Македонија
(Видео) Николов: Најавата за централизирани биохемиски лаборатории е за личен интерес на групации блиски до СДСМ
За СДСМ од секогаш приоритет бил бизнисот на компаниите блиски до нив, а не здравјето на граѓаните. Таков е проектот на министерот, Венко Филипче, за централизирање на биохемиските лаборатории, рече денеска Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Самата најава за централизирани биохемиски лаборатории во вредност од 35 милиони евра во нашиот здравствениот систем, не значи ништо друго туку единствено остварување на личните интереси на точно определени локални финансиски групации, кои што се блиски до СДСМ, кои сакаат да остварат профит на сметка на здравјето на пациентите. И сето тоа со нула инвестиции“, рече Николов.
Како што истакна тој, скандалозното централизирање на биохемиските лаборатории, ниту ќе направи некаква заштеда како што најавува министерот, ниту ќе ги подобри услугите кои што ги добиваат пациентите.
„Единствено ќе се зголеми можноста да се добијат погрешни и неточни резултати, а со тоа и погрешна дијагноза и несоодветен третман за пациентите. Ова го потврди и шефот на кабинет на министерот Филипче кој поднесе оставка заради тоа“, нагласи Николов, кој додаде дека не може да му се верува на министерот кога и неговите најблиски соработници говорат за сомнителни политики.
„Како да веруваме дека Филипче мисли за доброто на пациентите кога го остава Прилеп, град со околу 100.000 жители, без биохемиска лабораторија и тоа за најобично испитување крв. И не само Прилеп, во 21 век ги остават без биохемиски лаборатории Кавадарци, Гевгелија, Гостивар, Кочани, Струга и други поголеми градови, каде што сега може да се врши биохемиска анализа“, наведе членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Николов на прес-конференцијата го повикува министерот Филипче да се откаже од реализацијата на проектот за централизирање на биохемиските лаборатории и да започне што побрзо да го реформира и реорганизира јавното здравство, во вистинска смисла на зборот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Наместо Копенхашки реформи, трошиме енергија на политичка ревизија на историјата
Претседателката, Гордана Сиљановска-Давкова, во рамките на посетата на Република Словенија, одржа предавање на Правниот факултет при Универзитетот во Љубљана, на којшто докторирала, на тема: „Уставните трансформации на патот кон ЕУ: реформи или уставен инженеринг?“, пред бројни професори, студенти и претставници на дипломатскиот кор.
Предавањето се однесуваше на природата на уставот, како највисок правен акт и најширок и најважен договор меѓу граѓаните, со акцент на уставните измени како механизам за реформа на политичкиот систем или моделот на организација на власта, заради решавање на општествени проблеми од различен карактер.
Во фокусот беше македонскиот устав и неговите 36 амандмани од 1992 до денес.
Гордана Сиљановска – Давкова оцени дека, нашиот устав, иако формално-правно се вбројува во цврстите устави, често се менуваше, а промените најчесто беа диктирани однадвор, а не се креирани одвнатре, добивајќи карактер на уставен инжењеринг, а не на реформски процес во интерес на граѓаните.
Исто така, претседателката укажа на непочитувањето на процедурата за уставни измени, со што се нарушува легитимноста на новите решенија.
Најпроблематично за Сиљановска – Давкова е што “sui generis” уставните решенија ги слабеат институциите, граѓанинот и граѓанското општество, а ги јакнеат етничките водачи како арбитри во општеството.
Според претседателката, ние имаме насушна потреба од пристојна, модерна држава и демократски, функционален политички систем, сличен и компатибилен со европските.
На предолгиот пат кон Брисел, обременет со препреки врзани за идентитетски прашања, коишто, според европскиот конституционализам не може да бидат услов за евроинтеграција, ние најчесто бевме туркани во уставни измени коишто не водат напред, туку не враќаат назад, закотвувајќи не во ирационални историски ровови.
Гордана Сиљановска – Давкова, преку цитирање мислења на Венецијанската комисија, членови од основачките акти на ЕУ, пресуди на Судот за човекови права од Стразбург, одредби од уставите на други држави, ставови на професори по Уставно и Меѓународно право укажа на правната и политичка проблематичност на Преговарачката рамка и Заклучоците на Европскиот совет за нас, посочувајќи дека преку политичка и/или правна интерпретација, во духот на европското право треба да се надмине status quo состојбата во која се наоѓаме, без да бидеме втурнати во нов чин на уставен инжењеринг, губејќи ја енергијата на политичка ревизија на историјата, наместо на Копенхашки реформи!
Претседателката одговори на бројни прашања, поставени од студенти, колеги и амабасадори, по што следеше дебата со македонските студенти и професори во Словенија.
Македонија
Метеоролозите најавуваат нестабилно време со врнежи и ветер во текот на продолжениот празничен викенд
Времето утре променливо облачно со сончеви периоди. Во крајните западни и источни региони ќе има услови за слаб локален дожд. Ќе дува умерен, а долж Повардарието засилен ветер од северен правец со брзина од 50 km/h.
Минималната температура ќе биде во интервал од 5 до 13, а максималната ќе достигне од 19 до 26 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 24 степени, јавува УХМР.
Во наредните денови ќе се задржи променливо облачно време. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (над 50 km/h). Во четврток ќе има изолирана појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Во петок и во деновите од продолжениот викенд на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат поинтензивни во форма на невреме со пообилен пороен дожд (над 20 l/m²), грмежи и силен ветер (над 60 km/h).
Македонија
Савески на Регионалниот форум за јавни обвинители во Сараево организиран од Европравда
Јавниот обвинител на Република Северна Македонија Ненад Савески денеска во Сараево учествуваше на Третиот консултативен форум на државни и специјални обвинители од Западен Балкан што се одржува во организација на Европравда. На состанокот учествуваше и основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази.
Само со координирани дејствија, со брза размена на информации, со размена на искуства и знаења јавните обвинителства во регионот можат да одговорат на предизвикот што го носи борбата против организираниот криминал и корупција, оцени државниот обвинител Савески во своето обраќање на Форумот.
“Западниот Балкан одамна бил единствен регион. Близината на културите, јазиците, начинот на живеење не поврзуваат, но во исто време им овозможуваат и на сторителите на кривични дела лесно да ги префрлаат своите активности преку границите и да се обидуваат да избегнат кривичен прогон. Ги префрлаат и финансиските средства до кои дошле со коруптивни дејствија во обид да ги прикријат”, рече тој, ставајќи акцент на важноста на инструментите на меѓународната правна помош и меѓусебната правосудна соработка како одговор на овие појави.
Според Савески, размената на информации, брзата обработка на замолниците, координираните истражни активности и заедничките истражни тимови се механизми без кои денес нема ефикасна борба против криминалот и владеење на правото.
Тој ја нагласи важноста на Проектот за кривична правда на Западен Балкан, финансиран од Европравда, кој за македонското обвинителство во моментов е еден од најсилните инструменти за поддршка на овие активности и се заблагодари за поддршката од Европравда, која обезбедува оперативна, финансиска и друга помош која му е неопходна на обвинителството за ефикасно справување со прекуграничниот криминал.
Кривичните дела од областа на организираниот криминал и корупцијата се во пораст, а паралелно на тоа, статистиката укажува на раст и на бројот на предмети во кои била побарана или обезбедена меѓународна соработка со цел нивно ефикасно решавање.
На ваквите трендови укажа и Абази.
“Од перспектива на обвинител, можам да кажам дека во пракса сè почесто се соочуваме со предмети во кои криминалните структури дејствуваат истовремено во повеќе држави — преку финансиски трансакции, дигитални комуникации, транспортни рути и комплексни логистички мрежи, што бара координиран, брз и ефикасен институционален одговор. Во такви случаи, заедничките истражни тимови кои ги формираат нашите држави не се само корисен механизам, туку реална оперативна неопходност. ОЈО ГОКК во изминатиот период воспостави заеднички истражен тим со Косово во предмет од областа на недозволена трговија со наркотични дроги, како и заеднички истражен тим со Италија, Албанија и Косово во предмет од областа на тероризмот. Овие искуства покажаа дека заедничките истражни механизми овозможуваат значително поефикасна координација, побрза размена на информации и синхронизирано преземање истражни дејствија”, рече обвинителот Абази.
На маргините на Форумот во Сараево, Савески се сретна со претседателот на Европравда Мајкл Шмид, а оствари билатерални средби и со државните јавни обвинители на Црна Гора, на Босна и Херцеговина и на Косово.
