Македонија
(Видео) СДСМ ја повика ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи законот за Кочани: Нема закон што ќе ја избрише тагата, но да покажеме дека сме тука за семејствата

Социјадемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) ја повика партијата ВМРО-ДПМНЕ да го поддржи законот за Кочани. Од СДСМ велат дека како луѓе и како општество сите имаме обврска да покажеме дека сме тука кога е најтешко за семејствата кои изгубија сѐ,
„Предлог-законот за поддршка на семејствата на настраданите во трагедијата во Кочани што го поднесовме е чин на солидарност, човечност и грижа. Законот содржи вистински решенија за помош и поддршка, не за политички поени. Искрена е намерата да помогнеме – на оние кои останаа без најблиските, на оние кои се повредени, на оние кои денес се борат и со физичка и со душевна болка“, велат од СДСМ.
Законот предвидува директна финансиска поддршка за семејствата на настраданите, помош за повредените, вклучително и оние со долгорочни последици, поволности за децата кои поради лекување се отсутни од настава, и мерки за здравствена, социјална и заштита во делот на работните односи.
Законот ги опфаќа и семејствата од претходни тешки трагедии – Тетово, Ласкарци, Беса Транс, а со цел институционално да се постави фер, човечки однос на грижа за жртвите и нивните семејства.
„Нема закон што ќе ја избрише тагата. Но, со израз на солидарноста и грижата мора да покажеме дека државата не ги игнорира, туку знае да застане зад своите граѓани кога им е најтешко. Дека институциите знаат да бидат со своите граѓани – не со зборови, туку со дела. За трагедијата во Кочани мора да има правда, одговорност, но и институционална, државна поддршка на сите на коишто им е потребна и неопходна. Во СДСМ веруваме дека кога станува збор за солидарноста и за човечката грижа, не смее да има партиски разлики, ниту политички поделби. Затоа, уште еднаш ги повикуваме пратениците од владејачката партија: да го преиспитаат својот став, да се издигнат над политиката и да дадат поддршка за ова законско решение“, велат од СДСМ и кажуваат дека се подготвени да прифатат и предлози за модификација на законското решение од владејачкото мнозинство.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Дел од Аеродром и Карпош денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска, без електрична енергија ќе останат:
· од 09:00 до 14:00 часот, корисниците во околината на објектот ЕКВИЛИБРИУМ на улица Руди Чајевац, општина Аеродром;
· од 09:00 до 16:00 часот, корисниците од дел од улица Ванчо Мицков, општина Карпош;
· од 10:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улица Кнез Трпимир и населбата Трнодол, општина Карпош.
Македонија
Сончево и топло, попладне пороен дожд, грмежи и засилен ветер

Времето денеска ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне ќе има развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер, локално во форма на невреме со услови за појава на град. Минималната температура ќе биде во интервал од 11 до 21, а максималната ќе достигне од 27 до 35 степени.
Во Скопје, сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне во делови од котлината ќе има услови за развој на нестабилна облачност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 35 степени.
Времето во наредните денови
Во деновите од викендот времето ќе биде стабилно и малку посвежо и ќе дува умерен, повремено засилен северен ветер. Од понеделник ќе продолжи период на стабилно, претежно сончево и топло време со пораст на температурите.
Македонија
На граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу половина час

Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен, извести АМСМ.
На граничниот премин Табановце времето на чекање за влез во државата изнесува околу 40 минути, додека на граничниот премин Богородица задржувањето од македонска страна е околу 30 минути.
На останатите гранични премини нема подолги задржувања за влез и излез од државата.