Македонија
(Видео) Митева: Шилегов и во 2019 година бил донатор на скандалозниот проект на скопскиот извиднички одред

Шилегов со прекинувањето на договорот со првиот скопски извиднички одред и со оградувањето од активностите што предизвикаа жестоки реакции во јавноста дава директно признание и докажа дека стравува од одговорност за тоа што Град Скопје е донатор на вакви проекти, обвини денеска портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Поради скандалот што се случил во извидничкиот камп, во моментот малолетно девојче посетува психолог поради трауми, организаторите на настанот се повикани на распит, а Шилегов само тивко се обидува да ја одбегне одговорноста што ја има како донатор на проектот“, посочи Митева.
Според неа, актуелниот градоначалник се обидува да ја манипулира јавноста со тврдења дека во проектната документација доставена до Град Скопје ја нема наведено спорната активност.
„Во согласност со извештајот на веб-страницата на Првиот скопски извиднички одред може јасно да се види дека во 2019 година Град Скопје бил донатор на истиот овој проект. Ова е годишниот извештај од Првиот скопски извиднички одред и јасно се гледа дека донатор е Град Скопје“, истакна партиката портпаролка.
Како што рече таа, Шилегов како градоначалник е должен да биде отчетен пред скопјани за тоа каде и како се трошат средства од градската каса.
„Шилегов има обврска да даде одговор дали се информирал за тоа кој е обучувач за сексуалното образование што им го нуделе на младите, од каде што добиле дозвола за негово спроведување, колку време се спроведува оваа обука, како во детали изгледале активностите, дали се изведувани повеќе години и која е целта на кампот“, посочи Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Спасовски: Позитивните резултати во борбата со криминалот и корупцијата ја вратија довербата во полицијата

Во рамки на дводневната конференција организирана од страна на Владата, „Година на нови можности“ се оддржа и панел сесијата „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“, на која учество земаа министрите за надворешни работи, за одбрана и за внатрешни работи, Бујар Османи, Славјанка Петровска и Оливер Спасовски, како и деканот на Факултетот за безбедност Никола Дујовски и претседателот на Евро-Атланскиот совет Исмет Рамадани.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на прашањето како МВР од аспект на внатрешната безбедност се справува со организираниот криминал, шверцот со дрога и корупцијата, како и проблемот со мигрантите, како безбедносни предизвици кои не препознаваат држави и граници посочи дека 2022 за МВР беше успешна година со 2,4 тони запленета дрога, со околу 20 тони прекурсори.
Во делот за борбата против коруцијата, Спасовски истакна дека можеби тоа е делот за кој треба многу повеќе да се зборува и да се презентираат резултатите во овој дел на работењето на министерството за внатрешни работи.
„Во борбата со корупцијата имаме зголемување на ефикасноста скоро за 50% ако ја споредиме 2021 година. Скоро 250 милиони денари е штетата којашто е направена во делот на корупцијата и тоа е показател не само дека институциите се свртени кон борбата со корупцијата, туку јакне и јавната свест на граѓаните коишто се охрабруваат и пријавуваат“, потенцираше министерот Спасовски.
Тој истакна дека се менуваме сите ние заедно, сфаќаме дека корупцијата го јаде општеството, ги јаде новите работни места го јаде развојот итн..
„И најважно во делот на миграцијата ќе го споменам само договорот со Фронтекс којшто е потпишан. Значаен прв договор, којшто го склучи Северна Македонија со Европската комисија од почетокот на преговорите и создаде трајна основа за заедничко справување со мигрантската криза”, подвлече Спасовски.
Македонија
Андов: Тезите на ВМРО-ДПМНЕ дека затворениците намерно се ослободуваат се штетни, бараме извинување

По повод последните обвинувања од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот портпарол Наум Стоилковски, Казнено-поправната установа „Скопје“ остро реагира на изнесените наводи, кои се ноторни лаги и манипулации.
„Оддалечувањата на затворениците од отворениот и полуотворениот дел на затворот треба веднаш да престане да се злоупотребува од страна на политичката партија и со ваквите настани да се собираат политички поени. Дотолку повеќе што управата на затворот секогаш постапува во согласност со законите, правилниците, процедурите, констатирано и од Управата за извршување санкции, кој е наш контролор.
Тезите што ги наметнува политичката партија, а со кои сака да наметне дека затворениците намерно се ослободуваат, е штетна не само за угледот на казнено-поправната установа туку и за целиот затворски систем, кој е создаден за ресоцијализација на осуденици, сторители на кривични дела. Демант на ваквите наводи е фактот што осудените лица при оддалечување не само што експресно се пронаоѓаат од полицијата туку тие се враќаат во затворот и се сместуваат во затворениот дел на затворот во согласност со правилникот. Наметнувањето на тезата дека некој има интерес од пуштањето затвореници од затворот е неточна, но наметнува прашање дали во владеењето на минатата власт така се третирале затворениците? Сега извештаите на сите меѓународни и домашни институции се во насока дека установите не се логори, туку затвори во кои се ресоцијализираат осуденици во далеку подобри услови од порано“, велат од КПУ „Затвор Скопје“.
Партијата и портпаролот Стоилковски, додаваат од таму, треба да знаат дека за клеветење се одговара во согласност со Законот за граѓанската одговорност.
„За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед. Бараме од партијата и портпаролот во рок од 48 часа извинување за сите изнесени манипулативни, тенденциозни и неточни наводи, затскриени зад прашања, претставени на прес-конференција. Во спротивно, најавуваме соодветна постапка за утврдување одговорност пред надлежните институции“, посочува директорот на затворот во Скопје, Филип Андов.
Македонија
Османи: Имаме искрени намери со Бугарија да го вратиме позитивниот тренд на дијалог и соработка

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на годишната конференција „Година на нови можности“ нагласи дека надворешната политика останува фокусирана во реализација на клучната стратешка цел: членство во Европската Унија заклучно со 2030 година. Во тој контекст врвен приоритет останува негувањето на добрососедските односи, вклучувајќи го и дијалогот со Република Бугарија.
„Во однос на Бугарија, имаме искрени намери да го вратиме позитивниот тренд на дијалог и соработка воспоставен минатата година, иако на краткорочен план претстојните избори кај нив се отежнувачка околност за прогрес на билатералните односи. Сепак, остануваме посветени на смирувањето на тензиите и деескалација на вжештената атмосфера, која се огледа и во непропорционалните реакции за еден единствен случај за кој државата веднаш ги презеде сите потребни мерки за негово расчистување. Важно да не дозволиме провокативни тенденции од двете страни на границата да го киднапираат процесот во насока, што нема да е од интерес за двете држави. Но, во секој случај е во интерес на трети актери, со кои немаме многу заедничко“, рече Османи.
Преку видеообраќање од Брисел, каде што во својство на претседавач со ОБСЕ престојува во посета на НАТО и ЕУ-институции, Османи нагласи дека оваа година земјата има исклучителна можност да се докаже како кредибилен партнер на меѓународната заедница преку претседавањето со ОБСЕ, САД – Јадранската повелба, како и со процесот за соработка во Југоисточна Европа.
„Претседавањето со најголемата регионална безбедносна организација претставува историски момент за Северна Македонија, но и голем дипломатски предизвик, бидејќи се одвива во исклучително сложени меѓународни односи, нарушена безбедносна архитектура на континентот и практично во време на активна воена агресија на една земја членка врз друга земја членка на Организацијата. Тоа ја прави работата на Организацијата уште покомплексна, но во исто време и исклучително потребна“, истакна тој.
На панелот со наслов „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“, Османи говореше и за достигнувањата минатата година, меѓу кои: почетокот на пристапните преговори за членство во ЕУ, добриот извештај на Европската комисија, постигнувањето 100 % усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, потпишувањето на договорот со Фронтекс, лансирањето на стратешкиот дијалог со САД и други.