Македонија
(Видео) Пендаровски-Левиц: Северна Македонија припаѓа на Европската Унија

Претседателот Стево Пендаровски со највисоки државни и воени почести го пречека претседателот на Република Латвија, Егилс Левиц кој престојува во официјална посета на акедонија.
Во рамки на посетата, покрај тет-а-тет средбата меѓу претседателот Пендаровски и претседателот Левиц, се одржа пленарен состанок на официјалните делегации на Северна Македонија и Латвија, по што двајцата претседатели одржаа заедничка прес-конференција.
„ Латвија е една од земјите членки на Унијата што одамна ја препозна нашата подготвеност, посветеност, па и пожртвуваност за остварување на стратешката цел – членството во ЕУ. Вие и латвиското политичко раководство апсолутно разбирате дека мирот и безбедноста во Европа се во директна корелација, помеѓу останатото, и со одлуките на Унијата за нејзиното проширување.
Во тој контекст, би сакал да ви се заблагодарам и за искреното залагање за динамизирање на политиката на проширување со сите земји од Западниот Балкан. Вашето искуство и како земја и како регион, е аргумент плус за отпочнување на пристапните преговори како прилог во динамизирање на реформскиот процес во нашите општества. Исто така, вашата подготвеност за споделување на сопствените искуства од евроинтегративниот процес е од големо значење за нас“ му рече Пендаровски на Левиц.
Тој истакна дека на средбата разговарале и за руската агресија во Украина.
„ За жал, спротивно на сите меѓународни норми, руската војска веќе два месеци демонстрира сила, убивајќи цивили и уништувајќи цели градови во Украина. Северна Македонија и Латвија, освен осуда на руската воена инвазија, се приклучија и кон целосниот пакет на санкции на ЕУ кон Русија. Во овој контекст, преку солидарност и заеднички напори со сојузниците, придонесуваме за создавање предуслови за прекин на војната, повторно воспоставување на мир и безбедност на нашиот континент и амортизирање на огромната хуманитарна и бегалска криза“ додаде Пендаровски.
Двајцата претседатели размениле мислења и за актуелните состојби во регионот. Балканот и Балтикот, и покрај географската дистанца, имаат голем потенцијал за доближување по многу линии, пред сѐ во економската, трговската, културната и дигиталната сфера, рече македонскиот претседател.
„ Убеден сум дека со вложување на дополнителни напори, со асистенција на Брисел можеме да ги пресликаме успесите што евроатлантската интеграција ги стимулираше на Балтикот и тамошната позитивна трансформација која за нас претставува инспирација. Се потврди искрената поддршка на Латвија во однос на македонското место во Обединета Европа“ заклучи Пендарвоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
УЈП склучи меморандум за соработка со Даночната Управа на Република Хрватска

Директорите на Управата за јавни приходи на Република Северна Македонија и Даночната управа на Република Хрватска, Сања Лукаревска и Божидар Кутлеша, денеска во Загреб, потпишаа Меморандум за соработка. Делегација беше придружена и од амбасадорот на Р.С.М во Хрватска, Милаим Фетаху.
Директорката на УЈП, Лукаревска истакна дека овој Меморандум е од големо значење за нашата држава.
„Ова е прв Меморандум кој се потпишува со земја членка на Европската Унија а со кој ќе се овозможи размена на најдобри искуства и практики. Со овој документ ќе се зајакне меѓусебната соработка, ќе ги унапредиме односите не само помеѓу двете институции, туку и помеѓу двете држави. Оваа соработка ќе влијае и во намалување на бирокрастките процедури. – истакна директорката на УЈП, Лукареска.
Директорот на Даночната управа на Република Хрватска, Божидар Кутлеша појасни дека со овој Меморандум, уште повеќе се зајакнуваат односите и соработката на двете земји.
„ Од овој Меморандум бенефит ќе имаат и двете институции, но и граѓаните. Со Меморандумот се предвидува соработка во области од делокругот на работењето на двете даночни администрации, ќе се овозможи размена на искуство, трансфер на знаење, подобрување на работењето на двете даночни управи, поттикнување на доброволна усогласеност. – појасни директорот Кутлеша.
Управата за јавни приходи и во следниот период ќе продолжи со потпишување на ваков вид на Меморандуми за соработка, се со цел зголемување на соработката со даночните администрации во регионот и пошироко.
Македонија
Арсовска: Противпожарно возило обезбедено од Градот Конја за Скопје

Во рамки на тродневната посета на Република Турција, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, оствари повеќе средби со официјални претставници, меѓу кои и работна средба со градоначалникот на градот Конја г-дин Угур Ибрахим Алтај, на која се потпиша протокол за соработка, а како гест и потврда за воспоставените пријателски билатерални односи и соработка, градоначалникот Алтај за потребите на Противпожарната бригада на град Скопје ќе обезбеди противпожарно возило.
-На работните средби кои ги остваривме во градот Конја договоривме конкретна соработка со градоначалникот Алтај, при што морам да го потенцирам пријателскиот и пречек и од желбата за интензивирање на билатералната соработка, која резултираше со гест на потврда на овие заложби од страна на Градот Конја, со доделување на противпожарно возило за потребите на Противпожарната бригада на градот Скопје, во интерес на сите скопјани, истакна Арсовска.
Арсовска ја посети противпожарната служба во градот Конја која опслужува територија над 42.000 квадратни метри, ја обезбедуваат 1000 пожарникари и над 2000 волонтери кои се грижат за безбедноста од оваа сфера на околу 3 милиони граѓани во градот.
-При посетата на противпожарната професионална служба во градот Конја, остваривме средба со командантот Џевдет Ишбитриџи на која разговаравме за можностите за соработка во насока на отпочнување заеднички проекти и обуки, како и размена на знаења на противпожарните бригади во делот на противпожарната заштита, но имавме и прилика да ја видиме нивната техничка опременост во функција на заштита на околу три милиони граѓани во градот, вели Арсовска.
Во рамки на посетата на Република Турција, Арсовска и директорот на ЈП Комунална хигиена Скопје, Зуди Енузи, остварија средби со гувернерот на градот Конја, г-дин Вахдетин Озкан, со претседателот на Турската агенција за соработка и координација ТИКА, г-дин Серкан Кајалар и со претставници на деловната заедница.
-Сакам да се заблагодарам на гостопримството за време на значајни посети со кои отпочнуваме нови чекори за зајакнување на соработката, со која ќе бидат реализирани бројни проекти за развој и просперитет во интерес на граѓаните на Скопје, истакна Арсовска.
Македонија
Ковачки до Ковачевски: Дали сметате дека Талат Џафери е закана за националната безбедност?

На седницата од 11 мај оваа година, значи точно пред две седмици на Собранискиот канал на МРТ, целата македонска јавност имаше можност да чуе како еден претседател на Собрание, кој е избран од ова парламентарно мнозинство, и тоа втор пат како вулгарно, на нецивилизиран, на еден крајно примитивен начин се однесува кон службите што се вработени, односно што треба да нè опслужуваат сите нас“, истакна Драган Ковачки, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Обнова на Македонија“ на собраниска седница.
Тој потсети дека првиот пат Талат Џафери беше избран на нелегален начин.
„Истиот претседател на Собранието две недели се криеше, бегаше од јавноста, беше во странство, не даваше никаква изјава поврзана со настанот, со немилата случка што се случи. Меѓутоа, еве како поминуваше времето, значи не најде ниту време да се извини, туку, напротив, дополнително ги понижи службениците со тоа што вчера на прес-конференција јавно призна дека пцуел. Тој рече дека ја пцуел нивната неработа, а не ги пцуел нив. За нас како партија е крајно недозволиво токму од човекот што прв го потпишал етичкиот кодекс за однесување во Собранието најгрубо да го крши и да бега од одговорност. Од друга страна, пак, нелигитимниот премиер најпрвин бегаше и не сакаше да коментира за потоа да се повика на немање сознанија дали снимките биле автентични. Значи, премиерот не знаел дали тоа навистина се случило. Иако веќе следниот или денот после тоа заедно беа на натпревар со истиот човек Талат Џафери“, појасни Ковачки.
Ковачки го запраша премиерот зошто на натпреварот Талат Џафери не го запраша за немилиот настан.
„Очигледно е дека премиерот се понадевал дека секое чудо за три дена ќе помине, па народот ќе го подзаборави примитивизмот на неговиот претседател на Собранието. Бидејќи премиерот очигледно се плаши да го праша Талат Џафери за снимките, еве тоа вчера го направија новинарите, а тој го потврди тоа“, рече Ковачки.
Ковачки додаде дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, во согласност со Деловникот, поднесе пријава до Комисијата за деловничко мандатно-имунитетни прашања, со која претседава коалициониот партнер на власта, Панчо Минов. Поминаа две седници од немилиот настан, а комисија сè уште до ден-денешен не е закажана.
„Првото прашање до премиерот е што вие како премиер ќе преземете во врска со овој настан? Односно дали како премиер и како претседател на Социјалдемократскиот сојуз не мислите дека треба да го повикате, да поразговарате малку со него, да прашате зошто не е свикана седницата на Комисијата за деловничко мандатно-имунитетни прашања, дали еве сега откога имате јавно признание од Талат Џафери, да се распрашате дали е ова првпат што се случува, дали е континуитет на некои поранешни настани. Дали би побарале од коалицискиот партнер Талат Џафери јавно да им се извини на службениците? Мислам дека е крајно непримерно од нечие непримерно поведение некој да трпи штета“, го запраша Ковачки на денешната седница Ковачевски.
Тој дури го запраша Ковачевски дали како премиер ќе побара одговорност од вториот човек на државата.
„Второто прашање исто оди на нелигитимниот премиер Ковачевски: еве пет дена Ве повикуваме на прес-конференции да се произнесете, најголемата македонска партија со најголем број пратеници, со најголем број градоначалници Ве повикува, а Вие бегате, молчите и се криете од Вашата партија, не сакате ниту да коментирате. Зошто? Затоа што сите знаеме дека тоа што го зборуваме е точно, ама Вие бегате затоа што не Ви одговара темата. И затоа на јавноста ѝ нудите теми за малограѓанштина, а главните теми на кои треба да дадете одговори што се од интерес на целата македонска јавност ги игнорирате. Така, на пример, еве деновиве Македонија е сведок и се занимава со тоа дали било по протокол што премиерот си го земал чедото со себе во Рим, во посета кај папата. Тоа е показател колку во ова општество и кај политичари се загубија вредностите. Па, во политичкиот ранг се фрлаат ринг и децата. А не се занимаваме со сериозен проблем, како што е, на пример, средба на вториот човек во државата со луѓе што се потенцијален ризик за нашите стратешки партнери. Па, моето прашање ќе биде поставено до премиерот и се однесува повторно на Талат Џафери за кого ние сметаме дека со своето поведение е опасност за националната безбедност. Како партија го прашавме Талат Џафери за таа чудна средба, но не одговори на македонската јавност и не ѝ објасни. Зошто ја криеше средбата, однос криеше на таа средба на која присуствувал и имало и лица што се од безбедносен карактер и кога планираше да ја извести јавноста за тоа“, запраша Ковачки.
Ковачки посочи дека не се одговори и од кого потекнала идејата за споменикот на Ахмат Кадиров, односно на таткото на Рамзан Кадиров, лидерот на Чеченците, кој се бори во Украина. И премиерот за ова сè уште молчи и не дава одговори иако треба да одговори на јавноста на ова прашање.
„Дали сметате дека Талат Џафери е закана за национална безбедност? И дали сте горди што тој ви ја предводи коалицијата во Собранието“, пратеникот Ковачки го запраша Ковачевски во однос на немилите настани што се случија поврзани со Талат Џафери.