Македонија
(Видео) Митрески: Блокадата на Собранието не успеа, парламентарното мнозинството работи за граѓаните

Пропаднаа обидите за деструкција од страна на ВМРО-ДПМНЕ и ништо не се постигна, освен што се одолжуваше усвојувањето на дневниот ред, изјави координаторот на пратеничката група на СДСМ и коалицијата, Јован Митрески.
Тој рече дека се потрошиле два дена, но дека сепак на крајот дневниот ред се усвоил и Собранието продолжува со работа.
„Со одолжување никој не добива, само губат граѓаните, губи државата. Безсмисленоста и безидејноста се гледа во предлозите што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ги даваа во претходните два дена. Таков е Законот за финансиската стабилност, во кој се прифатени амандмани на ВМРО-ДПМНЕ, и го прифативме нивното барање тој да се разгледува во погорните точки на дневен ред, но и за нивниот прифатлив предлог гласаа против дневниот ред.
Законот за животната средина е важен за граѓаните, важен и според нас и според ВМРО-ДПМНЕ, ама очигледно за нив само декларативно бидејќи со сите сили се обидуваа да не се донесе дневниот ред и гласаа против.
Законот за спречување перење пари и финансирање тероризам исто така е многу важен, а наводно е значаен и за ВМРО-ДПМНЕ, сепак гласаа против и овој закон да биде на дневен ред затоа што нивните заложби се декларативни.
Митрески истакна дека одлуките за испраќање припадници во мисија никогаш не биле спорни од ниедна опозиција во сите 30 години независност, ама оваа, како што ја нарече, нашава активна бојкотирачка опозиција, иако искажува наводна загриженост и важност за тие прашања да бидат на дневен ред и да се изгласаат, тие ги блокираат на Законодавно-правната комисија за да нема деловничка можност за нивно носење.
„Тоа е дефиниција за лицемерство, а лицемерство е второто име на ВМРО-ДПМНЕ. Сите други предлози што јавноста ги слушна од типот втората точка да биде петта, петтата да биде осма, седмата за биде дванаесетта… итн, иако бесмислени и иако ги прифативме само за да излезе на виделина нивната деструктивност, сепак на крајот и за таквите сопствени предлози гласаа против носењето на дневниот ред“, изјави Митрески.
Во време на најголема светска економска и енергетска криза, рече Митрески, Собранието мора да биде функционално и ефикасно да носи решенија во интерес на граѓаните и заштита на нивниот стандард.
„Тензии, надвикувања, скокања од место, се целосно непотребни. Колку и да е голема нервозата во раководството на ВМРО-ДПМНЕ, ги повикуваме пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, особено оние што не се соогласуваат со ваквата политика на нивното раководство, а ги има во голем број, да се охрабрат и да дејствуваат државнички, во интерес на граѓаните. Ние пратениците, и од мнозинството и од опозицијата, сме избрани од граѓаните, тука сме за граѓаните и треба да работиме за граѓаните, особено во вакви тешки моменти поврзани со сè што се случува во Европа и светот. Блокадите по налог на Христијан Мицкоски повторно ќе бидат поразени“, рече Митрески.
Тој порача дека имаат одговорност пред граѓаните, кои им ја дале обврската да носат решенија во нивен интерес и да ги надминат сите блокади и опструкции од опозицијата. Митрески додаде дека сите потребни законски решенија што се во интерес на граѓаните и државата ќе бидат донесени, без разлика на блокадите на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Архиепископот Стефан и српскиот патријарх ќе служат литургија и во Скопје на Денот на сесловенските просветители

Со радост му соопштуваме на верниот народ дека од 23 до 24 мај 2022 година во посета на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) ќе престојува делегација на Српската православна црква (СПЦ) предводена од Неговата Светост, соопшти Синодот на МПЦ-ОА.
„На 24 мај, со почеток од 9 часот, во Соборниот храм ‘Св. Климент Охридски’ во Скопје, Неговата Светост, српскиот патријарх г .г. Порфириј и Неговото Блаженство, архиепископот охридски и македонски г. г. Стефан, заедно со архијереи од двете сестрински цркви, ќе служат божествена литургија“, се наведува во соопштението.
Од МПЦ-ОА ги повикуваат верниците да земат масовно молитвено учество.
Вчера, во црквата „Свети Сава“ во Белград, СПЦ и МПЦ-ОА по 55 години, првпат одржаа заедничка литургија.
Македонија
Драчево, Долно Лисиче и Батинци добија вода, од „Водовод“ им благодарат на граѓаните за трпението

Прекинот на водоснабдувањето во Драчево, Батинци, Моране, Долно Лисиче и во околните места е саниран, информираат од ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје.
„Овој тип на дефекти се случуваат навистина ретко, но нивната природа предизвикува прекинато водоснадбусвање во подолг временски интервал. Благодарност до граѓаните од овој дел на градот за трпението и разбирањето за време на отстранување на дефектот“, се навдува во соопштението на ЈП „Водовод и канализација“.
Според информациите од јавното претпријатие, проблемот бил во пукната цевка со профил Ф 600 на улицата Борис Трајковски, но при копањето за санација на пукнатата цевка биле откриени уште неколку дефекти на спојките.
„Отстранувањето на дефектот беше успешно реализирано во 16.45 часот, а водоснабдувањето за населените места Усје, Пинтија, Батинци, Студеничани и село Моране, кои се снабдуваат со вода преку резервоари (висока зона), се нормализира по 18 часот“, стои во соопштението.
Македонија
Османи на билатерални средби во Торино

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа, кој се одржа во Торино, оствари билатерлани средби со министрите за надворешни работи на Грузија – Илија Дарчијашвили, на Азербејџан – Џејхун Бајрамов, на Ерменија – Арарат Мирзојан, на Република Молдавија – Нику Попеску, и првата заменик-министерка за надворешни работи на Украина – Емине Џафарова.
Како што информираат од Министерството, фокусот бил на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, безбедносната состојба во ОБСЕ-регионот, како и нарушената безбедносна архитектура во Европа. Биле разменети мислења и за ситуацијата во Украина и искористувањето на механизмите на Советот на Европа за одговорност за кршењето на човековите права. Била потенцирана и важноста на ЕУ-перспективата како за земјите од Западен Балкан така и за тие од источното партнерство.
Османи укажал дека како дел од триото претседавачи со ОБСЕ оваа година и иден претседавач во 2023 година, Северна Македонија силно се залага за зачувување на основните принципи и вредности на Организацијата – како што се почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на земјите учеснички на ОБСЕ.