Македонија
(Видео) Петрушевски: Народот на минималец, а Трендафилов синдикалецот на батерии од СДС и Левица со плата од 75.000 денари

Работниците се револтирани, затоа што додека ги манипулира Слободан Трендафилов, тој и луѓето околу него имаат месечни примања од над двојно и тројно поголеми од една минимална плата, кажа денеска на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Дали синдикалецот на батерии на СДС и Левица, Слободан Трендафилов, со 75 илјади денари месечно во џеб ги манипулира работниците за минималец? Според информациите кои стигнаа до нас, само во текот на 2024 година и првите два месеци од 2025 година Слободан Трендафилов покрај платата од 75.000 денари, имал и примања по други основи, со што вкупната сума која ја земал во овој период е 1 милион и 688 илјади денари по основ на плата и договори. Ова е првиот синдикалец Трендафилов, кој според овие информации за 4 години прави 100.000 евра, со амин на СДС кои го поставија на таа позиција за да ги манипулира работниците. Во следните денови ќе бидат демаскирани сите негови соработници“, рече Петрушевски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конфренција, рече дека нема никаква комуникација со претставници на Сојузот на синдикати на Македонија.
„Да се стави партиско обележје на една таква активност е недозволиво и недемократски, затоа што Синдикатот е репрезент на работниците и нивните реални барања. Сега кога работниците укажуваат дека тешко се живее, дека се потребни три минимални плати за да се обезбеди една потрошувачка кошничка, очигледно е дека има проблем, истакна Филипче, нагласувајќи дека оваа Влада не прави ништо за да ги подобри условите за живот на граѓаните“, рече Филипче.
Тој ја оцени актуелната владина тенденција како многу опасна, бидејќи наместо да ги решава економските проблеми, таа секое незадоволство го претставува како политички мотивирано.
„Тоа значи дека Владата ќе му фрли партиско обележје на било кое барање на било која група на луѓе, иако тие имаат реални проблеми што таа треба да ги реши. Наместо да реагира со решенија, Владата ги напаѓа барањата на работниците“, порача Филипче.
Вчера Теа Јарц од Европската конфедерација на синдикати рече дека битката за повисока минимална плата во Македонија е легитимна и праведна. Тоа е најголемата синдикална организација во Европа со 45 милиони членови и Јарц најави дека ќе ја информира Европската комисија за политичките притисоци врз ССМ. Тоа, според неа, ќе се одрази на извештајот за напредокот на Македонија.
„Да се биде синдикалец е човеково право и право на работниците. Никој не смее да биде напаѓан поради тоа. Особено во земјите во процесот на прошување кои преговараат за да се зачленат во ЕУ. Тие мора да дадат одговор на тие прашања. Ние сме во контакт со Европската Комисија која секоја година објавува извештај за напредокот и во тој извештај ние ја известуваме ЕК за тоа каква е состојбата со социјалниот дијалог. Ако социјалниот дијалог не се почитува во тие земји, ние тоа го пријавуваме до ЕК и тоа ќе биде отсликано во извештајот за напредокот. Од тој извештај зависи како ќе напредува земјата кон ЕУ и кои финансии ќе ги добие за поддршка на реформите“, рече Јарц.
ССМ бара најниската плата да биде 30 илјади денари. Предложија покрај законското усогласување од околу 2 илјади денари, да има зголемување за дополнителни 6 илјади за кои придонесите ќе ги плати државата во период од една година. Ваквиот предлог Владата го одби.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Македонија годинава ќе биде со најнизок економски раст во регионот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Радовиш, каде што се сретна со граѓаните и разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„По десет месеци од новата власт, разочарувањето е големо. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони за раздвижување на економијата и зголемување на платите, но дека власта останува глува.
„СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светската банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но очигледно ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и целосна негрижа за граѓаните“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, тој подвлече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да работи за подобар живот за сите
„СДСМ ќе продолжи да работи и нуди решенија, силно верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера и чесните политики кои се наменети за подобар живот“, додаде претседателот на СДСМ.
Македонија
СДСМ: Тошковски мораше да го признае скандалот со братот на Стефковски – треба да си даде оставка

Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Стефковски со видео докази, Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае, велат од СДСМ.
„Денешното признание на Тошковски потврдува две работи: прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“, велат од СДСМ.
Според нив, веќе не се ни бројат скандалите кои го тресат МВР.
„Владее хаос, своеволие кои допрва ќе излегуваат на виделина. Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка? СДСМ ќе продолжи гласно да ја брани правдата, законитоста и интересите на граѓаните“, велат од СДСМ.
Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.