Македонија
(Видео) Петрушевски: Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина
Дали Јованка Тренчевска и СДС го бранат Груби и дали доброволно се пријавуваат заедно со сите свои колеги да седнат до Груби на обвинителната клупа, прашува Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Партнерството на СДС со бегалецот од правдата Артан Груби и ДУИ излегува на површина. Откако со години замижуваа и го одобруваа милионскиот криминал на тогашниот прв вицепремиер Артан Груби, сега кога треба да се соочи со правдата, се ставаат во негова заштита, па дури и ќе се жртвуваат и ќе тонат заедно со него. Имено, потпретседателката на СДС и поранешна министерка, Јованка Тренческа во однос на кривичната пријава за Груби вели дека одлуките на Владата биле колективни и дека ако се докаже дека има вина во случајот, треба сите заедно да одговараат“, вели тој.
Петрушевски додава дека СДС и ДУИ во паника и страв смениле 10 тези откако Груби бил уапсен.
„Дали потпретседателката на СДС го брани Груби за криминалот со кој државниот буџет го оштети за над 8 милиони евра? Или, пак, доброволно се пријавува заедно со сите свои колеги од тогашната влада да седнат на обвинителна клупа заедно со Артан Груби? Дали затоа нервозата во СДС и ДУИ е голема? Дали стравот им е толку голем од тоа што дополнително има да каже Груби? СДС и ДУИ во паника и страв сменија 10 тези откако Груби беше уапсен. Како тргнале до крајот ќе си признаат се“, рече Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: БРТ проектот влегува во фаза на реализација
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, информира дека се направени финалните координации со претставници на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за продолжување на реализацијата и оптимизацијата на проектот за Брз автобуски превоз (БРТ).
Ѓорѓиевски преку објава на социјалните мрежи соопшти дека одржал работна средба со тимот на ЕБОР во Македонија, предводен од директорот Фатих Туркменоглу, на која биле разгледани следните чекори за проектот.
Според градоначалникот, по преземањето на мандатот, преку координација со Владата, Министерството за транспорт, Министерството за финансии, ЕБОР и останатите институции, биле отстранети пречките кои, како што наведува, со години го блокирале проектот.
„Ги отстранивме пречките и создадовме услови БРТ конечно да влезе во фаза на реализација“, напиша Ѓорѓиевски.
Тој оцени дека проектот претставува стратешка инвестиција која треба да овозможи побрзо движење низ градот, намалување на сообраќајниот метеж, поголема безбедност и подобар квалитет на јавниот превоз.
Ѓорѓиевски: БРТ нема да биде на сметка на зеленилото
Градоначалникот уверува дека изградбата на БРТ нема да значи уништување на постојното зеленило долж булеварите.
„БРТ нема да се реализира на сметка на булеварското зеленило. Напротив, предвидуваме дополнително зеленило и нови зелени површини“, порача Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека целта е преку проектот да се создаде почист и похуман градски простор, покрај модернизацијата на јавниот транспорт.
Паралелно се работи и на други транспортни проекти
Ѓорѓиевски посочи дека БРТ е само еден дел од пошироката визија за модернизација на јавниот превоз во Скопје.
Како дел од плановите ги наведе и активностите за воведување градски воз, набавката на нови 100 автобуси преку Владата, како и оптимизација на мрежата на автобуски линии.
„Создаваме интегриран, функционален и современ систем на урбана мобилност, каков што Скопје одамна заслужува“, порача градоначалникот.
Македонија
(Фото) Пожар на тешко достапен терен кај Валандово, општината се сомнева на намерно подметнување
Пожар денеска во 12:37 часот е пријавен на тешко достапен терен кај месноста Пирин Чешма во Општина Валандово. Веднаш по пријавата, на местото интервенираат екипи на Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) Валандово, кои и понатаму се на терен во обид целосно да го локализираат пожарот.
Според информациите од Општина Валандово, пожарот во моментов се држи под контрола, но неговото гаснење е отежнато поради непристапниот терен, каде што механизацијата тешко може да интервенира.
Од локалната самоуправа посочуваат дека, според првичните сознанија, не станува збор за случаен предизвикувач на пожар, туку за лице кое добро го познава теренот и избира локации каде што противпожарните екипи најтешко можат да интервенираат.
Паралелно со интервенцијата, ТППЕ Валандово повторно упати апел до граѓаните да не палат стрништа и други површини на отворен простор, потсетувајќи дека ваквите постапки се казниви согласно закон и претставуваат сериозна опасност за животот, имотот и животната средина.
„Против секое лице кое ќе биде затекнато или пријавено дека пали стрништа ќе биде поднесена соодветна пријава до надлежните институции“, информираат од ТППЕ Валандово.
Од службата ги повикуваат граѓаните веднаш да пријават доколку забележат пожар на телефонските броеви 193 (Територијална противпожарна единица) или 112 (Единствен број за итни случаи).

Овој пожар доаѓа само неколку дена откако Општина Валандово најави засилени мерки за превенција од пожари. На состанокот на Локалниот совет за превенција беше договорена поинтензивна координација меѓу надлежните институции, како и засилени контроли и патроли на критичните локации, со идентификација на лица кои се движат во ризичните подрачја.
Воедно, од општината потсетуваат дека сè уште е во сила владината одлука за целосна забрана за движење во шумите, освен за лицата кои поседуваат соодветна дозвола издадена од ЈП „Национални шуми“.
Надлежните повторно апелираат до граѓаните на максимална внимателност и одговорно однесување, нагласувајќи дека превенцијата останува најдобрата заштита од пожари.
Македонија
(Видео) Штерјова: Во Чаир законите не важат, со амин на ВМРО, ВЛЕН без Бадентер менува имиња на улици
Советничката од редовите на СДСМ во Советот на Град Скопје, Кети Штерјова, денеска ја обвини владејачката коалиција дека во Општина Чаир била донесена одлука за промена на имиња на улици без примена на Бадентеровото мнозинство.
Штерјова оцени дека со одлуката, како што рече, се прекршуваат законските процедури и механизмите предвидени со Охридскиот рамковен договор.
„Важат ли законите во општина Чаир? Очигледно не! Се уште не се решени огромните скандали со дивоградбите, досега никој не одговараше. Коалициските партнери ВМРО и ВЛЕН се штитат меѓусебно. Последниот скандал е со амин на ВРМО, нивниот коалицискиот партнер ВЛЕН, во Советот на Општина Чаир ги промени имињата на две улици без Бадентерово мнозинство. Грубо е прекршен механизмот за една од клучните гаранции на Охридскиот договор за носење одлуки за прашања што ги засегаат меѓуетничките односи, во овој случај Македонците“, рече Штерјова.
Советничката тврди дека улиците биле именувани по припадници на УЧК и предупреди дека ваквите одлуки можат да предизвикаат меѓуетнички тензии.
„Улиците се именувани по припадници на УЧК. Носење на вакви одлуки може да создаде меѓутнички тензии и да ја поткопа довербата кај граѓаните – Македонци. Очигледно коалицијата на власт намерно сака да создаде меѓуетнички тензии во општина која важи за толерантна и каде луѓето се почитуваат меѓу. Само за да ги покријат своите скандали. Лажниот патриотизам на ВМРО се гледа насекаде и создава проблеми на секое ниво. Се е лага кај ВМРО. Со лаги и манипулации дојдоа на власт, така и владеат. Ги штитат своите функционери и нивните коалициски партнери од одговорност за дивоградбите а ги газат механизмите што ја штитат државата и меѓуетничките односи. Граѓаните веќе јасно гледаат дека за ВМРО и ВЛЕН законите не важат, ги интересораат само бизнисите, тендери и привилегиите“, истакна Штерјова.
Од СДСМ побараа повлекување на одлуката за која тврдат дека е незаконска и порачаа дека законите мора да важат за сите.
