Македонија
(Видео) СДСМ: Градоначалникот на Кисела Вода склучувал договори со роднини, пријатели и со медиумски поддржувачи

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски склучувал договори со роднини, пријатели и со медиумски поддржувачи блиски до ВМРО-ДПМНЕ, изјави на прес-конференција Гордан Шутаров, генерален секретар на СДММ и советник во Советот на Град Скопје.
Тој рече дека во време на најголема економска и енергетска криза локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ, наместо работа и исполнување на ветеното, целиот фокус им е ставен на партиски вработувања, трошење пари и полнење на џебовите на свои роднини и пријатели.
„Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, нема реализиран ниту еден свој проект досега. Но, затоа има куп склучени договори за вработувања, меѓу кои и голем број со авторски договори. Преку договори со суми од 40, па и од 50.000 денари, парите на граѓаните завршуваат кај членови на ВМРО-ДПМНЕ, нивни роднини, пријатели, па дури и нивни медиумски поддржувачи.
Само во еден месец, ноември 2021 година, Орце Ѓорѓиевски склучил 11 вакви договори, кои се продолжени и во оваа 2022 година. Славче Трпевски, партиски кадар на ВМРО-ДПМНЕ, поранешен директор на Катастарот, против кого има кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
Еве го тој договор. На партискиот кадар на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорѓиевски му обезбедил 40.000 денари, а има и анекс на договорот.
Наталија Митовска од порталот „Инфомакс“, медиум кој е под директна контрола на ВМРО-ДПМНЕ, исто така има договор со Општина Кисела Вода. Со парите на граѓаните очигледно се плаќаат пропагандата на ВМРО-ДПМНЕ и ширењето лажни вести.
Еве го договорот на Митовска, 24.000 денари месечно, но има и анекс на договорот, како нешто да не било доволно. Исто како Трпески, и таа е ангажирана за изготвување извештај со елаборирање за спроведување програма на месна самоуправа.
Тоа не е сѐ, на списокот со партиски договори на Орце Ѓорѓиевски има и роднини и лични пријатели на градоначалникот.
Сара Ѓорѓиевска – роднина, поточно братучетка на градоначалникот, исто така има договор вреден 30.000 денари.
Прием на странки, телефонски разговори и прием на пошта. Како од цела општина да немало човек за оваа работа, па морало братучетката на градоначалникот да биде наградена.
Договор има и за Кирил Митревски, близок пријател на градоначлникот, вреден 50.000 денари, но и многу други лица блиски до ВМРО-ДПМНЕ, како Влатко Стојановски, Кирил Димчевски, Сашо Јовановски, Ленче Алтова и др.“, изјави Шутаров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерот Беким Сали учествува на 75-та Асамблеја на СЗО во Женева

Министерот за здравство, д-р Беким Сали учествува на 75-та Асамблеја на Светската здравствена организација во Женева, Швајцарија.
Во рамки на своето обраќање, на тема „Здравје за мир и мир за здравје”, министерот Сали се осврна на реализираните активности и подготвеноста на здравствениот систем за што поуспешно справување со ковид пандемијата, што е добра основа и за соочување со идни кризни состојби.
-Последните две години пандемијата КОВИД-19 беше предизвик за сите нас. За жал, пандемијата одзеде човечки животи и во Република Северна Македонија. Сето ова претставуваше вистински предизвик и ја подигна потребата од цврста основа за брзи и долгорочни мерки за подобрување на тековниот одговор на КОВИД-19, како и за зајакнување на подготвеноста на Северна Македонија за различни кризни состојби воопшто, рече министерот Сали.
Во однос на трагичните последици со човечко страдање и загуба на животи, како и лишување на цели заедници од здравствена заштита во контекст на актуелната состојба со Украина, министерот Сали се осврна на принципите на Уставот на СЗО, потенцирајќи ја потребата да продолжиме да го штитиме и унапредуваме здравјето како основна вредност за постигнување мир и безбедност, дури и во најтешките ситуации.
– Веруваме дека оваа иницијатива ќе придонесе за зајакнување на мостот што ги поврзува хуманитарната помош, долгорочниот одржлив развој и градењето мир, заклучи Сали, додавајќи дека здравјето и мирот треба да се градат неразделно бидејќи тие се единственото вистинско решение за секоја ситуација.
На маргините на Асамблејата, министерот Сали оствари билатерални средби со генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејсус, со д-р Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа, со португалската министерка за здравство, Марта Темидо, како и со федералниот министер за здравство на Германија, Карл Лаутербах.
Македонија
Министерот за надворешни работи на Хеленската Република Дендијас во посета на Скопје

Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи, денес на 25 мај 2022 во Скопје, ќе биде домаќин на министерот за надворешни работи на Хеленската Република Никос Дендијас, кој доаѓа во работна посета на Северна Македонија.
Предвидено е министрите да дискутираат за евроинтеграциите, за билатералните односи, во тој контекст напредокот во развојот на стратешкото партнерство, случувањата во регионот, посебно од аспект на неговите интегративни процеси, случувањата во светот, како и обврските и спроведените активности согласно Преспанскиот договор и исполнувањето на утврдените цели согласно Акциониот план за соработка и имплементација на Преспанскиот договор.
За време на посетата, министерот Дендијас ќе оствари средби и со претседателот на Владата на Северна Македонија Димитар Ковачевски и со заменикот на претседателот на Владата Бојан Маричиќ, задолжен за европските прашања.
Македонија
СДСМ: Автокефалноста на МПЦ – Охридска Архиепископија е важен историски настан

СДСМ на сите православни верници и на сите граѓани им го честита прифаќањето на автокефалноста на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија со уверување дека со заеднички напори на Поглаварот на МПЦ-ОА г.г.Стефан, Синодот и државниот врв наскоро ќе дојде до потпишување на Томосот за целосно признавање на автокефалноста на Охридската Архиепископија од страна на Вселенскиот патријарх г.г. Вартоломеј, се вели во соопштението од СДСМ.
Од партијата наведуваат дека ова е радосен момент за сите православни верници од Северна Македонија, важен историски настан и за македонскиот народ но и за сите граѓани како резултат на сите досегашни напори и процеси кои беа спроведени во државата.
Со прифаќањето на МПЦ – ОА во канонско единство со останатите православни цркви полека се затвора уште едно повеќедецинско отворено прашање и истовремено се заокружува македонската самобитност и независност на што траен белег е МПЦ ОА.
Благодарение на Одлуката на Вселенскиот патријарх г.г Вартоломеј и нејзино прифаќање од Српската православна црква се прекина повеќедецениската сестрана изолација и стаблирањето на МПЦ-ОА како рамноправен меѓународен ентитет во православната екумена.
Поколенија и поколенија претходници и наши најистакнати дејци два и пол века сонуваа за она што денес го доживеа МПЦ ОА и ние како народ, граѓани и држава, се вели во соопштението.