Македонија
(Видео) Мицкоски за „Безбеден град“: Поддржувам да се прошири во целата држава, ќе трпиме критики, само да спасуваме човечки животи
Премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата од „Безбеден град“, кој почна официјално денеска со пробниот период, изјави:
„Апсолутно ја поддржувам применета на проектот ‘Безбеден град’ и поддржувам негово проширување на целата територија на земјата. Некои велат тоа ќе донесе критика за Владата, тоа ќе донесе силен политички удар, јас велам подготвени сме тој политички удар да го издржиме, само да спасиме некој човечки живот. Затоа што само изминатава недела – две во строгиот центар на главниот град – имавме три жртви, повредени, што би рекол, луѓе што го изгубиле животот поради неприспособена брзина или непочитување на сообраќајните правила.
Во разговори со министерот за внатрешни работи реков дека сме подготвени како Влада да ги трпиме сите критики. Слушам некои од поранешни пратеници на поранешното владејачко мнозинство на СДСМ и ДУИ го критикуваат ова, возеле 52, 53, 55, па добивале опомени. И со 50,5 ќе добијат опомени бидејќи си има правила за тоа што значи приспособена и неприспособена брзина. И ако еден човечки живот успееме да спасиме, еве јас сум подготвен целиот товар да го прифатам на себе и да ја прифатам целокупната политичка одговорност, па макар еден да спасиме човечки живот поради тоа што некои од тие човечки животи се губат поради непочитување на сообраќајните правила, а најчесто тоа се случува со неприспособена брзина. Ние алармиравме дека до ова ќе дојде, видовте во текот на еден ден колку сообраќајни прекршоци се направени. Повеќето од нив се затоа што несовесни возачи управуваат патнички возила кои не се регистрирани. Некои од прекршоците, неколку илјади, вчера беа поради тоа што поминале на црвено светло. Еве само вратете се назад и ќе видите колку луѓе го изгубија својот живот затоа што некој управувал патничко возило, не ја приспособил својата брзина и поминал на црвено светло.
Ќе повторам, ако треба за тоа да го издржиме политичкиот притисок и удар, сето сум подготвен да го прифатам, само да спасиме човечки живот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Инженерите бараат отчетност од РКЕ за задржувањето на надоместокот од 200 денари за пристап до мрежа
Со поддршка од околу 2.800 граѓани, неформалната заедница „Инженери на Република Македонија“ (ИНРМ) достави официјално барање до членовите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) за индивидуално писмено образложение на нивното гласање во врска со задржувањето на надоместокот од 200 денари за пристап до електродистрибутивниот систем.
Барањето следува по седницата на РКЕ одржана на 27 ноември 2025 година, на која беше усвоен Тарифниот систем за дистрибуција на електрична енергија, без да се отстранат одредбите поврзани со овој надоместок.
Во иницијативата на ИНРМ се наведува дека, согласно член 12 став 5 од Статутот на Регулаторната комисија за енергетика, секој член има право писмено да ги образложи причините за своето гласање при одлучувањето. Од членовите на Комисијата се бара да се изјаснат дали гласале „за“, „против“ или „воздржано“ по предлогот за укинување на надоместокот за пристап до мрежата, како и да достават кратко образложение за својот став.
ИНРМ во барањето посочува и на јавно дадено ветување на ВМРО-ДПМНЕ, преку тогашниот претседател на партиската Комисија за енергетика, а сега член на РКЕ, Елена Маркова-Велинова, дека укинувањето на надоместокот од 200 денари за пристап до мрежа ќе биде прва мерка на партијата. Според ИНРМ, ова ветување претставува политичка и морална обврска кон граѓаните кои се директно погодени од оваа давачка.
Целта на барањето, како што се наведува, е да се обезбеди целосна транспарентност и отчетност во работата на Регулаторната комисија за енергетика, особено по прашања што директно влијаат врз финансиските обврски на потрошувачите.
Од ИНРМ побараа образложенијата да бидат доставени по електронска пошта, со можност, доколку членовите на РКЕ се согласат, истите да бидат јавно објавени.
Македонија
Продолжува периодот на претежно сончево време, температурата денес до 15 степени
Времето денес ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена облачност. Во претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла која во текот на денот ќе се намали. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 9 до 15 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до -2, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Продолжува периодот на претежно сончево и тивко време со дневна температура над просекот за овој период од годината. Во ноќните и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла и зголемена облачност.
Македонија
Церемонија на свечено менување на државното знаме во кабинетот на Сиљановска-Давкова
Во претседателскиот Кабинет, денеска, 270 деца од скопските основни училишта „Вера Јоциќ“, „Лазо Ангеловски“ и „Димитар Македонски“, како и од градинките „Буба Мара“ и „Лилипут дворче“, присуствуваа на церемонијата на свечено менување на државното знаме.
Учениците ја пееја химната, интонирана од македонскиот воен оркестар, придружуван од воениот оркестар на Вооружените сили на Романија, којшто престојува во земјава по повод заедничкиот предновогодишен концерт.
Во придружба на своите наставници, образовни асистенти и едукатори, децата ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме изведена од Баталјонот за почести при македонската армија.
По свечниот чин, децата го разгледаа импозантниот диптих „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“ на академик Глигор Чемерски, како и работната просторија на претседателката.
Во разговорот со Сиљановска-Давкова, децата зборуваа за нивните активности, за подготовките на приредбите во пресрет на новогодишните празници и ги испеаја нивните омилени песничките.
Следеа низа прашања: за претседателската функција и работните обврски, но и за нејзиното детство, основното образование, домашните миленици, омилените книги и музиката.
Претседателката ги посоветува да учат, да спортуваат, да цртаат, да ја чуваат природата и животната средина, да се дружат и да не се навредуваат.

