Македонија
(Видео) Митева: Неспособната Влада е виновна за ценовиот шок и за енергетската криза

Владата на СДСМ ја уништи економијата. Поскапи цени за парно и струја се нивната прва владина мерка, истакна на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Актуелната ситуација со БЕГ отвори многу прашања за СДСМ и навидум независната Регулаторна комисија за енергетика. Во согласност со варирањето на цената на гасот на светскиот пазар, СДСМ И РКЕ не успеаја да предвидат или предвидоа, но премолчеа дека БЕГ нема да има услов за функционирање во грејната сезона. Второ, врз основа на кои математички пресметки РКЕ и Владата донесоа одлука за поскапување на парното 14 отсто? Бислимовски убедуваше дека нема да има проблеми со компаниите, дека компаниите се обезбедени за грејната сезона и ги држеа граѓаните во неизвесност до последниот ден. Трето, дали овие средства со кои се врши субвенционирање на БЕГ се средства што претходно се обезбедени и планирани за оваа намена?“, рече Митева.
Дополнително, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, оваа криза прерасна во политичка можност за обвинување на Град Скопје и општините што немаат никаква улога ниту во регулирањето на цената ниту во договарањето на набавките за гас.
„Битиќи и Бектеши се пофалија дека е решен проблемот со парното, но одбегнаа да кажат колку пари ќе ги чини граѓаните“, рече Митева и посочи дека уште еден поразителен факт е дека ТЕ-ТО сега го дава гасот на одложено плаќање, без наплата, до обезбедување на ликвидноста и до потпишување деловно-техничка соработка, што укажува на фактот дека ТЕ-ТО работи со загуба.
Од опозициската партија оценија дека ценовниот шок, кризната состојба во енергетиката, која е проследена со економска и здравствена криза, е дело на Владата предводена од СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Тренчевска: Грижата за ранливите категории е високо на нашата агенда

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска при посетата на Општина Берово, беше во посета на установи од социјална заштита кои се во надлежност на Министерството за труд и социјална политика.
Заедно со градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски и поранешната министерка Јагода Шахпаска, го посетија Домот за стари лица д-р Иван Влашки – Берово каде што во моментот се сместени 37 корисници. Капацитетот на домот се прошири за 10 легла во 2021 година со отворање на третата ламела. Поради големата заинтересираност и реалната потреба на старите лица за згрижување во дом, направен е проект за објект – четврта ламела со тоа што би се зголемил капацитетот за уште 28 легла, информираа од министерството.
„Грижата за ранливите категории на граѓани, вклучително и старите лица е високо на агендата на Владата на Република Северна Македонија и Министерството за труд и социјална политика. Преку унапредување на правата и услугите кои произлегуваат од системот на социјална заштита обезбедуваме поголема грижа и задоволување на потребите на највозрасните граѓани во нашата држава,“ рече Тренчевска.
Таа го посети и малиот групен дом во Берово, отворен во 2009 година како организациона единица на Меѓуопштинскиот центар за социјална работа Берово а во него се сместуваат деца без родители и родителска грижа. Тој е прв од таков вид во нашата држава. Во моментов во него се згрижени четири деца , а за нив се грижи тим од 3 стручни лица (едукатори) и две негователки.
Посетата на Берово беше заокружена со средбата со вработените во Центарот за социјални работи што воедно беше можност за разговор во врска со правата и услугите од социјална заштита, и нивната успешна испорака до оние граѓани на кои поддршката им е потребна, соопштија од кабинетот на Тренчевска.
Македонија
Пендаровски на пречекот на трофејот на Светското првенство на ФИФА

Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на промотивниот настан за пречекот на ФИФА трофејот, во рамки на глобалната турнеја во пресрет на Светското фудбалско првенство, коешто ќе се одржи од 21 ноември до 18 декември оваа година во Катар.
Пендаровски го оцени како фудбалска историја доаѓањето на славниот трофеј меѓу македонските навивачи и вљубеници во фудбалот, во присуството на бразилската фудбалска легенда Жилберто Силва.
Пендаровски упати благодарност до организаторите за можноста и честа Северна Македонија да биде една од земјите домаќини на овој значаен спортски трофеј, информираа од неговиот кабинет.
„Нема поголемо задоволство, не само меѓу љубителите на фубалот и спортот, дека еден ден во блиска иднина, наместо претседателот на државата да го има во раце овој трофеј, капитенот на нашата фудбалска репрезентација да го крене високо и да го имаме постојано во просториите на ФФМ”, порача Пендаровски.
Македонија е меѓу 51 држава опфатени со промотивната турнеја, во која се вклучени и сите 32 земји-учеснички на Светското фудбалско првенство во Катар.
Македонија
Петровска со синдикатите – се усогласувале измените за подобар Закон за служба во Армијата

Министерката за одбрана Славјанка Петровска денеска во Домот на Армијата во Скопје оствари заедничка средба со претставниците на Независниот синдикат на одбраната, Синдикатот на одбраната и безбедноста, Независниот синдикат на професионалните војници на Македонија, Независниот синдикат на професионални војници – СО, и Иницијативниот одбор на армиските пензионери, на која беше постигната согласност околу предлог измените на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија.
„Заедно сме обединети за иста цел. Преку интензивните дискусии што ги имав со вас дојдовме до предлози кои значајно ќе ги подобрат правата на нашите припадници, како што се усогласување со минималната плата, а тоа значи линеарно зголемување на платите на активниот воен и цивилен персонал, правото на остварување на пензија ќе биде со навршување на 40 години работен стаж односно 38 за жените без оглед на возраста, а ќе се изврши и нова пресметка за активниот воен и цивилен персонал кој правото на пензија го стекнал од денот на формирање на Армијата во висина од 80% во текот на најповолните десет години од пензискиот стаж“, рече Петровска.
Во однос на отпремнината како можност за професионалните војници со навршени 45 години возраст, во износ од 1000 евра за секоја година помината во Армијата, новиот предлог согласно барањето на Синдикатите е износот да биде две просечни плати но не помалку од 1000 евра, со што е оставен простор за повисок износ.
До предлагањето на измените на Законот на барање на Синдикатите, Министерството за одбрана се обврза да ја провери можноста правото за земање отпремнина да се прошири на професионалните војници со навршени 45 години кои се задржани како помошно технички персонал во Министерството, и да утврди дали условите за пензионирање на припадниците на Армијата може за важат за војниците распоредени по навршувањето на 45 години во други институции.
Дополнително министерката Петровска презеде обврска да отвори уште една можност за професионалните војници со навршени 45 години – тие да бидат дел од реформата на Системот за управување со кризи, да бидат опфатени со Законот за критична инфраструктура и Законот за вработени во МО.
Предлог измените и дополнувањата на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија беше повлечен од страна на министерката Петровска со цел да биде дополнет и доставен до Собранието како заеднички производ, креиран преку еден инклузивен процес на Министерството, Генералштабот и синдикатите на одбраната.