Македонија
(Видео) Османи побара државен консензус за преговорите со ЕУ

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, во пресрет на изготвувањето на првичната преговарачка рамка од страна на Европската комисија, одржа прес-брифинг на кој информира за последните детали поврзани со европските интеграции.
Притоа Османи поведе иницијатива до сите политички фактори во државава, под покровителство на претседателот Пендаровски, во изградбата на општествено-политички консензус за европските интеграции, а во пресрет на почетокот за преговорите за кој најави дека очекува да биде до крајот на годината.
„А самите преговори претставуваа најкомплексниот и најсложен процес во кој влегуваме како држава не само како Влада или како политички партии. Исходот сите ќе нѐ засега најдиректно. Затоа, покрај Европската Унија, за почеток на преговорите треба да се подготвиме и ние. Токму во таа насока како главен преговарач со Европската Унија сметам дека постојат прашања за кои ние како општество мора да иницираме дебата, да се договориме – за подготвени да ја дочекаме првата меѓувладина конференција и почетокот на преговорите“, истакна Османи посочувајќи на потребата од политичка подготовка во пресрет на почетокот на преговорите преку изградба на општествено-политички консензус за приоритет на европските интеграции како наднационален, натпартиски и стратешки интерес и на државата.
„Затоа, дозволете да иницирам, секако преку Владата, и уште повеќе, со коордииран настап со претседателот на државата, кој може да има важна улога во овој процес на политичко и општествено обединување за стратешките државни интереси. Повикувам да го почнеме процесот на изградба на нашиот заеднички политички и државен консензус, во една инклузивна постапка, со вклученост на сите политички субјекти, во која ќе ги отстраниме партиските интереси од процесот на интеграција на земјата во Европската Унија“, посочи Османи упатувајќи на претстојното формирање на преговарачката структура на функционалноста на собраниските комисии – Националниот совет за европски интеграции и Комисијата за европски прашања, но и пошироко, во создавањето целосен општестен консензус за европските интеграции.
„Се работи за генерациски предизвик, кој го поврзува сонот на минатите генерации што долго го чекаа овој момент, но и очекувањата на генерациите што доаѓаат, а кои имаат право да живеат во стабилна и просперитетна земја. Нам ни се падна таа среќа да бидеме генерацијата што ќе ги почне преговорите – но и обврската тоа да го направиме на најдобар можен начин“, заклучи Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Петровска од Мадрид: Отпорноста и моќта на институциите и граѓаните е клучно во борбата против хибридните закани

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, вчера во рамките на Самитот на НАТО во Мадрид учествуваше на работната вечера на министрите за одбрана на НАТО на која се дискутираше на темата: “Влијанието на Хибридните закани во Западен Балкан”.
Петровска во дискусијата со останатите министри за одбрана, потенцираше дека ефективна стратешка комуникација е клучна во борбата против ваквите закани и безбедносни ризици како и дека надминувањето на ваквите предизвици се еден од приоритетите на НАТО и дел од дискусиите на Самитот.
„ Она што нам ни е потребно е зголемување на ефикасноста и квалитетот на нашите институции преку професионализација на кадрите. Исто така, ни треба образование кое ќе ги оспособува граѓаните за критичко размислување. Отпорноста и моќта на институциите и граѓаните е клучно во борбата против хибридните закани за функционирањето на едно општество кое ќе се базира на доверба, а не на раздор”, истакна Петровска.
Таа се наврати на успехот на политиката на отворени врати на Алијансата и нагласи дека истиот потребно е да се преслика и со Проширувањето на Европската унија со земјите од Западен Балкан со што ќе се зацврсти безбедноста и ќе овозможи поголем просперитет, а во спротивно, отсуството на кредибилната европска перспектива може да има повеќекратни негативни тенденции на овие простори.
Македонија
Сончево и топло време со температура до 38 степени Целзиусови

Сончево и многу топло со мала до умерена облачност ќе биде времето денеска во републиката.
Според информациите на УХМР, попладне ќе има развој на локална нестабилност со пороен дожд, грмежи, засилен ветер и услови за изолирана појава на град.
Минималната температура ќе биде во интервал од 12 до 21, а максималната ќе достигне од 30 до 38 степени. УВ=9
Во Скопје и во околината ќе преовладува сончево и многу топло време со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 19, а максималната ќе достигне до 36 степени.
И следните денови ќе преовладува топло време со дневни температури кои насекаде ќе бидат над 30 степени. Поради зголемената влага во атмосферата ќе има чувство дека температурата на воздухот е повисока.
И покрај топлото време, претежно во попладневните и вечерните часови поради влијание на циклонска активност од исток ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално и услови за појава на краткотрајно невреме.
Македонија
Без струја повеќе делови на Скопје

Од „ЕВН Македонија“ информираат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 8.30 до 9.30 часот корисниците од улицата Иван Манолев (општина Бутел);
– во периодот од 8.30 до 15.30 часот корисниците од улицата Ордан Чопела, од бр. 110 до бр. 140, како и дел од корисниците од улицата Јајце (општина Чаир);
– во периодот од 9 до 11.30 часот корисниците од улицата Струшка (општина Карпош);
– во периодот од 9 до 14 часот корисниците од улицата 21 во Сопиште (општина Сопиште)м како и корисниците од улицата Шидска, бр. 10, бр. 12 – влезови 2, 3 и 4, и бр. 42 (општина Ѓорче Петров);
– во периодот од 10 до 14 часот корисниците од улицата Румена Хаџи Панзова (општина Кисела Вода);
– во периодот од 13.30 до 16 часот корисниците од местото наречено Осојница во Сопиште (општина Сопиште).