Македонија
(Видео) Николоски: СДСМ и ДУИ преку ЈО во Тетово си нарачуваат извештај каков што им одговара со цел да скријат одговорност

Очигледно е дека СДСМ и ДУИ преку обвинителството во Тетово си нарачуваат извештај каков што им одговара со цел да скријат одговорност, изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, денеска од Општина Кисела Вода, одговарајќи на новинарско прашање во врска со извештајот за модуларната болница во Тетово и додаде дека најодговорен за целиот случај е министерот за здравство, Венко Филипче, бидејќи тој е одговорен за изградбата на модуларните кои се во неговото министерство.
Николоски истакна дека во најмала рака смешно е да се тврди дека 14 човечки животи се загубија поради некаков кабел.
„ Во исто време дури и да е така како што тврди тетовското обвинителство, повторно одговорноста е кај Венко Филипче затоа што тој е министер за здравство и тој е најодговорен за изградбата на модуларните болници и за нивното функционирање, затоа што тие се во рамките на Министерството за здравство и знаеме дека со промените на Законот за градење целосно е прескокната процедурата на кој начин истите требало да бидат изградени“, рече Николоски.
Тој нагласи дека од одговорност не може да избегаат и одговорност ќе се случи по овие локални избори по кои ќе има и ново парламентарно мнозинство, затоа што 14 човечки животи кои беа загубени не можат да завршат со некаков кабел што не бил исправен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Врв на мизерија – Шаќири вели дека владата нема пари за учебници, а има за тендери на братот на Груби

Врв на мизерија – Шаќири вели дека владата нема пари за учебници, а има за тендери на братот на Груби. Изјавата на министерот за образование дека нема пари за да се испечатат сите учебници за средно образование е доказ дека за СДС и ДУИ приоритет не е образованието и учениците, туку криминалните тендери на фирми блиски до власта, обвинија од ВМРО-ДПМНЕ.
„ Власта имаше пари да префрли над 1 милион денари на братот на Груби, а нема за учебници. Владата има пари да плати надзор од 22 милиони евра, поскап и до 7 пати споредено со други проекти, а нема за учебници. СДС и ДУИ имаат пари за тендерите во РЕК, а немаат за учебници.
Власта има пари за приоритетите на Ковачевски и Груби, но нема за учениците.
Власта не е способна да ги реализира работите заради кои всушност постои, како нормално и достапно образование, а сака по секоја цена да остане месец повеќе. Која е целта на владеењето, ако не се способни да го одржат системот, а не пак да го унапредат? Потребни се промени“ порачаа од опозициската партија.
Македонија
Попладне се очекува пороен дожд и грмежи

Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд, а попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со грмежи и засилен ветер од јужен правецнајави УХМР.
Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе започне да дува засилен ветер од северен правец што ќе услови значително заладување, а на планините и на некои повисоки места врнежите ќе преминуваат во слаб снег. Минималната температура ќе се движи од 0 до 11, а дневната од 6 до 19 степени.
Во Скопје ќе биде променливо облачно со повремени врнежи од дожд. Попладне ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер од јужен правец. Температурата ќе се движи од 7 до 17 степени.
УХМР издаде предупредување дека утре времето ќе биде ветровито и студено со значително пониски дневни температури. Ќе дува силен северен ветер, наместа со брзина и над 70 километри на час. Потоа во следните денови времето ќе биде стабилно со пониски утрински температури, а дневните ќе бидат во постепен пораст.
Македонија
Тешка сообраќајка во Чаир: Крв на улицата, еден возач однесен во болница

Тешка сообраќајка се случи вечерва во Чаир, во близина на стадионот. Во несреќата учествувале автомобил марка „фолксваген“ и моторцикл. Според информациите на „Макфакс“ од терен, на асфалтот има траги од крв, а возачот на моторциклот со Брза помош е однесен во болница. На улицата е растечено и масло од моторциклот.
Неофицијално, до несреќата дошло кога автомобилот му го пресекол патот на моторциклот, а тој удрил во левата страна од „фолксвагенот“.
По сообраќајката, на помош притрчале минувачи, кои се обиделе да му помогнат на возачот на моторциклот. Се обиделе да му го спречат крварењето, а го потурале и со вода.
На терен е излезена и полицијата. „Макфакс“ се обрати за детали, кои се најавени за подоцна. Во тек е увид.