Македонија
(Видео) Со Борко Ристовски корупцијата во спортот е до облаците, а македонскиот фудбал на колена, велат од СДСМ

„Со последните исплати на субвенции кон спортските клубови од страна на Министерството за спорт, фудбалот е клекнат на колена, а корупцијата во спортот е дигната до облаците. Имено, министерот за Спорт, Борко Ристовски од Владата на СДСМ, наследи буџет од 9 милиони евра, кој што требаше да се распредели како ‘спортски ваучери’. Владата на СДСМ, тој буџет континуирано го зголемуваше со години. И во него имаше пари за сите: и за големите спортски клубови и за малите, и за тие од градските средини и за тие од селата“, рече Панче Милевски – Панта, Комисија за спорт на СДСМ.
„СДСМ го смени системот на исплата од „спортски ваучер“ во субвенции, но и тоа не го спречи министерот да ја дигне корупцијата во спортот да ја дигне до облаците.
Затоа јавно го прашуваме министерот;
– по кој систем реномирани Фудбалски клубови, од прва и втора лига, добија по НУЛА денари, или нешто ситно, а третолигашки клубови добија милиони и останати суми поголеми од тие на прволигашите и второлигашите?
– По кој систем на сите третолигаши од Источниот и Југоисточниот регион им исплативте по 0 денари, иако таму има клубови со повеќе децениска историја?
– Зошто од останатите региони, сте исплатиле само на неколку третолигаши, а над 98 % од клубовите сте им дале по 0 денари?
– Имате вршено исплати кон фудбалски школи формирани пред неколку години, а клубови што се постари од Вас, не сте им исплатиле ни денар?
Што им ветивте на Фудбалските клубови од прва и втора лига во Ноември?
Им ветивте дека сите ќе добијат дополнителни исплати во Декември, и ги излажавте.
На едни дополнително во декември им имате исплаќано средства уште по еднаш или два пати (со значително поголеми суми), а други ги оставивте само на минималната исплата во Ноември.
Затоа фудбалот го клекнавте на колена, а корупцијата во спортот ја дигнавте во облаците.
Затоа, од Вас бараме јавно да ги објавите (како што тоа го правеше СДСМ) сите исплати кон спортските клубови од сите сметки на министерството, што сте ги направиле додека сте вие на Власт.
Па да види македонската спортска јавност, кои се тие спортски клубови на кои за само 4 месеци им имате исплатено над десетици милиони денари, а кои се тие што не добиле ништо.
Кои се тие спортски клубови што никој не слушнал и разбрал за нив, а на кој има имате исплатено илјадници евра, а кои клубови во кои што членуваат стотици деца ги оставивте на цедило.
За СДСМ, вашиот систем на распределба на парите за спортот е јасен: тој се вика “Партиското тефтерче на Мицко“.
Кој го има во тефтерчето, тој добива пари. Кој спортски клуб е близок до ВМРО ДПМНЕ, тој добива пари.
Затоа, министре, треба да си дадете оставка.
СДСМ располага со податоци за сите ваши исплати, и истите ќе го достави до Основното јавно обвинителство и ГОК. За достоинството во Спортот, СДСМ секогаш ќе биде на страната на спортистите, и затоа јавно го повикуваме сите спортски клубови, сите информации за корупција во министерството за спорт, да ги достават до СДСМ или до надлежните институции за борба со корупција.
Само така спортот ќе го кренеме на прави нозе. Само така ќе не биде. СДСМ е на страна а спортот“, изјави Панче Милевски – Панта, Комисија за спорт на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нова кривична против Перпарим Бајрами: Закупил деловен простор за „Лотарија“ по цена најмалку два пати повисока од реалната

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против П.Б. во својство на директор на АД за приредување игри на среќа, Државна лотарија на Р.С. Македонија поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело ЗЛОУПОТРЕБА НА СЛУЖБЕНА ПОЛОЖБА И ОВЛАСТУВАЊЕ од член 353 ст.4 вв ст.1 од Кривичниот Законик.
Пријавениот П.Б во својство на директор на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА, ја злоупотребил службената положба и овластување на начин што на 05.07.2023 година склучил договор за закуп на административно – деловен простор со правниот субјект ХЕЈ ДООЕЛ Скопје за деловни простории кои не биле адатпирани и спремни за користење за потребите на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА по цена за м2 која е најмалку два пати повисока од реалната пазарна цена и со склучениот договор за закуп на деловни простории не биле запазени посебните услови од јавниот повик, односно, објектот е со поголема површина од бараните услови и не било опфатено дворното место кое преставува посебен услов предвиден во јавниот повик. Пријавениот предвидел посебен услов во Јавниот повик – деловниот објект (административен дел) и магацинскиот простор да се со вкупна просторна површина од најмалку 2.000 до најмногу 2.500 м2 и истиот склучил договор за закуп на објект – деловни простории со површина од 2.426 м2 иако вкупната површина на објектот по Имотен лист изнесува 2.924 м2. Со намера да го изигра посебниот услов од јавниот повик, во текот на 2024 година склучил договор за послуга за останатите 502 м2 од објектот што е предмет на закуп.
Пријавениот П.Б. иако во јавниот повик за прибирање понуди за закуп за деловни простории предвидел посебен услов понудувачот да има сопствено дворното место на објектот и да има простор за најмалку 50 паркинг места за патнички и товарни возила, истото не било опфатено во договорот за закуп склучен на 05.07.2023 година. Пријавениот склучил договор за закуп за деловни простории за 9 евра по м2 иако во тој период цената за м2 за слични објекти по намена и вид во населено место Визбегово се движела од 2.5 до 4.5 евра. Исто така, деловните простории не биле адаптирани за намената од договорот, односно, објектот – деловните простории требало да бидат реновирани и реконструирани при што за истото пријавениот предвидел и отпочнал Јавна набавка со износ од 1.300.000 евра за реновирање и реконструкција, што би претставувало дополнителен трошок за Државна лотарија. На тој начин, пријавениот П.Б. во својство на директор на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА склучил договор за закуп на деловни простории кои не биле адекватни за потребите на Државна лотарија и за цена за м2 која е повисока од пазарните цени. По склучување на договорот за закуп на деловни простории од страна на пријавениот иако истите не биле користени од страна на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА согласно намената од договорот за закуп, АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА на правниот субјект ХЕЈ ДООЕЛ Скопје му исплатила 24.636.045 денари.
Со горенаведените дејствија, пријавениот П.Б. предизвикал штета на буџетот на АД ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА по основ склучен договор за закуп на деловни простории кои не биле користени согласно намената од склучениот договор во износ од 24.636.045 денари.
Македонија
Кај 29 годишен пациент извршена е трансплантација на коскен дефект од 6 сантиметри: „Дарувањето на органи е највисока форма на човекољубие и хуманост“

Кај 29 годишен пациент извршена е трансплантација на коскен дефект од 6 сантиметри на левата бутна коска поради претходна инфекција и псеудоартроза, објави Министерство за здравство.
„Пациентот е со уреден постоперативен тек. Трансплантацијата ја извршија д-р Антонио Гавриловски со асистентите д-р Бојан Будик, д-р Теодора Божиновска и д-р Ангел Тасевски, анестезиолог д-р Лилјана Ангелевска, специјализант по анестезија д-р Ерхан Салкоски, инструментарка Татјана Дукадиновска, помошник инструментарка Биљана Троановиќ, сестра анестетичар Мерита Рамадами, болничар Дардан Сељмани и радиолошки техничар Крешник Шеху“, напишаа од Министерството во објава на „Фејсбук“.
„Изразувам благодарност и почит до сите здравствени работници вклучени во процесите на трансплантација. Дарувањето на органи е највисока форма на човекољубие и хуманост во моменти на лична и семејна загуба. Самиот чин на дарување да се спасат неколку други животи или да се подобри квалитетот на живот кога семејството е во голема болка од загубата, секогаш ме остава без здив од нивната хуманост и величина“, вели проф.д-р Билјана Кузмановска.
Македонија
Мицкоски: Чистиот воздух е наше заедничко право, ова е проблем што бара заеднички напори од целата заедница

Чистиот воздух е наше заедничко право, а загадувањето предизвик кој бара обединет одговор од сите нас. Ова е проблем што бара заеднички напори од целата заедница, напиша на својот профил на Фејсбук, премиерот Христијан Мицкоски.
„Ја поздравувам најголемата донација во земјата од страна на македонската компанија ЕКОТИП во вредност од 1 милион евра. Оваа значајна донација на напредни прочистувачи од реномираниот германски производител Mann+Hummel ќе обезбеди воздух со највисоки медицински стандарди за најранливите категории: Во градинките, училиштата, болниците и другите јавни установи каде што квалитетот на воздухот е од клучно значење“, напиша Мицкоски.
Според него, оваа иницијатива не само што ќе го подобри квалитетот на воздухот во јавните установи, туку и ќе помогне во креирање на поздраво општество.
„Воедно продолжуваме дијалог со претставниците на германската Mann+Hummel, кои деновиве со тимот на Владата и Екотип ја анализираат можноста за понатамошна соработка со фокус на долгорочни иницијативи и заеднички развојни перспективи. Ваквите примери нека бидат повик за акција, секој придонес, мал или голем, е чекор кон поздраво општество“, стои во објавата на Мицкоски.