Македонија
(Видео) Снимката за „Поткуп“ трипати е прекинувана, вели Заев

Во кривичниот суд денеска беше пуштена снимката објавена на „Јутјуб“ за случајот „Поткуп“ против премиерот Зоран Заев. Тој изјави дека и судот констатирал дека трипати самата снимка се прекинува.
„Токму тоа се деловите што ги видовме преку презентацијата на целата снимка како се разговара и објаснува дека сево ова ќе оди за цемент, за тули, за железо, за струја, за работна сила или слично. Јасна е намерата на оној што тоа го објавил во јавноста да направи комплетна дискредитација и валкање на лицето на Зоран Заев. Навистина, само преку судска постапка ваквите постапки може да се отворат и целосно да се разјаснат“, рече Заев.
Тој додаде дека верува дека преку завршните зборови на адвокатите на 15 мај за кога е закажано последното рочиште, предметот ќе биде затворен.
„Конечно да се докаже правда во Република Македонија, поврзана со мене, надевајќи се дека сите граѓани ќе дочекаат правда таму каде што секако се правични“, рече Заев.
На новинарско прашање во врска со изјавата на Никола Груевски дека договорил ослободителна пресуда, Заев рече:
„Јас знам дека уште од првиот момент огромен број од граѓаните знаат дека ова е местенка, голем дел од граѓаните знаат дека ова е само за да се спречи проектот Вистината за Македонија и политичките бомби, а денеска по ова онлајн-поврзување на доказните постапки и целиот овој процес, коментарите коишто доаѓаат преку медиумите, повеќе од јасно е дека се работи за монструозно смислена цел за некој да се спаси, за да остане подолго на власт“.
Во врска со терминот „брат ми“ кој го користи на снимката, Заев вели дека го користи во контација на тоа дека неговиот брат е вработен во менувачница во којашто Иван Николов бил клиент.
„Господинот Иван Николов е клиент на менувачница ‘Пеон’, каде што работи брат ми, и тука се разговара за тоа што ќе прави ако се парите во евра, ‘Ќе ги смениш во менувачница и ќе ги однесеш, ќе купиш, цемент, бетон, железо, тоа е твое право’. Таму се зборува, ‘колку милуваш ти пред Господ, тоа е помеѓу тебе и Господ’, значи тие делови се скратени овде и буквално кога ќе го скратите така, ете како изгледа во јавноста. Но, сега и на судот и на јавниот обвинител му е јасно што всушност било целта да се постигне преку сечењето на оваа видеоснимка и на тој начин презентирање во јавност“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Уште еден случај на семејно насилно – скопјанец со возило се обидел да ја прегази сопругата, па ја истепал

Уште еден случај на семејно насилство во Скопје, сопруг се обидел да ја прегази сопругата со автомобил, кога не успеал, ја истепал.
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кривично дело – Телесна повреда.
„При вршење семејно насилство осомничениот 41-годишник телесно ја повредил неговата сопруга. Најпрво, во алкохолизирана состојба, ја натерал веднаш да одат и од банкомат да извадат пари од нејзината плата за да купи дрога. Оштетената го послушала, но враќајќи се назад кон нивниот дом, тој започнал вербална расправија, го запрел возилото и и кажал да излезе. Откако излегла, започнал да го врти возилото со намера да ја удри.
Бидејќи не успеал, го запрел возилото, тргнал кон оштетената по што и го одзел мобилниот телефон за да провери со кого разговарала. Во еден момент и физички ја нападнал, удирајќи и шлаканица и нанесувајќи и удари во пределот на лицето и вратот, од кои удари оштетената се здобила со телесни повреди изразени во вид на нагмечувања на лицето, на вратот и на раката“, соопшти Обвинителството.
Ценејќи ги сите околности, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка предложи да определи мерка на претпазливост – забрана за осомничениот да се приближува или воспоставува, односно одржува контакти или врски со жртвата.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ со една реченица одговара на честитката од Заев до Ципрас: Она со кое паметниот се срами, недоветниот се гордее

ВМРО-ДПМНЕ му одговара на честитката на Заев до Ципрас по повод Преспанскиот договор во една реченица.
„Зоран Заев упати честитка до Алексис Ципрас по повод седумгодишнината од Преспанскиот договор. Одговорот е само еден: она од кое паметниот се срами, недоветниот се гордее“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Заев му честиташе на Ципрас за седумгодишнината од договорот потпишан на 17 јуни 2018 година во Преспа, кој овозможи членство на Северна Македонија во НАТО.
Договорот го потпишаа тогашните министри за надворешни работи на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас, во присуство на тогашните премиери Зоран Заев и Алексис Ципрас, посредникот во преговорите, Метју Нимиц, поранешниот еврокомесар за проширување, Јоханес Хан, поранешната висока претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Федерика Могерини, и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.
Македонија
Владата ја усвои новата стратегија за конфискација на незаконски стекнат имот

Со задоволство информирам дека на денешната седница на Владата беше усвоена Стратегијата за зајакнување на капацитетите за финансиски истраги и конфискација на имот за периодот 2025–2028, заедно со Акцискиот План, изјави вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.
„Овој документ ја одразува непоколебливата посветеност на Владата на Република Северна Македонија за борба против организираниот криминал и корупцијата, преку зајакнување на надлежните институции со структуриран и систематски пристап, кој има за цел зголемување на ефикасноста при конфискацијата на незаконски стекнат имот“, рече тој.
Една стратегија, додаде Фетаи, колку и да е добра, останува само документ доколку не се спроведува ефикасно.
„Поради тоа, ги зајакнуваме механизмите за следење и надзор, преку основање на Националниот совет за финансиски истраги и конфискација на имот, кој ќе обезбеди успешно спроведување на утврдените цели“, рече тој.
Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за политики за добро владеење ќе има централна улога во координирањето и поддршката на овие напори, обезбедувајќи постојана посветеност за реализација на оваа стратегија.