Македонија
(Видео) Мургашанска: Куманово чека правда за скандалите на Максим Димитриевски и шемите со профити од 350.000 евра

Правдата никако да стигне до нашиот град, Куманово. Тоа мора да се промени. Скандалите поврзани со работата на градоначалникот од ЗНАМ, Максим Димитриевски никако да добијат институционална разрешница, вели Атина Мургашанска, советничка од редовите на СДСМ, во Советот на општина Куманово.
Станува збор, како што вели, за основани сомнежи кои мора до крај да бидат расчистени, сомнежи за судир на интереси, перење пари и коруптивни шеми, злоупотреба на функцијата и институциите во Општина Куманово.
„Сомнежи за систем кој наместо на граѓаните им служи на личните бизнис интереси и кумовски врски предводен лично од градоначалникот Максим Димитриевски.
1.Мора да се истражи најголемиот коруптивен скандал во општина Куманово со земјиште, во организација на Максим Димитриевски и неговиот кум и бизнис партнер Драган Митевски.
Кумот на Димитриевски купува земјиште од семејството на Димитриевски за 248.000 евра а само месец дена подоцна тоа исто земјиште го препродава на ЛИДЛ за 600.000 евра.
За ова земјиште се менува и ДУП-от за кој гласа братот на Митевски кој е координатор на советничката група на ЗНАМ.
Кој повеќе е заглавен во конфликт на интереси во овој скандал?
Како Димитриевски и неговиот кум заработиле 350.000 евра? Институциите мора да дадат одговор.
Понатаму, мора да се истражат и другите скандали.
2. Како тоа Димитриевски добива стан од 97 метри квадратни во центарот на Куманово вреден 70.000 евра за само 2.500 евра? Каква е таа размена на земјиште од својот кум?
Има ли тука грам пазарна логика? На што личи ова освен како уредено сценарио за прикриен профит и перење пари?“, прашува таа.
Овие случаи, според неа, не се изолирани инциденти, туку дел од системски образец: користење на политичката функција за лично и семејно богатење на Димитриевски.
Институциите, како што апелира не смеат да замижуваат пред овие криминали, кумовски шеми за големи профити.
„СДСМ јавно повикува: Антикорупциска комисија да отвори предмет за скандалите со Димитриевски.
Финансиска полиција и Јавното обвинителство да постапат по допрен глас.
Конечно, правдата да стигне и до Куманово“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Реакција на СДСМ: Мицкоски манипулира, ГРЕКО констатира дека речиси ништо не е спроведено

„Скандалозна и манипулативна е изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека Владата наводно добила „петка“ за борбата против криминалот и корупцијата. Мицкоски уште еднаш се обидува да ја изврти вистината и да ја лаже јавноста: реалноста е дека ГРЕКО, како дел од Советот на Европа, во последниот извештај јасно констатира дека Владата речиси ништо не спровела од препораките за борба со корупција и дека напредокот е недоволен“, реагира СДСМ.
„Владата не доби „петка“, туку уште 5 забелешки на адреса на институциите за неисполнетите обврски. Македонија и понатаму се смета за „глобално незадоволителна“ според мониторингот на ГРЕКО.
Аплаузот за кој зборува Мицкоски е само во неговата глава. Граѓаните гледаат како криминалот цвета, како институциите се партизираат, а корупцијата останува недопрена. Владата на Мицкоски не само што не ја бори корупцијата, туку со вакви лаги и манипулации се обидува да ја прикрие.
Да потсетиме, ГРЕКО бара итно:
донесување и примена на нови закони за финансирање на политички партии,
засилување на контролата на имотот и интересите на функционерите,
зајакнување на антикорупциските механизми во собранието, судството и извршната власт.
Ништо од ова не е завршено. Затоа лагите на Мицкоски за некаква „петка“ се навреда за сите граѓани кои бараат правда и ред.
СДСМ бара Владата веднаш да престане со манипулации, да се соочи со фактите и конечно да почне да спроведува вистински реформи, а не само да им аплаудира на сопствените неуспеси“, се наведува во реакцијата на СДСМ.
Македонија
Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран

Сообраќајот на патниот правец Битола – Граничен премин „Меџитлија” е нормализиран, извести АМСМ.
Од 16 часот, на регионалниот пат Р-1101 Битола – Прилеп, кај клучката за село Тополчани, поради сообраќајна незгода, сообраќајот за товарни моторни возила е во прекин, а патничките возила се пропуштаат наизменично.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Македонија
Средба Мисајловски – лорд Коукер: Не поврзуваат заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса

Денешната работна посета на министерот за одбрана Владо Мисајловски на Обединетото Кралство беше заокружена со средбата со лорд Вернон Коукер, државен министер (министер за домот на лордовите) во Министерството за одбрана на Обединетото Кралство.
Министерот Мисајловски и лордот Коукер разменија мислења за развојот на одбранбената соработка помеѓу двете сојузнички земји, како и безбедносната состојба во регионот, Европа и светот при што беше потврдено дека одбранбените односи помеѓу двете земји почиваат на заеднички вредности и цели – мирен и безбеден регион и силна Алијанса која ќе остане гарант за безбедноста на евроатлантската област.
Една од најзначајните теми за време на средбата беше и Договорот за одбранбена соработка, кој е во финална фаза на усогласување. Обединетото Кралство останува посветено на развој на македонските одбранбени капацитети, потврди лордот Коукер – особено во однос на исполнувањето на НАТО Целите на способности, но и сајбер –одбраната, воената едукација и јазичните курсеви.
Македонската Армија и вооружените сили на Обединетото Кралство континуирано се обучуваат и развиваат заедно. Во 2023 и 2024 година македонски војници беа дел од вежбата „Cambrian Patrol“ во Велс, а припадници на британските вооружени сили во повеќе наврати учествуваа во големи меѓународни вежби реализирани на полигонот „Криволак.“ Дополнително, повеќемина македонски офицери имаат дипломирано на Кралскиот колеџ за одбранбени студии, светски позната институција посветена на развојот на идните лидери и високи офицери.
Одбранбената соработка помеѓу двете земји датира од далечната 1995 година, кога беше потпишан првиот Меморандум за разбирање.