Македонија
(Видео) Пациент до министерот Меџити: Барам јавно извинување – додека барам лек од кој животот ми зависи, тој си дозволи да каже дека правам шоу
Пациентот Игор Пехчевски, болен од цистична фиброза, бара извинување од министерот за здравство, Фатмир Меџити, за изјавата дека правел шоу кога бараше лек „трикафта“. Тој бара министерот јавно да се извини, а лекот да биде донесен веднаш.
„Го слушам и гледам министерот за здравство. Јас барам лек од кој животот ми зависи, а тој си дозволи како доктор и министер за здравство да каже за мене дека со барањето лек правам шоу во јавноста на телевизија. Барам од вас јавно извинување. И главното: Донесете го лекот ‘трикафта’ сега и веднаш, а не за неколку месеци, како што кажувате во вашите изјави.
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, во интервју за „Макфакс“ не признаваше дека нема „трикафта“ за сите пациенти со цистична фиброза. Тој тврдеше дека дури сега се финализира протоколот што ќе треба да покаже кои пациенти ќе треба да го примаат овој лек, кој го стопира прогресирањето на болеста. Зборуваше и за случајот на пациентот Игор Пехчевски, кој постојано бара терапија со „трикафта“, а кого го обвини дека правел шоу.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Оставка на директорот на основното училиште во Ѓорче Петров каде деца се обидоа да силуваат соученик
Градоначалникот на општината Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, соопшти дека од лични и морални причини оставка поднел директорот на општинското основно училиште во кое се случи обид за силување на ученик. На негово место, веќе е именуван нов ВД директор.
Стојкоски информираше и дека е формирана комисија која ќе поведува дисциплинска постапка против четворица вработени, а суспендиран е одговорниот наставник за одделението. По утврдувањето на одговорноста на секој од нив, зависно од дејствијата кои ги презеле или пропуштиле, соодветно ќе бидат санкционирани.
„Изразувам жалење и најсилна осуда за немилиот настан во едно од нашите ООУ, во која се инволвирани ученици од најмалите одделенија. Информираме дека сме во постојана комуникација од моментот на пријавување на настанот со сите инволвирани институции, МВР, МОН, социјални служби и обвинителство“, рече Стојкоски додавајќи дека општината и училиштето соодветно ги презеле сите мерки согласно Законот за основно образование и Законот за наставници и стручни соработници, како и согласно Упатството за постапката за пријавување и заштита на ученици жртви на насилство, злоупотреба и занемарување.
МВР претходно објави дека завчера во период од 11 до 15 часот, во двор на основно училиште на подрачјето на Ѓорче Петров, ученикот бил физички нападнат од двајца негови соученици, кои се обиделе да извршат полово дејствие врз него.
Случајот во полицијата го пријавил таткото на ученикот.
Македонија
(Видео) Огромни гужви за излез од Скопје, на патарината „Миладиновци“ колони од два километри
Огромни гужви има попладнево на наплатната станица „Миладиновци“ на излез од Скопје.
„Тука е полошо од грчка граница. Сите свират, се обидуваат да ги престигнат автомобилите. Ужас! “, коментираат за „Макфакс“ патници кои останале заглавени на патарината.
И оние кои поседуваат М-таг картички не можат да се доближат до наплатната рампа, а заглавени се и автобусите на редовните линии кон Куманово, Кратово, Крива Паланка, Штип, Берово, Кочани.
Голем број граѓани го напуштија градот поради претстојниот продолжен празничен викенд.
Македонија
Македонците во Бугарија се обесхрабруваат да се идентификуваат, не постои свест за правата на малцинствата, нотира Советот на Европа
Советодавниот комитет на Советот на Европа во својот најнов извештај посочува дека во Бугарија постои значителен недостаток на свест за малцинските права.
Се нотира дека во земјата не може да се забележи значителен напредок во спроведувањето на препораките за да се обезбеди ефективен пристап до правата на малцинствата.
„Додека Бугарија играше сè поактивна улога во промовирањето на правата на лицата кои им припаѓаат на бугарските малцинства во странство, вакви напори не биле забележани и во рамките на Бугарија. Како и во претходните циклуси, лицата кои се идентификуваат како Македонци ја повторија својата долгогодишна желба да бидат заштитени според Рамковната конвенција, но бидејќи властите не го прифаќаат постоењето на објективни критериуми за нив, овие лица не можат да уживаат пристап до индивидуалните малцински права. Нивните долгорочни обиди да регистрираат здруженија кои ја промовираат македонската заедница не беа успешни. Власите не гледаат објективни критериуми ниту за лицата кои се идентификуваат како Помаци односно етничките Македонци со исламска вероисповед кои во земјата и натаму се нарекуваат бугарски муслимани“, стои во извештајот на Советодавниот комитет.
Во документот се упатуваат препораки до бугарските власти да ги усогласат своите активности со Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства. Притоа се нотира дека се потребни повеќе активности од властите во голем број сфери поврзани со правата на потребни се лица кои припаѓаат на националните малцинства.
Лица кои се самоидентификуваат како Македонци, кои продолжиле да бараат заштита според Рамковната конвенција, пријавиле до Советодавниот комитет дека некои постапки на властите ги сфатиле како активно обесхрабрување да се самоидентификуваат како етнички Македонци. Се додава дека се пријавени и напади за време на јавни настани, како и пречки во организирање протести и различни настани. Соговорниците на Советодавниот комитет напоменаа дека во бугарското општество нема свест за значењето на малцинските права и дека нема разбирање, националните малцинства да бидат составен и ценет дел од Бугарија.
Во извештајот, во неколку точки, се напоменува и дека Европскиот суд за човекови права, во 12 случаи против Бугарија, утврдил, непочитување на правото на слобода на собирање и здружување, поднесени од здруженијата на Македонците, кои пак властите упорно одбиваат да ги регистрираат.