Македонија
(Видео) Петрушевски: Интерпелацијата на Гаши гол популизам на СДС за ситни политички поени
„Почитувана јавност, добро е вака на отворена сцена да ја видиме коалицијата помеѓу СДСМ и Левицата и да видиме дали и ДУИ ќе ѝ се приклучи на оваа коалиција. Колега Талевски, спомнавте башибозук и самоволие, интересно е тоа да го слушнеме од пратеник на СДСМ, кој е веќе втор мандат во овој парламент, кога се изнагледавме што се башибозук и самоволие. Кога првпат во нашата историја видовме претседател на Собранието како буквално ги пцуе вработените во Собранието, а одговор од него беше Талат Џафери е најдобар претседател на Собранието и тоа го повтoруваа како расипана плоча сите до еден пратеници на СДСМ“, рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната седница во Собранието.
„Колега Талевски, зарем не се башибозук и самовoлие министри од вашата влада да трошат државни пари преку службени картички за купување разноразни подароци, мечиња, куфери, сите брендирани, зарем не е самоволие да се плаќаат илјадници евра за една ноќ во апартмани луксузни во европските метрополи, да се плаќаат авионски билети, а да не се оди на тоа патување. Смешно и глупаво е да поддржите една ваква интерпелација притоа не спомнувајќи го Африм Гаши ниту еднаш во вашиот говор, а ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски не ги извадивте од уста. Тоа е само доказ дека ова што го правите е безизлезност и се обидувате со гол популизам да дојдете до ситни политички поени“, нагласи Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Центар и Бутел денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје известуваат дека денеска без вода ќе бидат делови од општините Центар и Бутел.
Поради дефект на улична цевка ф 2“ на улица Рајко Жинзифов бб раскрсница со улица Киро Крстевски Платник без вода ќе останат корисниците на дел од улицата Киро Крстевски Платник и дел од улицата Шумадиска во општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување на интервенцијата.
Поради дефект на огрлица од ф 250мм на улицата Македонско Косовска Бригада крак 11 бб. без вода ќе останат корисниците од комплекст Вива Фреш, касарната Илинден и улица Македонско Косовска Бригада крак 11 во општина Бутел.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.
Македонија
Мурал на потпорен ѕид долг 120 метри крај реката Пена со порака за отпорност кон поплавите
Потпорниот ѕид изграден за спречување на лизгање на земјиштето во близина на ХЕЦ Пена, покрај тоа што обезбедува сигурност за возилата и пешаците, трансформиран е и во дело на уличната уметност, преку голем мурал кој пренесува порака за отпорност и единство во заедниците соочени со катастрофи.
Муралот е изработен како дел од серијата активности кои УНДП ќе ги спроведе за одбележување на меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи, 13-ти октомври.
На претставувањето на муралот нацртан по целата должина на ѕидот долг 120 метри денеска присуствуваа Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), Армен Григорјан и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
„Овој ѕид е одлично направен и обезбедува безбедно одвивање на сообраќајот и движење на граѓаните на Тетово кон Бањиче, популарна рекреативна дестинација. Но, беше сив и ние сакавме да го разубавиме, но и да испратиме значајна порака за отпорност и единство во заедниците соочени со ризик од катастрофи“, изјави Григорјан.
„Големо задоволство е да се биде тука со нашите партнери од УНДП, на презентацијата на овој мурал, во чија подготовка учествуваа и повеќе млади лица. Заедно спроведуваме значајни активности со кои сакаме во Полог да ја засилиме отпорноста кон поплавите и нашите заедници да ги направиме поотпорни на катастрофи“, рече Касами.
Инспирација за приказната претставена на муралот, уметниците најдоа во цртежите кои ги изработија учениците од повеќе основни училишта во Тетовско, на работилниците организирани од УНДП.
Ѕидот кој послужи како платно за уличните уметници е изграден во рамки на проектот за „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“, финансиран од Швајцарија, кој Програмата за развој на Обединетите нации го спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во регионот.
Македонија
Потпишан договор за европски грант, 50-тина училишта ќе добијат соларни фотоволтаични системи
Педесетина училишта во Македонија ќе ја подобрат енергетската ефикасност преку инсталирање на соларни фотоволтаични системи, за што, денеска министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа, Томас Бошек потпишаа договор за неповратен грант вреден 1,1 милион евра.
Училиштата ќе ја заменат енергијата базирана на фосилни горива со чиста и обновлива енергија. На овој начин, тие ќе дадат дополнителен придонес кон заштитата на животната средина, а ќе заштедат и средства кои ќе можат да се реалоцираат во унапредувањето на условите за настава.
На потпишувањето на договорот за овој проект одобрен преку Европскиот фонд за зелени општествени инвестиции, наменет за јакнење на инклузивните климатски мерки, Јаневска изрази благодарност до Банката за развој при Советот на Европа за континуираната поддршка на државата во унапредувањето на инфраструктурните услови во областа на образованието.
Министерката изрази очекувања дека соработката во насока на достигнување на европските стандарди за квалитет, ќе продолжи и во иднина.