Македонија
(Видео) Мицкоски: Пуштен е во употреба клон од детска градинка и спортска сала во Штип

Премиерот Христијан Мицкоски во Штип денеска најави три проекти значајни за квалитетот на живот на штипјани.
„На овој начин сакам да се заблагодарам на поканата на градоначалникот, а воедно да изразам и благодарност до членовите на Владата коишто се денеска тука со мене, но и на пратениците и на сите останати коишто денеска даваат поддршка на овие проекти, бидејќи на овој начин само ќе го направиме животот на штипјани поквалитетен“, рече Мицкоски.
„Како што кажа и градоначалникот, тука не застануваме, продолжуваме и понатаму. Веќе, ако не се лажам, следната недела ќе започне проектот којшто беше дел од оној прв повик на Владата, тоа е обиколницата, проект вреден околу 2 милиона евра и понатаму веќе од втората половина на овој месец јануари ќе го објавиме новиот повик за проекти коишто ќе бидат финансирани од Владата.
Овде во Штип се планирани проекти да се финансираат во вредност од 6 и половина милиони евра за следната година и така продолжуваме и во иднина. Ја развиваме Македонија насекаде. Знаеме дека на тој начин само ќе го подобриме квалитетот на живот на граѓаните.
Уште еднаш, голема благодарност до градоначалникот, до штипјани, до советниците, до администрацијата, пратениците, членовите на Владата, коишто учествуваат во сите овие проекти коишто значат подобар живот за граѓаните, што претставува и наша цел и задача, но и она коешто сме го ветиле пред граѓаните“, додаде премиерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Ние сме единствената партија во која што членството бира претседател на директни внатрепартиски избори што говори за демократскиот капацитет

Попладнево се одржа седница на Централниот одбор на СДСМ.
На седницата, Централниот одбор оцени дека со погрешните политики на актуелната власт на ВМРО-ДПМНЕ животниот стандард на граѓаните со месеци се влошува, граѓаните имаат се помалку пари додека платите стагнираат.
„Власта покажува голема неспособност, нема одговор за покачувањето на цените, за осум месеци не понуди ниту една успешна економска мерка додека во здравството се случува хаос и недостаток на лекови, образованието уназадува и генерално земјата се движи во погрешна насока. СДСМ останува посветена на борбата за подобар животен стандард. Како одговорна партија СДСМ ќе понуди пакет на законски решенија за заштита и подобрување на животниот стандард на граѓаните. Согласно Статутарните одредби, Централниот одбор донесе Одлука за распишување на директни внатрепартиски избори за избор на Претседател на СДСМ кои ќе се одржат на 16 март 2025 година“, велат од Централниот одбор на СДСМ.
Воедно Централниот одбор избра нов состав на Централна изборна комисија на СДСМ и го усвои Правилникот за критериумите, начинот и постапката за кандидирање и избор на Претседател на партијата.
„СДСМ е единствената партија во земјата во која што членството бира претседател на директни внатрепартиски избори што говори за демократскиот капацитет и на партијата и на членовите. На оваа седница Централниот одбор го одобри и планот за интензивни теренски активности кои ќе започнат овој месец, на средби со членовите и граѓаните ширум земјата. Паралелно ќе течат и подготовките за локалните избори оваа година“, рекоа оттаму.
Македонија
МНР на Бугарија со длабоко разочарување: Изјавите на Мицкоски ги поткопуваат напорите за градење добрососедски односи и европска интеграција

Министерството за надворешни работи на Бугарија, се огласи по повод изјавите на премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека „нема потреба да се внесуваат Бугарите во Уставот“.
„Министерството за надворешни работи на Република Бугарија го изразува своето длабоко разочарување и категорично ги осудува неодамнешните изјави на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, г-дин Христијан Мицкоски. Овие изјави не само што ја искривуваат реалноста, туку и ги поткопуваат напорите за градење добрососедски односи и европска интеграција.
Сакаме да нагласиме дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор меѓу нашите две земји, туку е прашање кое влијае на темелните европски вредности и стандарди. Напредокот во процесот на европска интеграција на РСМ е можен само преку целосна и сеопфатна имплементација на Европскиот консензус, договорен и усвоен од Советот на ЕУ во 2022 година, чиј важен дел се измените на Уставот на РСМ. Почитувањето на правата на малцинствата и обезбедувањето на нивната еднаквост се основни принципи на Европската Унија. Во овој контекст, Република Северна Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, има одговорност да го усогласи своето законодавство и практика со овие принципи“, велат оттаму и додаваат:
„Исто така, сакаме да го посочиме фактот дека огромен број граѓани на Република Северна Македонија се стекнале со бугарско државјанство, признавајќи го своето бугарско потекло и идентитет. Ги повикуваме властите во Република Северна Македонија да се воздржат од реторика која поттикнува поделби и омраза и наместо тоа да се фокусираат на исполнување на критериумите за членство во Европската унија, вклучително и заштита на правата на сите етнички заедници во земјата. Само преку искрен дијалог и меѓусебно почитување можеме да постигнеме одржлив развој и просперитет за нашите народи во обединета Европа“, соопштија од бугарското МНР.
Македонија
Мисајловски на состанокот на контакт групата за Украина, за првпат реализирана под водство на Обединетото Кралство

Министерот за одбрана Владо Мисајловски денеска во Брисел во рамки на предвидените состаноци на министри за одбрана на Северноатлантскиот совет на НАТО, учествуваше на состанокот на Контакт групата за Украина, кој за првпат се реализира под водство на Обединетото Кралство.
На состанокот предводен од секретарот за одбрана на Обединетото Кралство, Џон Хили, на кој учествуваа министри и високи претставници на 50-тина земји, генералниот секретар на НАТО Марк Руте како и високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Каја Калас, фокус беше поддршката на Украина.
Од започнувањето на агресијата врз Украина, македонската Влада досега има донесено 15 (петнаесет) одлуки за хуманитарна и воено-техничка помош и поддршка на Украина и украинскиот народ како земја која ја брани својата независност и територијален суверенитет и во континуитет се залага за почитување на меѓународното право и правен поредок.
Престојот во Брисел продолжува и утре со состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО на ниво министри за одбрана и состанокот на Советот НАТО- Украина.