Македонија
(Видео) Митрески: Невработеноста ќе ја намалуваме по три отсто годишно

Нашата понуда носи нова македонска развојна економија, која обезбедува повеќе инвестиции, нови работни места и повисоки плати, вели Јован Митрески, носител на кандидатската листа на СДСМ и коалицијата во ИЕ 5.
Како што рече тој, програмата на СДСМ предвидува до крајот на мандатот економијата да се врати на солиден и одржлив раст од 4 отсто.
„Износ на странски инвестиции од најмалку една милијарда евра за 4 години, засновани на иновации, висок степен на финализација на производи и услуги и одржливост на бизнисите. 2,2 милијарди евра јавни инвестиции и 1,2 милијарди евра директни приватни инвестиции. 600 милиони евра поддршка за домашни и странски инвестиции. Невработеноста ќе ја намалуваме за 3% годишно, до едноцифрена стапка на крајот на мандатот“, порача претставникот на СДСМ нагласувајќи дека гласачите од една страна го имаат концептот на СДСМ за пари кај граѓаните, од друга е ВМРО-ДПМНЕ која, како што рече, ги краде парите од граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ковачевски: Подобрувањето и унапредувањето на состојбите во образованието е приоритет

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, заедно со министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, присуствуваа на настан по повод презентација на нова лабораториска опрема и на резултатите од научно-истражувачките проекти на Фармацевтскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
На настанот, премиерот Ковачевски, во изјава за медиумите, истакна дека новата лабораториска опрема и научно-истражувачките проекти на Фармацевтскиот факултет имаат значаен придонес во научно-истражувачката дејност и воопшто во развојот на фармацевтската индустрија.
Со опремата во вредност од 450 илјади евра, обезбедени преку Министерството за образование и наука и дел од Фармацевтскиот факултет, како што посочи премиерот Ковачевски, се зајакнуваат и развиваат потенцијалите и капацитетите на четирите лаборатории на овој факултет.
Држава која инвестира во науката, рече премиерот Ковачевски, инвестира во својата иднина, раст и развој, инвестира во образовани кадри кои се конкурентни во светски рамки. При тоа, премиерот потенцира дека заложбата на Владата не е да извезуваме кадри, туку да ги задржиме дома.
„За прв пат по 10 години, во 2021 година е спроведен Конкурс за финансирање на научно-истражувачки проекти за јавните научни установи и одобрени се 7 проекти од јавен научен интерес во износ од над 300 илјади евра на седум јавни научни установи во државата. Спроведен е и Конкурс за набавка на опрема за лаборатории и акредитација на лаборатории за сите субјекти кои вршат научно-истражувачка работа во рамките на кој се одобрени вкупно 44 апликации за финансирање. Дел од овие одобрени проекти се и проектите на Фармацевтскиот факултет, а лабораториите кои работат овде се сертифицирани согласно сите светски и европски стандарди и можат да работат на истражувања кои важат во ЕУ и во другите развиени држави. Се работи за тригодишни проекти, чија вкупна вредност е речиси 318 милиони денари или над 5 милиони евра, во кои над 70% е учеството на државата во реализацијата на проектите“, истакна премиерот Ковачевски.
Во изјавата, премиерот Ковачевски посочи дека паралелно се работи на повеќе нивоа и дека подобрувањето и унапредувањето на состојбите, генерално во образованието е приоритет. Во таа насока беше истакнато дека со Законот за високо образование од 2018 година, е вратена автономијата на универзитетите и е основан Национален совет за високо образование и научно-истражувачката дејност, како и Агенција за квалитет во високото образование. Воедно, во 2021 година за прв пат е потпишан Колективен договор со кој се обезбедува континуиран раст на платите.
Македонија
Формирана е ФАМа – Феминистичка антифашистичка мрежа

На 6 декември, официјално е формирана ФАМа – Феминистичка антифашистичка мрежа која засега обединува над 100 активистки, политичарки, истражувачки, уметници, работнички од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Северна Македонија, Словенија и Србија. Централниот настан се одржа во Белград, при што преку видеовклучување, учество земаа претставнички од сите земји на некогашната заедничка држава.
Присутните од кај нас ги поздрави Санела Шкријељ која истакна:
„Живееме во времиња кога сè почесто се сопнуваме од фашистички наративи, облечени во популизам и женомразење, кога етнонационализмот се продава како патриотизам, кога насилството ни го бои секојдневието и не поштедува ничие ментално здравје. Затоа не само што е важно, туку е и насушно потребно да ја имаме ФАМа – и да се погрижиме таа да биде гласна, да расте и да биде светол пример за солидарност и емпатија, бидејќи за нас е неприфатливо да молчиме пред неправдите!“, рече таа.
Македонија
Мајката на Вања: Сè уште не можам да разберам зошто моето девојче е сега во гроб

Не ме интересираше неговиот живот. Мојот живот беа моите деца и мојата работа. Беше оставен на мира и разговаравме само за децата, вели за поранешниот сопруг Зорица Ѓорчевска, мајката на убиената Вања, во разговорот за српскиот весник „Република“.
„Не можам да зборувам. Сè уште не знам зошто се случи ова. Сè уште го чекам епилогот од сето ова. Сè уште не ми е јасно зошто мојот најнормален живот се претвори во пекол“, вели Зорица во разговорот.
„Просто ми е несфатливо како и зошто моето прекрасно девојче сега е во гроб. Имам хронична болест, но се држам, важно ми е да ја знам вистината, а другата ќерка моментално е болна, сите се надеваат дека ќе биде добро. Ве молам, премногу ве замолувам да почекаме додека не дознаеме зошто се случило тоа“, рече таа.
Зорица за поранешниот сопруг вели дека биле во добри односи, но разведени веќе пет години.
„Ништо не знам. Сето ова ми е нереално. Но, веќе пет години сме разведени и не знам што правеше и со кого. Бевме во добри односи поради децата. Не се расправавме за старателство, за воспитување, му дозволуваа да ги гледа кога сака или кога сакаат децата“, рече Зорица.
Таа понатаму наведува дека не знае дали нејзиниот поранешен бил во коцкарски долгови, бидејќи не му се мешала во животот.
„Не знам и не ме интересираше неговиот живот. Мојот живот беа моите деца и мојата работа. Остана сам за да ме остави на мира. Секогаш кога разговаравме, зборувавме за децата. Ве молам, не ми поставувајте повеќе прашања бидејќи си поставувам многу прашања зошто се случи ова. И чекам да дознаам“, рче таа.
Таа им порача на новинарите да не ја прашуваат ништо за нејзината друга ќерка и како таа се справува со сето тоа. Таа дури и нема да каже колку години има.
„Ве молам не ме прашувајте за другото дете. Сега ми е најважно да ја заштитам“, вели Зорица и додава дека има најголема можна доверба во полицијата.
Вања Горчевска беше киднапирана и убиена на 27 ноември, а меѓу петмината осомничени е и нејзиниот татко. Ова е првпат да се огласи мајката на Вања откако беше пронајдено телото на убиеното девојче.