Македонија
(Видео) Маричиќ: Владата нема да се спогоди со апликантите во Стразбур

Министерот за правда, Бојан Маричиќ, одржа прес-конференција, на која го искажа ставот на Владата на Република Северна Македонија во однос на апликациите поднесени до Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
„На 25 септември оваа година Европскиот суд за човекови права во Стразбур на одговор до Владата на Република Северна Македонија достави две групи со вкупно девет апликации поднесени против државата. Како што е веќе познато, обвинети во случаите, кои произлегоа од незаконското следење на комуникациите, односно од случаите на поранешното СЈО, поднесоа тужби пред судот во Стразбур повикувајќи се на аболицијата што во 2016 година ја прогласи тогашниот претседател на државата, Ѓорге Иванов“, рече тој.
При доставувањето на апликациите на одговор, Владата, според стандардната процедура на судот, има рок да се произнесе по нив до 18 декември оваа година, а тоа секако се однесува на можноста за спогодбено решавање на случаите. До истиот рок во однос на можноста за спогодување треба да се произнесат и апликантите, односно оние што ја тужат државата.
„Владата ја разгледа и усвои информацијата за можноста за спогодбено решавање на деветте предмети против нашата држава, а се однесуваат на тековни кривични постапки во врска со незаконското следење на комуникациите. Владата го задолжи владиниот агент во предвидениот рок да го извести судот во Стразбур дека Владата нема да ја користи можноста за спогодување со подносителите на тужбите против државата. Проектот ‘Вистината за Македонија’ беше оној што иницира силни општествени, политички и правни промени во државата, па затоа потребно е граѓаните да имаат можност и во правна смисла на зборот да ја дознаат вистината и сите оние што евентуално сториле криминал или ги прекршиле законите да одговараат за своите дела. Државата е обврзана на граѓаните да им обезбеди правда. Ние не сакаме и нема да прејудицираме дали некој е виновен, но ќе сториме сè што е во согласност на законите, сите за кои има сомнежи дека го прекршиле законот, преку соодветна правна постапка да се докаже дали се виновни или не“, вели министерот за правда.
Дополнително, според него, процесирањето на кривичните постапки што произлегоа од незаконското следење на комуникациите, вклучително и оние што се предмет на апликациите поднесени до судот во Стразбур, станаа и еден од критериумите според кој се вреднува напредувањето на државата во процесот на европските интеграции, степенот на владеењето на правото. Имено, и во последниот извештај на Комисијата како успех се забележува продолжувањето на постапките на сега згаснатото СЈО, преку кои се утврдува одговорност за злосторствата што произлегуваат од и за незаконското прислушување. Овој континуитет на постапките го овозможи новиот Закон за Јавното обвинителство за кој гласаа две третини од пратениците во Собранието.
„Дополнително, во делот на борбата против корупцијата, клучните препораки на Комисијата се да покажеме повеќе опипливи резултати во борбата против криминалот, односно да се зголеми бројот на конечни пресуди за случаите на висока корупција, вклучително и конфискација на имот стекнат со криминал. Сакам да потсетам дека во прогрес-извештајот на истата оваа Комисија во 2016 година најмногу се споменува терминот ‘заробена држава’, а на целосното расчистување на случаите, кои подоцна произлегоа од работата на поранешното СЈО, се гледа како на процес за ослободување на државата. Помилувањата на поранешниот претседател Иванов беа дадени спротивно на домашното право и како такви беа извор на правна несигурност и директен повод за големо незадоволство кај граѓаните.
Нивното поништување, пак, беше своевидно повторно воспоставување на нарушената правна рамнотежа. Владата е должна ваквиот став да го брани и застапува пред судот во Стразбур, а преку своите аргументи да му даде можност на судот да ги оцени упатувајќи со тоа уште една силна порака дека оваа Влада не е подготвена да прогласи врвна неказнивост. Ние немаме друга алтернатива, освен да останеме конзистентни на сопствените политики и заложби за неселективна правда, што секако нема никаква врска со пресумцијата на невиност на обвинетите“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Транспаренси: Македонија најлошо рангирана досега во борбата против корупцијата

Индексот за перцепција на корупцијата (ИПК) за 2020 година објавен денес од Транспаренси интернешнл открива дека корупцијата придонесува за уназадување на демократијата и влошување на состојбата со здравствените системи поради пандемијата предизвикана од Ковид-19. Државите кои се рангирани добро според индексот, инвестираат повеќе во здравството, се поспособни да обезбедат универзално здравствено осигурување и е помалку веројатно да ги повредат демократските норми и институции или владеењето на правото.
Оваа година ИПК 2020 го бележи најнискиот резултат и најниското рангирање на Македонија на Индекстот за перцепција на корупцијата од 2001 година кога првпат бевме рангирани. Оваа година, со непроменет број на поени од минатата 2019 година (35), Македонија се наоѓа на 111. место од вкупно рангирани 180 држави.
Според претседателката на УО на Транспаренси интернешнел, Делија Фереира Рубио „Ковид-19 не е само здравствена и економска криза. Тоа претставува и корупциска криза. Криза со којашто не успеваме да се справиме“. „Минатата година ги тестираше владите како ниту една претходно, и тие со поголеми степени на корупција се помалку способни да се справат со предизвикот. Но, дури и тие коишто се наоѓаат на врвот според ИПК мора итно да ја зајакнат својата улога во борбата против корупцијата на национално и меѓународно ниво“, вели таа.
За формирање на резултатот користени се податоците од 7 истражувања спроведени во последните две години. Значи станува збор за нови истражувања спроведени во 2019 и 2020 година, од релевантни организации и на основа на утврдена и проверена методологија. Притоа не се забележани големи осцилaции во однос на бодувањето од минатата година.
Позначителна осцилација во намалување на индексот од истражувањата се забележува кај индексот на World Justice Project Rule of Law Index, кој ја анализира состојбата во судството и владеење на правото, каде е забележан пад од 2 индексни поени, како и помала осцилација кај Freedom House, за 0,5 поени.Според Слаѓана Тасева, претседателка на ТИ-Македонија, ова укажува на тоа дека сè уште треба да се засилат и да се преземат поконкретни активности кои ќе дадат видливи резултати во: намалување на корупцијата и зголемување на ефикасноста на судството, зајакнување на активностите за спроведување на ефикасна борба против корупцијата, а посебно високата корупција која останува недопирлива за органите за прогон и за правдата, зајакнување на постапките за конфискација и враќање на она што е украдено од граѓаните, како и во обезбедување на поголема транспарентност на институциите, кои во услови на коронавирус беа речиси недостапни за граѓаните целосно напуштање на политичките влијанија и пазарења во постапките за вработувања и обезбедување конкурентност и подеднакви услови за сите при вработувањата, а со цел да се обезбеди ефикасна администрација која ќе биде професионална и компетентна до степен да обезбеди понатамошен развој на државата и континуитет во процесот за интеграција во Европската Унија.
Глобални забелешки
ИПК 2020 рангира 180 држави и територии според перцепирани степени на корупција во јавен сектор, базирајќи се на 13 експертски оценувања и анкети на бизнис-претставници. Користи скала каде што 0 значи високо корумпирани, а 100 многу чисти. Данска и Нов Зеланд се наоѓаат на врвот на индексот со 88 поени. Сирија, Сомалија и Јужен Судан се наоѓаат последни со 14, 12, и 12 поени.
Значајни промени
Од 2012 година, најпочетната точка на споредба според сегашната ИПК методологија, 26 држави значајно ги имаат подобрено нивните ИПК-бодови, вклучувајќи ги Еквадор (39), Грција (50), Гвајана (41), Мјанмар (28) и Јужна Кореја (61). Дваесет и две држави значајно ги намалиле нивните бодови, вклучувајќи ги Босна и Херцеговина (35), Гватемала (25), Либан (25), Малави (30), Малта (53) и Полска (56). Приближно пола од државите стагнираат на индексот речиси цела декада што покажува недоволни обиди на владите да се справат со причините за корупција. Повеќе од две третини се рангирани под 50.
Ковид-19
Корупцијата е закана за животите на граѓаните, посебно кога е комбинирана со предизвик за јавното здравје. Чистите јавни сектори се поврзани со поголема инвестиција во здравството. Уругвај, на пример, ја има највисоката ИПК-оценка во Латинска Америка (71), инвестира во јавното здравје и има робустен систем за епидемиолошко набљудување, што помогна во справувањето со Ковид-19 и други инфективни болести, како жолтата треска и Зика.
Спротивно, Бангладеш со оценка од само 26 инвестира малку во здравството додека корупцијата цвета за време на Ковид-19 која рангира од мито во здравствените клиники до несоодветна распределба на помош. Корупцијата е исто така присутна и во набавката на медицинска опрема. Државите со повисоки степени на корупција се повеќе подложни на злоупотреба на владеењето на законот и демократските институции за време на кризата предизвикана од Ковид-19. Помеѓу овие држави спаѓаат Филипините (34), каде што справувањето со COVID-19 беше карактеризирано со напади на човековите права и слободата на медиумите.
Со опаѓачки тренд, САД го достигнуваат најлошото рангирање од 2012 година, со 67 бодови. Во надополнување на наводните конфликти на интерес и злоупотреба на јавна позиција, во 2020 година слабиот надзор на 1 трилијони американски долари наменети за справување со Ковид-19 предизвика сериозни загрижувања и претставуваше уназадување на демократските принципи на одговорна влада.
Препораки
Минатата година ги истакна предизвиците на интегритет помеѓу кои и највисокорангираните држави покажаа дека ниту една држава не е слободна од корупција. За намалување на корупцијата и подобро справување со идни кризи, Транспаренси интернешнл препорачува сите влади да ги зајакнат надзорните институции и да обезбедат дека ресурсите се распределени на оние на коишто највеќе им се потребни. Антикорупциските и надзорни институции мора да имаат доволно средства, ресурси и независност во нивното работење, да обезбедат отворени и транспарентни процедури на склучување договори за да спречат несовесно работење, конфликт на интереси и да обезбедат фер цени.Да ја одбранат демократијата и да промовираат создавање граѓански простор за потикнување одговорност на владите и да објавуваат важни податоци и да обезбедат пристап до информации од јавен карактер со што јавноста ќе има лесен и навремен пристап до значајни информации.
Македонија
(Видео) Спасовски ги посети кандидатите за полициски службеници во Центарот за обука во Идризово

„Со големо задоволство ја прифатив поканата на Центарот за обука во Идризово за да видам како изгледа еден работен ден на кандидатите за полициски службеници од генерацијата 2019/2020. Посебно што, овие наши идни колеги, веќе го следат последниот од трите образовни модула – секој во траење од по четири месеци, исполнети со стручно и темелно подготвена наставна програма и практична работа, и за некој месец ќе започнат ново поглавје во нивниот професионален живот, со нивното официјално промовирање во припадници на полицијата на Република Северна Македонија“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при посетата на кандидатите за полициски службеници во Центарот за обука.
Министерот Спасовски ја искористи можноста да ги поздрави идните полициски службеници, кои пред започнувањето на професионалната обука поминаа низ интензивни и сложени циклуси на селекција базирана на сеопфатен систем на оценување и проценка на физичките, но и општообразовните, психолошките и здравствените критериуми, но и да види како изгледа сегмент од нивната теоретска обука, каде учат и ги совладуваат сите фундаментални знаења и практики од полициското работење, како и работа на подобрување на практичните вештини во спортската сала на Центарот, што секако ќе биде важен сегмент во понатамошниот работен ангажман на кандидатите.
„Иако професионалната обука за полициски службеници трае 12 месеци, оваа генерација беше принудена да се прилагоди на условите предизвикани од пандемијата со коронавирусот, што претпоставуваше професионалната обука да ја следат во период од година и два месеца, и тоа поделени во четири групи. А посебно задоволство причинува фактот што и оваа генерација може да се пофали со зајакнување на родовата рамноправност, односно 100-тина од вкупниот број на кандидати за полициски службеници се жени, што секако ќе придонесе за поуспешно интегрирање на жените во составот на полицијата, чија улога е извонредно важна во полициското работење“, посочи министерот Спасовски, порачувајќи им на кандидатите за полициски службеници да го вложат својот максимум до крајот на овој последен модул, со цел што подобри резултати во името на професионалните стремежи.
Во текот на посетата министерот Спасовски реализираше средба и со помошник министерот на Центарот за обука, Гоце Бачанов, кој информираше за актуелните состојби во Центарот за обука, текот на полициската едукација и предизвиците со кои се соочи генерацијата 2019/2020, како и предвидените активности на Центарот во тукушто отпочнатата година, во насока на континуирана полициска едукација согласно критериумите за квалитет на национално и на меѓународно ниво.
Македонија
Советничка група на ВМРО-ДПМНЕ: Езерото Треска жртва на урбаната мафија заштитена од власта

„Езерото Треска пред очите на целата јавност станува жртва на урбаната мафија заштитена од власта. Она што се случува во моментот таму е илегален грабеж и руинирање на она што претставува државна сопственост и заедничко добро на сите“, соопшти Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, градоначалникот Петре Шилегов не ја кажува вистината и лаже кога се обидува таквиот грабеж да го претстави како некое ревитализирање.
„Шилегов да каже од кога тоа корнење канделабри, рушење објекти и кршење бетон претставува ревитализирање а не грабеж. Во моментот се случува руинирање на општествено добро за кој директна одговорност има Шилегов, кој ветуваше враќање на стариот сјај на езерото. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата во целост ги поддржува барањата на автокамперите и бара од градоначалниците на градот Скопје, општината Сарај и Владата решавање на овој прпблем. Воедно во текот на денешниот ден Советничката група ќе побара на тековната седница Советот на град Скопје да расправа во однос на состојбата со Езерото Треска.Уништувањето на Езерото Треска станува неславен заштитен знак на владеењето на Шилегов“, се вели во соопштението.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Македонија2 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија1 месец
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Свет3 месеци
Нова студија – кај болните од Ковид-19 пред температура се јавуваат други два симптома