Македонија
(Видео) Пендаровски: Самостојноста не ни е подарена од никого, туку е дело на многу генерации
Претседателот, Стево Пендаровски, во своето обраќање на централната свеченост по повод 30-годишнината од независноста, истакна дека самостојноста не ни е подарена од никого, туку е дело на многу генерации водени од идеалот за слободна и своја држава.
Пендаровски нагласи дека континуитетот, но и концептот на државата е јасно впишан и во клучните документи на трите Илиндени: Крушевскиот манифест кој декларира соживот меѓу еднаквите, Декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија од Св. Прохор Пчински и Декларацијата за сувереност и ја потврдуваат визија на основачите за демократска република, втемелена врз сите меѓународни документи и принципи за човековите права и слободи.
Претседателот на државата потсети дека во завршната етапа, независноста беше стекната во исклучително сложени геополитички и безбедносни околности, на крајот на Студената војна и на почетокот на крвавиот распад на југословенската федерација.
„Во овие триесет години сите имавме прилика да потврдиме една вистина, една реалност, а таа е дека опстојот и просперитетот на нашата независна македонска држава зависат од два процеси: од внатрешната инклузивност и од надворешната интегрираност. Мултиетничкиот соживот и вековната традиција на почитување на различноста се нашата најголема вредност и тоа не е така само во пишаните документи со кои ќе се фалиме пред светот, за тоа постојат многубројни примери во нашето секојдневие каде што и радоста и тагата луѓето еднакво ја делат независно од нивната вера или нација“, рече Пендаровски.
Истакна дека уште на самите почетоци на независноста, сите релевантни политички и општествени субјекти постигнаа општ консензус околу неопходноста од членство во Северно атлантската алијанса и во Европската економска заедница.
„Освен што ја јакнеа меѓуетничката кохезија, евроатлантските интеграции ги помируваа и политичките противници. Интеграциските процеси беа, и сѐ уште се, и мотив и средство за достигнување на европските стандарди на живеење во многу области. Земени заедно, внатрешната инклузивност и надворешната интеграција се клучните оски за долгорочна стабилност и просперитет на нашата држава. Северна Македонија може да напредува само ако сите нејзини граѓани ја чувствуваат како своја татковина, и ако е целосно интегрирана во западната заедница на народите“, потенцираше претседателот.
Пендаровски нагласи дека во перспектива Северна Македонија ја гледа како земја во која се обезбедени сите услови младите генерации да останат во земјата и тука да живеат, да работат и создаваат иднина.
„Република Северна Македонија треба да ја градиме како држава во која владеењето на правото ќе биде без алтернатива. Да вложуваме во квалитетно образование што ќе ги подготви младите да се вклучат во глобалната дигитална револуција. Да инвестираме во здравствен систем што ќе се грижи за здравјето на граѓаните, вреднувајќи го трудот на здравствените работници. Да го негуваме културното и историско наследство и да вложуваме во новата генерација артисти кои не се подолу од врвните во светот. Да градиме држава во која сите нејзини граѓани ќе чувствуваат дека имаат еднакви права и можности, држава без привилегирани и потчинети, без домаќини и гости. Солидарно и хумано општество што ќе го гарантира достоинството и на најранливите и на најслабите негови членови“, издвои, меѓу другото, претседателот Пендаровски во овој дел од своето обраќање.
Денес, кога го празнуваме континуитетот на трите наши Илиндени, подвлече претседателот на државата, не треба да изгубиме од предвид дека да се има сопствена, независна држава е голема привилегија, но и голема одговорност.
„Ние немаме резервна татковина. Ова е нашиот единствен, заеднички дом и тој ќе биде пристојно место за живеење само доколку секој од нас го вложува во него својот труд и својата совест. При тоа, се разбира дека одговорноста е најголема кај оние кои ја добиваат честа да ја водат општината, градот, владата или државата. Апсолутно сум убеден дека ако секој од нас се вложи за таа кауза до крај, беа остаток, беа калкулации, тогаш ќе имаме држава со која сите ќе се гордееме“, нагласи Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Во прв круг за претседател е избран само Киро Глигоров со освоени 715.087 гласа, Силјановска-Давкова и Пендаровски вторпат одат во втор круг
По вчерашниот прв круг од седмите претседателски избори, Киро Глигоров остана единствениот претседател избран во прв круг од осамостојувањето до денес. На првите претседателски избори во 1994 година Глигоров како кандидат на СДСМ освои 715.087 гласа или 78,4 отсто. Негов противкандидат тогаш беше Љубиша Георгиевски од ВМРО-ДПМНЕ, кој освои 197.109 гласа или 21,6 отсто.
На изборите во 1994 година Глигоров го доби вториот претседателски мандат. Првиот го доби од Собранието на 27 јануари 1991 година, само два дена откога беше изгласана декларацијата за сувереност на државата. На овие избори имаше само двајца кандидати за претседател.
Во 1999 година, на вторите претседателски избори, за претседател беше избран Борис Трајковски, кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, во вториот круг. Трајковски во првиот круг имаше помалку гласови од противкандидатот Тито Петковски. Трајковски доби 219.098 гласа или 21,1 отсто, а Петковски 343.606, односно 33,1 отсто, но во вториот круг си ги заменија местата и Трајковски победи со 582.808 гласа, што сочинуваа 53,2 отсто. Петковски во вториот круг освои 513. 614 гласа или 46,8 отсто.
Покрај Трајковски и Петковски, кандидати за претседател беа и Васил Тупурковски од Демократската алтернатива, Муарем Неџипи од Демократската партија на Албанците, Стојан Андов од Либералната партија и Мухамед Халили од Партијата за демократски просперитет.
На третите претседателски избори во 2004 година за претседател во вториот круг беше избран Бранко Црвенковски од СДСМ. Во првиот круг тој освои 385.347 гласа, односно 42,5 отсто, а во вториот круг доби 550.317 гласа или 62,6 отсто. Негов противкандидат во вториот круг беше Сашко Кедев од ВМРО-ДПМНЕ, кој во првиот круг доби со 309.132 гласа, односно 34,1, а во вториот круг за него гласаа 329.179 граѓани, односно 37,4 отсто.
На овие избори имаше уште двајца кандидати, Гзим Острени од Демократската унија за интеграција, формирана две години претходно, и Зуди Џелили од Демократската партија на Албанците.
Претседателските избори во 2009 година, четврти по ред, имаа седуммина кандидати, исто како и сегашните. За претседател во вториот круг беше избран Ѓорге Иванов со освоени 453.616 гласа или 63,14 отсто. Во првиот круг Иванов освои 345.850 гласа. Неговиот противкандидат Љубомир Фрчкоски во првиот круг освои 202.691 (20,54 %), а во вториот 264.828 гласа или 36,86 отсто. Во првиот круг поразени беа Имер Селмани од Нова демократија, Љубе Бошкоски како независен кандидат, Агрон Буџаку од Демократската унија за интеграција, Нано Ружин од Либерално-демократската партија и Мируше Хоџа од Демократската партија на Албанците.
Во 2014 година, на петите претседателски избори, кога првпат за претседател се кандидира Стево Пендаровски, Ѓорге Иванов го доби вториот мандат, повторно во вториот круг. Во првиот круг тој освои 448.303 гласа (51,65 %), а во вториот беше избран со 534.910 гласа (55,28 %). Пендаровски во првиот круг освои 326.069 гласа (37,57 %), а во вториот 398.076 (41,14 %). На овие избори имаше четворица кандидати. Покрај Иванов и Пендаровски, кандидати беа Зоран Поповски од ГРОМ и Халими Илјаз од Демократска партија на Албанците.
Гордана Силјановска-Давкова првпат се појави како претседателски кандидат на изборите во 2019 година. И, тогаш, како и сега, нејзин противкандидат беше Стево Пендаровски. Тој победи во вториот круг со освоени 435.656 гласа (51,65 %). Во првиот круг Пендаровски имаше 322.581 глас (42,81 %).
Силјановска-Давкова во првиот круг на претходните избори освои 318.341 глас (42,25 %), а во вториот имаше 377.446 гласа (44,75 %). Заедно со нив кандидат за претседател беше Блерим Река од Алијансата за Албанците и Движењето Беса, но не влезе во вториот круг.
По првичните и сѐ уште неофицијални резултати од вчерашните избори, Силјановска-Давкова и Пендаровски вторпат ќе се борат за функцијата претседател на државата во вториот круг. Силјановска-Давкова вчера освои 362.847 гласа или 40,08 отсто, а Пендаровски е зад неа со освоени 180.386 гласа, односно 19,93 отсто од граѓаните што излегоа на гласање.
По првиот круг отпаднаа Стевчо Јакимовски од ГРОМ, Бујар Османи од Демократската унија за интеграција, Билјана Ванковска-Цветковска, поддржана од Левицата, Арбен Таравари, кандидат на коалицијата „Влен“ и Максим Димитриевски од ЗНАМ.
Вториот круг од седмите претседателски избори ќе се одржи на 8 мај заедно со парламентарните избори.
Македонија
(Видео) Стојаноска од Јегуновце: Оваа криминална власт вчера го доби жолтиот картон, а црвениот ѝ следува на 8 мај
Од победничко Јегуновце, најпрво се заблагодарувам и им честитам на сите граѓани на Република Македонија, особено на тие од изборната единица шест, затоа што вчера ја направија Македонија горда, кажа Дафина Стојаноска, носител на ВМРО-ДПМНЕ во изборната единица 6.
„Вчерашниот датум, 24 април, оваа криминална власт го доби жолтиот картон, а црвениот и следува на 8 мај.
Денес продолжуваме со стисок на рака повеќе и барање на глас повеќе, заедно да се обединиме против криминалот“, порача таа.
Ова политичко зло, како што рече, „да го испратиме во пензија и Македонија повторно да ја направиме ваша и повторно горда“.
Македонија
Милица Џаровска се прости од својот татко: Не ти кажав, ама ти знаеше дека ми беше идол
Велибор Џаровски-Џаро, познатиот менаџер, почина денес на 75-годишна возраст по кратко боледување, а веста за неговото заминување ја објави ќерка му Милица.
„Чао, Благојче мој, знам дека и горе ќе се снајдеш и ќе најдеш некоја сигурица за играње. Не ти кажав, ама ти знаеше дека ми беше идол“.
Тој зад себе ги остави сопругата Виолета, внуците Лара и Лука, но и единствената ќерка Милица, позната естрадна новинарка. Таа минатата година ја издаде книгата „Живот на коцка“, која му ја посвети токму нему.
Џаро соработуваше со најголемите југословенски естрадни ѕвезди, како Здравко Чолиќ, Мишо Ковач, Маја Оџаклиевска, Оливер Драгоевиќ, „Бјело дугме“, Тереза Кесовија, Лепа Брена.
Беше познат и како крал на местенките во фудбалот.