Македонија
(Видео) Николовски: Институциите ги направивме вистински сервис за граѓаните

Транспарентноста е половина од борбата против корупцијата, тоа е еден од главните постулати врз кои се темелат нашите владини политики, порача на денешната прес-конференција, вицепремиерот задолжен за борба против корупцијата, Љупчо Николовски.
Тој нагласи дека мерките за поголема транспарентност и отчетност на институциите даваат позитивни резултати и како што кажа, тоа е видливо и во релевантните извештаи.
„Активната транспарентност на министерствата, на Владата и на општините, оваа година споредено со 2016 година, е зголемена за 18 проценти, ова го покажуваат најновите податоци на извештајот за Индекс на активна транспарентност 2021 година на Центарот за граѓански комуникации, поддржан од УСАИД“, истакна вицепремиерот, појаснувајќи дека вкупната активна транспарентност изнесува 63%, за разлика од 2016-та кога била 45%.
„Ако во 2016 година само 24 институции биле во категоријата ‘многу добра’ и ‘добра’ транспарентност, оваа година дури 62 институции се во овие две категории. Во 2016 година само едно министерство било во категориите ‘многу добра’ и ‘добра’ транспарентност. Годинава дури 13 министерства ја подобриле транспарентноста и се искачиле токму во овие две категории. Оваа година, повеќе од половина од институциите се наоѓаат во двете најдобри групи со ‘добра’ и ‘многу добра’ активна транспарентност“, рече Николовски.
Додаде дека Владата од категорија „просечна транспарентност“ во 2016 година со 25 %, оваа година се искачила на 93,5 %, и е во категорија на „многу добра транспарентност“.
Во делот на транспарентноста на општините, според Извештајот, за прв пат конечно една општина има дури 100% активна транспарентност, подобрување е забележано кај 51 општина.
Вицепремиерот посочи дека порастот на транспарентноста е нотиран и во други извештаи за меѓународни рангирања, а дека сите позитивни рангирања, се резултат на владините мерки што се преземаат изминативе четири години.
„Минатата година, се задолжија сите министерства и органи кои одговараат пред Владата, вклучително и сите општини, Градот Скопје и општините во Градот Скопје, во рок од 30 дена на своите веб-страници да ги објават 22-те категории на документи согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Транспарентно се објавени имињата и веќе се спроведува тестот за интегритет на советниците на функционерите“, кажа Николовски.
Тој додаде дека со усвојувањето на планот за борба против корупција, министерствата, органите на управа и општините, задолжително треба да назначат овластено лице за прием на пријави заради заштитено внатрешно пријавување, да подготват годишна Антикорупциска програма, како и интерни процедури за спроведување на постапките за јавни набавки и реализација на договорите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Каевски: Наместо проекти и решенија, градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ ги задолжуваат општините

Масовна партизација, поскапи услуги за граѓаните и задолжување на општините, тоа е учинокот на градоначалницитена ВМРО-ДПМНЕ и шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски за првите 16 месеци власт, истакна на денешната прес-конференција Дарко Каевски, портпарол на СДСМ и пратеник.
Наместо проекти и решенија за развој, градоначалниците и советничките групи од ВМРО-ДПМНЕ, вели Каевски, ги задолжуваат општините кои важат за едни од најбогатите и финансиски најстабилните.
„Градоначалникот на Гази Баба со обврзница од пет милиони евра ја задолжи општината без при тоа да биде наведено на кој рок ќе биде издадена обврзницата, без да биде наведено колкава е каматната стапка. Тој пример го следи и градоначалникот на општина Бутел, кој ќе издаде обврзница во вредност од два милиони евра или неверојатни 55 отсто од годишниот буџет на општината. Претходно постапка за издавање обврзница издаде и општина Аеродром предводена од Тимчо Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ, а обид за издавање имаше и општина Штип“, рече Каевски.
Според него, освен што овие обврзници се издаваат во период кога каматните стапки се значително високи, заедничко за сите обврзници е што тие ќе можат да бидат откупени од било кој приватен субјект.
Со тоа, оценува Каевски, се создава опасност, обврзниците да бидат купени од големи градежни компании и крупниот бизнис и потоа да можат да влијаат врз работата на градоначалниците, при носењето урбанистички планови или одредени тендерски постапки.
Појаснува дека ваквото масовно задолжување, лично го најави шпицниот градоначалник Мицкоски.
„16 месеци изминаа, а градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ не сработеа ништо. Потрошија милиони за партиски вработувања, за набавка на скапи мобилни телефони и компјутери, се испокараа за провизии и тендери, а интересите на граѓаните се целосно игнорирани. Локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ е најнеспособната и најнеуспешна локална власт досега“, посочи Каевски.
Македонија
(Видео) Мицкоски: Наместо поддршка на Ахмети и Груби, Тупанчевски да воспостави европски вредности

„Ако министерот за правда и мој колега од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, редовен професор е мотивирачки да сме во друштвото на Суринам, Тунис и Индија наместо во Европската Унија, за мене тоа е девастирачки и понижувачки. Се надевам дека нашите студенти не ги воспитуваме и учиме на вредностите на Тунис, Суринам и Индија со сета почит кон тие држави, туку на вредностите кои што ги споделува Европската Унија“, нагласи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на прашање за коментар за Извештајот на „Транспаренси Интернешнл“.
Мицкоски додаде дека уште еднаш власта покажува политичка незрелост.
„Уште еднашка покажува политичка незрелост оваа Влада, и со тие позиции кои што ги рефлектира дополнително го обесхрабрува македонскиот народ. Ние сме држава со висока корупција, висок криминал за жал“, рече тој.
Нагласи дека единствена светла точка во државата се општините каде што градоначалници се од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не сакам да бидам обвинет дека ете за тоа ги форсирам општините каде што имаме градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, но помина доволно време за да можат граѓаните да оценат како работат кадрите на ВМРО-ДПМНЕ, а како работи централната власт која што е практично раководена од Владата на ДУИ, а поддржана од СДСМ“, истакна Мицкоски.
„Така што јас би апелирал до мојот колега наместо да дава недвосмислена поддршка на Али Ахмети и Артан Груби, да се посвети малку и да ги воспитува студентите на европските вредности наместо да се споредуваме и да сме задоволни и да сме охрабрени со тоа што се наоѓаме во друштво на Суринам, Тунис и Индија“, укажа Мицкоски.
Македонија
Тупанчески не негира дека ќе го сменат: Беше лиферувано дека Министерството ќе биде ставено на берза

Министерот за правда, Никола Тупанчески, не е загрижен доколку го сменат од функцијата, ниту негира дека тоа ќе се случи со влезот на Алијансата за Албанците во Владата. Тупанчески смета дека брзата промена на министри не е решение. Тој ја извршуваше функцијата една година.
„Беше лиферувано дека Министерството за правда ќе биде едно од министерствата што ќе биде ставено на ‘Пазар 3’, фигуративно кажано, ќе биде на берза, во однос на одредени рокади, односно замени на министерските места. Апсолутно, и јас како министер, но и Министерството за правда, не сум оптоварен со овие работи. Јас кажав дека до последниот ден ќе го дадеме својот максимум. Ние сме министерство што има резултати и замисла како да ги заокружиме претходните замисли за поддржување на ресурсите. Брзата промена на министри не сум сигурен дека претставува најдобро решение, но, дефинитивно, не се зависни од Министерството за правда. Има фактори што не се директно поврзани со Министерството за правда. Не постои оптовареност со развојот на настаните, но подготвени сме да одговориме на предизвиците“, посочува Тупанчески.
Со влезот на Алијансата за Албанците во Владата ќе следува и реконструкција.