Македонија
(Видео) Митрески: ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата блокираат сѐ што е во интерес на граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ и опозицијата во Собранието блокираат сѐ што е во интерес на граѓаните, обвини Јован Митрески, координатор на пратеничка група на СДСМ и коалицијата.
„ВМРО-ДПМНЕ вчера се охрабри повторно да блокира важни закони за граѓаните, а еден од нив беше и законското решение со кое глобите за инвалидските организации се намалуваат, а истовремено се воведува и опомена пред казна. Цел ден зборуваа буквално за сè, освен за законот, освен за тоа дека казните ќе се намалат и ќе се вовоеде опомена пред казна. Ете толку ВМРО-ДПМНЕ мисли на граѓаните, толку мисли на ранливите категории“, рече Митрески.
Слично вака, додаде тој, се однесуваа и за носење на буџетот за 2021 година кога ја напуштија салата мислејќи дека нема кворум, дека буџетот за следната година нема да може да го донесеме.
„ВМРО-ДПМНЕ, но и Алтернативата, Алијансата и Левицата, беа подготвени да ја остават државата со привремено финансирање. Опозицијата беше спремна да го загрози исплаќањето субвенции за земјоделците, исплатата на детскиот и образовен додаток, зголемувањето на платите за лекарите, исплатата на месечниот надоместок за стечајните работници. Сето ова беше под закана од страна на неодговорната опозиција. И наместо да ја научат лекцијата, вчера опозициските пратеници продолжија со блокади и деструкции. И не само што не се засрамија туку и јавно се фалат со нивните блокади на важни закони“, рече Митрески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Брзи антиген тестови на скопскиот аеродром

Со цел да одговори на најновите рестрикции за патување воведени поради Ковид-19 од страна на земјите од ЕУ/Шенген зоната, ТАВ Македонија, заедно со генетската лабораторијата при Жан Митрев Клиник креираа решение за правење брзи антиген тестови непосредно пред заминувањето на патникот.
Почнувајќи од неделата, 24-ти јануари, амбулантно возило за тестирање на клиничката болница е распоредeно пред терминалната зграда на Меѓународниот Аеродром Скопје, во близина на единствениот отворен влез за патници „Departures C“, каде што патниците можат да го извршат потребниот брз антиген тест и да го добијат резултатот за 15 до 20 минути од земањето примерок.
Медицинското возило за тестирање на „Жан Митрев” Лабораторијата за генетика и персонализирана медицина и Центарот за истражување применета микробиологија и биотехнологија, ќе биде присутно на Меѓународниот Аеродром Скопје секој ден кога има летови до државите кои бараат брз антиген тест, четири часа пред времето на полетување до секоја од дестинациите.
Целта е да се обезбеди опција на патниците кои заминуваат кон дестинациите во Холандија, Германија и Велика Британија, со цел тие да имаат доволно време да извршат брз антиген тест, пред да влезат во зградата на аеродромот и да почнат со аеродромските процедури, ако тестот веќе не го направиле пред нивното пристигнување на аеродромот.
За повеќе детали во врска со самиот тест, патниците треба да ја контактираат лабораторијата „Жан Митрев“ на 02/3091484. Додека за детални информации во врска со тестовите коишто ги прифаќаат земјите од ЕУ/Шенген, ТАВ апелира до патниците задолжително да ја контактираат својата авиокомпанија и Амбасадата на земјата на нивното пристигнување.
Доколку патниците одлучат да направат брз антиген тест на Меѓународниот Аеродром Скопје, со цел да не се создава метеж пред аеродромската зграда, треба да пристигнат на Аеродром најмалку 4 часа пред времето на полетување.
Како што претходно беше објавено, Холандија бара задолжителен негативен брз антиген тест не постар од 4 часа пред качување во авион, како дополнување на нивното барање за задолжителен негативен PCR-тест. Германија бара негативен брз антиген тест одобрен од СЗО не постар од 48 часа, но исто така прифаќа PCR, LAMP или TMA тестови. Велика Британија бара негативен антиген тест не постар од 72 часа, но исто така прифаќа PCR или LAMP тестови.
Во моментов, само брзите антиген тестови одобрени од СЗО може да се направат на Меѓународниот Аеродром Скопје преку услугите на Жан Митрев Клиник. За сите други Ковид-19 тестови, ТАВ Македонија апелира до патниците да ги направат во авторизирана болница/лабораторија пред нивното пристигнување на аеродромот.
Со оглед на тоа што ЕУ/Шенген земјите постојано ги менуваат правилата за патување поврзани со Ковид-19 и секоја земја самостојно прави промени во однос на рестрикциите за граѓаните на Република Северна Македонија, патниците пред да тргнат на нивното патување, задолжително да ги проверат последните барања со нивната авиокомпанија и со Амбасадата на земјата во која што планираат да пристигнат.
Македонија
Најмногу снег на Попова Шапка

Утрово на Попва Шапка има највисока снежна покривка од 40 сантиметри.
Според последните информации од УХМР, снег има и во Лазарополе (23 сантиметри) и Маврово (13).
Температурите секаде се над нулата, освен во Лазарополе каде е измерен -1 степен.
Инаку, времето денеска е облачно со повремени врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег, а попладне ќе преминат во снег и на повеќето пониски места, но главно ќе слабеат по интензитет.
Попладне и кон крајот на денот ќе дува силен северен ветер, што ќе услови нагло опаѓање на температурата. На повисоките места ќе се формира снежна покривка, а на планините дополнително ќе се зголеми, но поради засилениот ветер ќе има услови за појава на снежни наноси. Во западните делови ќе се формира мала снежна покривка и на пониските места.
Температурата во текот на денот ќе се намалува, па мaксималните вредности на повеќето места ќе бидат оние измерени утрово, во интервал од 4 до 10 степени.
Во Скопје облачно со повремени врнежи од дожд, кои попладне ќе преминат во снег, но ќе ослабат. Ќе дува силен северен ветер. Максималната температура ќе биде околу 5 степени, а преку денот ќе се намалува.
Македонија
Португалското претседателство ќе настојува да почнат преговорите на Македонија со Европската Унија

За Португалското претседателство процесот на проширување е важно прашање, истакна министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантош Силва.
Како претставник од земјата која е претседавач со Советот на ЕУ, тој рече дека во рамките на нивните надлежности ќе направат сѐ што е во нивна моќ, да се динамизира дијалогот за усогласување на Преговарачката рамка и формално да се отпочнат пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ.
Ова беше истакнато на средбата што ја оствари Силва со заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на првиот ден од работната посета на Брисел.
На состанокот беше отворено европското досие на Северна Македонија, за што двете страни разменија мислења за идните можни чекори кои би се реализирале под палката на Португалското претседателство со ЕУ.
Димитров и Османи беа едногласни за време на разговорот дека евроинтегративниот процес мора да добие засилено внимание особено во случајот на Северна Македонија која од март минатата година има консезуална одлука од сите земји членки за отпочнување на преговорите. Тие ја потврдија посветеноста на земјата кон реформскиот процес, нагласувајќи дека јасната перспектива на земјата како идна полноправна членка на ЕУ, претставува најсилен поттик за продолжување на реформскиот процес и инкорпорирање на европските вредности дома.
Силва даде осврт и на приоритетите на Претседателството кои се насочени кон социјална, дигитална и зелена Европа; со зајакната доверба на нејзините граѓани во европскиот социјален модел; промовирање на Унија заснована на заеднички вредности, солидарност, трансформација и кохезија – Унија способна на координирана акција за закрепнување од кризата предизвикана од Ковид-19.
Средбата беше одржана на маргините на вчерашниот Совет за надворешни работи на ЕУ на кои присуствуваа министрите за надворешни работи на земјите членки.
Во рамките на вториот ден од посетата, предвидени се заеднички средби на Димитров и Османи со високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, со специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак, како и со претставници на Генералниот директорат на ЕК за соседство и преговори за проширување.
- Книги1 месец
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија2 месеци
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира
- Македонија1 месец
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот