Македонија
(Видео) Пендаровски – Штајнмајер: Германија ќе продолжи да биде нашиот клучен политички и економски партнер

На средбата, која помина во исклучително пријателска и позитивна атмосфера, со мојот германски колега разговаравме за нашите билатерални односи, партнерството во НАТО, македонските евроинтеграции, меѓусебните економски врски, културно-образовната соработка, но и за прашањата што се однесуваат на пошироката европска стабилност и безбедност, изјави претседателот Стево Пендаровски.
Како што нагласи, на средбата истакнал дека сме целосно посветени на првите фази од преговорите со Европската Унија затоа што членството во Унијата останува наша долгорочна стратешка определба, на која ќе продолжиме да работиме со несмален интензитет.
„Во овој контекст недвосмислената поддршка што ја добиваме од Германија е од големо значење за нас, особено во рамките на обновениот Берлински процес, во кој Германија има клучна улога. Разговаравме за безбедносната состојба во Европа и разните предизвици на тој план во контекст на војната во Украина. Се обврзавме за унапредување на досегашната соработка во одбраната и во безбедноста, кои се важни аспекти и во нашите билатерални односи.
Во делот на економијата, Германија останува наш најзначаен економски партнер, кој со години е на првото место на листата, со трговска размена од повеќе од 4 милијарди евра на годишно ниво. Германското економско портфолио во Северна Македонија е импресивно, со речиси 200 фирми со германски капитал, во кои работат над 15.000 луѓе. Со претседателот Штајнмајер се заложивме економската размена и инвестициите меѓу нашите држави да продолжат и во иднина и овие бројки да се зголемуваат затоа што се од огромна важност за меѓусебната доверба и просперитетот на нашите граѓани. Не помалку важни се и областите на образованието, науката и културата, каде што нашите две држави остваруваат интензивна соработка.
И на крајот, она што го кажав во разговорот со почитуваниот претседател би сакал и сега да го повторам: благодарам за целокупната германска поддршка до сега, при што го изразувам своето уверување дека Германија ќе продолжи да биде нашиот клучен политички и економски партнер и дека во годините пред нас нашето пријателство и соработка во областите од заемен интерес ќе одат само по нагорна линија“, рече Пендаровски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Средба на министерката Петровска со српскиот министер за одбрана, Вучевиќ

Министерката за одбрана, Славјанка Петровска, денеска го пречека на работна средба потпретседателот на Владата и министер за одбрана на Република Србија, Милош Вучевиќ, кој е во работна посета на Република Северна Македонија.
За време на средбата беше разговарано за унапредување на соработката во доменот на одбраната, како и за учеството на земјите во регионалните иницијативи како платформи за зајакнување на регионалната стабилност и безбедност.
Министерката Петровска истакна дека одржувањето на стабилноста во регионот е од приоритетно значење, кое се постигнува со отворен дијалог и добрососедски односи, а дека активното учество во регионалните иницијативи за соработка придонесуваат за градење на меѓусебна доверба и разбирање.
Петровска додаде дека целосната интеграција на земјите од Западен Балкан во Европската Унија суштински ќе придонесе за зајакнување на стабилноста и ќе ја зголеми соработката во регионот.
Македонија
Царината заплени половина тон тутун за наргиле и над 2 илјади електронски цигари

Во заедничка акција на инспектори од Секторот за контрола и истраги на Царинската управа со Одделот за крим-полиција – Сектор за економски криминал и корупција на МВР и инспектори од Управата за јавни приходи и Пазарната инспекција, запленети се речиси половина тон тутун за наргиле, електронски цигари и течност за електронски цигари.
Имено, вчера, на 26.1.2023 година, на неколку локации во Скопје во рамките на координираната акција беше извршена контрола во која беа откриени и запленети необележани акцизни производи, без акцизни маркички, од кои 454 кг тутун за наргиле, 2.290 електронски цигари, со содржина од 15.130 милилитри течност за електронски цигари.
Со оваа заплена е спречен обид на пуштање во слободен промет акцизна стока за која е избегнато плаќање давачки од вкупно 2,5 милиона денари.
Запленетата стока во согласност со законските прописи ќе биде предадена во Агенцијата за управување со одземен имот, а против инволвираните правни и физички лица поднесени се соодветни пријави до надлежните институции.
Македонија
Средба Османи – Џејн

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со амбасадорката на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ами Ларсон Џејн.
Во фокусот на средбата беа повеќе теми, пред сè, актуелните претседавања на Шведска со Европската Унија и на Република Северна Македонија со ОБСЕ, зачленувањето на Шведска во НАТО и безбедносната состојба на европскиот континент, претседавањето на Шведска со ИХРА и соработката во билатералната и мултилатералната сфера, како и најновиот развој на состојбите во регионот на ЈИЕ.
Во својство на претседавач со ОБСЕ, министерот Османи информира за приоритетите на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ и се заблагодари за шведската продуктивна соработка и поддршка во рамките на ОБСЕ-тројката.
Министерот Османи се заблагодари за шведската континуирана поддршка за интеграција на Северна Македонија и на Западен Балкан во целина во EУ.
Потсетувајќи дека при последното претседавање на Шведска со Советот (во втората половина на 2009 година), нашата земја ги доби визната либерализација и првата препорака на ЕК за почеток на пристапните преговори, изрази уверување дека со својата прагматична и политика ориентирана кон резултати сегашното претседавање на Шведска исто така ќе остави позитивен белег во европската траекторија на нашата земја.