Македонија
(Видео) Полициските хеликоптери исфрлија над 65 тони вода врз пожарите кај селото Тажево и „Јасен“
Денеска, Одделот за воздухопловни единици при МВР учествуваше со два хеликоптери во гасење на пожарот во реонот на Јасен.
Во 12 налети исфрлени се над 65 тони вода со што се локализирани жариштата од едниот реактивиран крак на пожарот и спречено е ширење на огнот кон селото Брезница, селото Тажево и националниот парк Јасен, соопшти МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Новите објекти во Кисела Вода се приклучуваат кон системот за централно греење
Новиот директор на ЕСМ Дистрибуција на топлинска енергија, Петар Милетиќ, оствари средба со засегнатите страни со цел да се реши прашањето за приклучување кон системот за централно греење во новоизградените и објектите кои се во изградба на потегот помеѓу булеварот „Борис Трајковски” и улиците „Михаил Чаков”, „Народни Херои” и „Лазар Димитров”.
„Поради неажурноста и неодговорноста на претходното раководство, топловодот не бил реализиран неколку години, но конечно новото раководство наиде на разбирање и решение за овој проблем со изградба на нов секундарен топловод“, велат од ЕСМ.
Се додава дека со изградбата на секундарниот топловод ќе се создадат услови за приклучување кон системот за централно греење. Инвеститорите на објектите согласно нивните обврски, конечно ќе можат да ја завршат постапката за приклучување на објектите кон системот за централно греење.
Согласно Одобрение за градење бр. 13-2942/3 од 24.07.2024 година и правосилност од 03.09.2024 година издадено од страна на Општина Кисела Вода, ЕСM Дистрибуција на топлинска енергија ДООЕЛ Скопје ќе започне со изградба на нов секундарен топловод А3.010 од постоечка шахта 010 на вод АЗ делница 005 за планирани објекти според ДУП Ј13 за населбата „11-ти Октомври”, Скопје.
Исто така, како што се додава, Милетиќ, во најкус временски период потпиша 27 согласности за испорачување на топлинска енергија во новоизградените објекти.
„Граѓаните можат да бидат спокојни. Активностите ќе се изведуваат експедитивно, без застој и навремено, тоа јавно го ветувам”, истакна директорот Милетиќ.
Македонија
Перински во Врање за ИПА 3: Имаме можност да го продолжиме развојот на прекуграничниот регион и да овозможиме поквалитетен живот
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, денеска во Врање, Србија, заедно со министерката за Европски интеграции на Република Србија, Тања Мишчевиќ и шефот на Европската делегација во Република Србија, Емануеле Жиофре, го објавија Првиот повик за поднесување на предлог проекти во рамки на ИПА 3 прекуграничната пограма Србија – Македонија 2021-2027. Заинтересираните субјекти ќе можат да аплицираат до 22.октомври и во оваа фаза предвиден е буџет од 5.400.000 евра. За потребите на заинтересираните апликанти и оние кои ќе имаат потреба од логистичка поддршка и помош за пронаоѓање партнери, функционира заеднички технички секретаријат со канцеларија во Лесковац и Куманово.
„Дозволете ми да ги повикам сите заинтересирани страни, кои сакаат да се јават на овој јавен повик, да ја искористат можноста да аплицираат на повикот кој ќе трае до 22.октомври, а за кој е обезбеден буџет од 5.400.000 евра. Како и досегашните програми ИПА 1 и ИПА 2, очекуваме и оваа ИПА 3, да биде навистина успешна, да придонесе во соработката помеѓу двете држави, да го подобри капацитетот на пограничните региони и овозможи подобар и поуспешен и поквалитетен живот на граѓаните од овие области, што практично во основа е и основна цел на оваа програма“, изјави Перински, кој верува дека проектите од оваа програма ќе го унапредат и квалитетот на живот на граѓаните, но и ќе ја продлабочат соработката помеѓу пограничните региони.
Изборот на проекти кои ќе се финансираат, како што напомена Мишчевиќ, ќе го врши соодветна комисија.
„Ниту министерот Перински, ниту јас, немаме никаква улога во одлучувањето. За изборот на проектите ќе одлучува соодветна стручна комисија, која прави проценка на проектите, во однос на исполнување на критериумите и слично. Може да бидеме горди од досега спроведената ИПА 2, при што стапката на искористеност е 94 отсто од вториот, односно 98 отсто на реализираност од првиот повик“, истакна Мишчевиќ.
Задоволство од досега реалзиираните програми, изрази и шефот на Европската делегација во Република Србија, Жиофре, кој посочи дека од исклучителна важност се добрососедските односи и соработка помеѓу земјите.
„Меѓудругото, преку реализацијата на оваа програма, таа ќе помогне на локалните заедници во решавање на социјалните проблеми со кои се соочуваат ранливите категории на лица, а друга важна компонента на оваа програма е подобрување на туристичката инфраструктура.
Сметам дека овие клучни програми ќе овозможат економски развој и раст во пограничниот регион“, додаде Жиофре, кој посочи дека Европската Унија донира 5.400.000 евра за оваа фаза од ИПА 3.
Посетата на Врање, Перински ја искористи и за работна средба со градоначалникот на Град Врање, Слободан Миленковиќ, а посети и неколку локации кои веќе имплементираа проекти од ИПА 2 програмата. Заедно со министерката Мишчевиќ ги посетија Секторот за вонреди ситуации при Министерството за внатрешни работи во Врање и јавните претпријатија „Комрад“ и „Водовод“.
Благодарение на проектот „Заеднички интервенции во вонредни ситуации во пограничниот регион Србија и Бугарија“, зајакнати се капацитетите на единиците во Врање и Лесковац, кои сега со набавена опрема имаат можност да реализираат навремена координирана акција помеѓу земјите во регионот.
Македонија
На УКИМ почнува вториот уписен рок за прв циклус студии, останати се слободни места на речиси сите факултети
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје почнува вториот уписен рок за прв циклус студии за учебната 2024/2025, каде што се останати слободни места на речиси сите факултети. Сите заинтересирани може да аплицираат на 17 и 18 септември.
На Архитектонскиот факултет во првиот уписен рок се пополнети сите слободни места, а на Градежен факултет се слободни 233, од кои 123 се наменети за редовни студенти што се финансираат од буџетот на Република Северна Македонија, а 110 за редовни студенти со школарина.
На Факултетот за електротехника и информациски технологии за редовни студенти во државна квота се слободни 194 места, а за приватна квота се слободни 99 места.
На Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство за редовни студенти што се финансираат од буџетот на РСМ слободни се 59 места, од кои најмногу – 41, на насоката компјутерско инженерство. За редовни студенти со школарина слободни се 254 места на ФИНКИ.
452 места за редовни студенти во вториот уписен рок се слободни и на Машинскиот факултет, а на Технолошко-металуршкиот факултет се слободни 238 места.
На Природно-математички факултет за редовни студенти во државна квота слободни се 418 места, за студенти во приватна квота слободни се 324 места, а за вонредни студенти слободни се 103 места.
На Економскиот факултет нема слободни места за студенти што се финансираат од буџетот на РСМ, за редовни студенти со школарина слободни се 89 места, а за вонредни 49 места.
На Правниот факултет „Јустинијан Први“ за редовни студенти што се финансираат од буџетот на РСМ слободни се 100 места, за студенти со школарина 323, а за вонредни студенти се слободни 49 места.
592 места за вториот уписен рок за прв циклус студии се слободни и на Филозофскиот факултет, а на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се слободни приближно 300 места за сите насоки, и за редовни и за вонредни студенти.
На Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ за редовни студенти во државна квота се слободни 96 места, за студенти со школарина 150, а за вонредни студенти со школарина се слободни 46 места.
На Факултетот за физичко образование, спорт и здравје нема слободни места за редовни студенти што се финансираат од буџетот на Република Северна Македонија, за редовни студенти со школарина се слободни 73 места, а за вонредни студенти 98 места.
Само 9 места се слободни на Медицинскиот факултет за студенти што се финансираат од буџетот на РСМ, за редовни студенти со школарина се слободни 106 места, а за вонредни 92 места.
На Фармацевтскиот факултет се слободни 71 место, а на Стоматолошкиот факултет само 13 места.
292 места се слободни за редовни студенти во државна квота на Факултетот за земјоделски науки и храна, 120 за студенти со школарина и 83 за вонредни студенти.
На Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ се слободни 161 место, на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер се слободни 57 места, а на Факултетот за ветеринарна медицина се слободни 52 места.
Само едно место е слободно на Факултетот за драмски уметности, а на Факултетот за ликовна уметност само седум места.
На Факултетот за музичка уметност се слободни вкупно 141 место за вториот уписен рок на прв циклус студии, од кои 52 за студенти во државна квота, а 89 за студенти во приватна квота.
Сите детаљни информации за уписите можете да ги најдете на официјалната веб-страна на УКИМ: http://www.ukim.edu.mk.