жртви“, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.