Македонија
(Видео) Премиерот Ковачевски – домаќин на „Македонска вечер во Белград“: Гости од регионот и пошироко дегустираа македонски вина, храна и слушаа македонска музика

Синоќа во рамките на меѓународен саем за вино, храна и туризам во Белград се одржа „Македонска вечер“, на којашто домаќин беше претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски.
Во поздравното обраќање премиерот Ковачевски рече дека македонската култура и традиција се познати на регионот и на светот меѓудругото и по македонското вино, храна, музика, што ја промовираат државата и како посебна туристичка дестинација. „Ве поканувам заедно да ги дегустираме македоското вино и македонската храна автентични за нашата македонска држава. Во Северна Македонија културата и гостопримството се спојуваат и создаваат незаборавни патувања“, рече премиерот Ковачевски. На „Македоската вечер“ присуствуваа бројни гости од политиката, дипломатијата, стопанските комори од Србија, Црна Гора, Северна Македонија, медиуми.©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
МНР со апел до македонските граѓани: Воздржете се од било какви патувања кон Израел и Иран

Во врска со информациите за влошената безбедносна состојба на Блискиот Исток, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до сите македонски државјани кои се наоѓаат на територијата на Израел и Иран да ги следат националните портали за итни случаи и строго да постапуваат согласно упатствата на надлежните институции.
Воедно, Министерството апелира до сите наши државјани да се воздржат од било какви патувања кон земјите од овој регион, до подобрување на безбедносната состојба.
Согласно добиените информации од Амбасадата на Република Северна Македонија во Тел Авив, во моментов воздушниот простор над Израел и Иран е затворен, како и аеродромите во Тел Авив и Техеран, без конкретна најава за обновување на редовниот воздушен сообраќај.
Министерството за надворешни работи ги потсетува нашите државјани дека при евентуална потреба од помош можаат да се обратат на следните контакти:
📍 Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив
Тел: +972 54 500 8566 / +972 54 967 0546
Е-пошта: [email protected]
📍 Министерство за надворешни работи и надворешна трговија
Тел: +389 75 273 732 / +389 75 268 736
Е-пошта: [email protected]
Во рамките на Министерството е формиран кризен штаб кој континуирано ја следи состојбата и ќе ја информира јавноста за сите новини навремено, се додава во соопштението на Министерството.
Македонија
„ЈО не смее да затвора очи при очигледните сомнежи за криминал и милионските суми кои завршиле во бугарските фирми на Заев и Филипче“, вели ВМРО-ДПМНЕ

„Помина веќе една недела како ги покренавме прашањата за бугарската фирма Пауер Ај 8, која е 100% сопственост на Венко Филипче, и е на иста адреса со фирмите на Заеви, за три пати поскапата препродажба на јаглен од Грција на ЕСМ од 2022 до 2024 година, за најскапиот договор за јаглен, кој го склучила ЕСМ, а е по цена од 82.5 евра за еден тон со вкалкулиран ДДВ, со компанијата Зобек мининг груп“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Филипче не дава одговор ниту за Аудито Q8 кое е поклон, а го возеше и во предизборната кампања и е од фирмата која продавала 3 пати поскап јаглен на ЕСМ.
Од Венко Филипче и СДС и понатаму молк. Дали Филипче и СДС немаат став или молкот е нивна стратегија со цел да се заборават скандалите тоа е нивна одлука.
Но молкот на Филипче и СДС е потврда на сите поставени прашања. Колку и тие да молчат силно одекнаа скандалите на фирмите и шемите кои ги креирале со кланот Заеви и испумпале милионски суми врз грбот на народот кој плаќал повисоки сметки за струја.
Венко Филипче и СДС со години ја експлоатира државата и јавните интереси на граѓаните за свои лични цели и тесно партиски интереси.
Додека Филипче се обидува да ги прокламира социјалдемократските вредности кај членството на СДС, граѓаните имаа можност да ги видат шемите за милионски профити на бугарски фирми и адреси кои ги креирале заедно со кланот Заеви. За бизнисите во Македонија, Бугарија, соседството, Персискиот залив и Дубаи.
Филипче и СДС може да молчат и да го потценуваат народот, но ЈО не смее да молчи и да затвора очи при очигледните сомнежи за милионски криминал, граѓаните ја знаат вистината.
ЈО да не молчи и да покрене постапка за сите изнесени сомнежи во јавноста“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Од денес пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум, најави Владата

Македонија се гради. Денес официјално ќе биде пуштен во употреба магистралниот пат Охрид-Св.Наум во должина од 24,3 километри, најавуваат од Владата.
Вредноста на проектот за реконструкција на овој патен правец, како што е појаснето во официјалното соопштение изнесуваше 11,7 милиони евра.
„Ова значи дека по речиси 4 децении, не само охриѓани, туку голем број на граѓани ширум државата, но и туристи ќе можат да патуваат од Охрид до манастирскиот комплекс Св. Наум, но и до соседна Република Албанија, по нов патен правец.
Овие капитални проекти го подобруваат не само туристичкиот, туку и економскиот напредок и развој во Македонија.
Владата работи и создава дела за просперитет на Македонија“.