Македонија
(Видео) Со показна вежба заврши обуката на единицата „Тигар“ спроведена од италијанските карабинери

Завршна показна вежба на припадниците на САЕ „Тигар“ во рамки на проектот ИПА 2016 „Јакнење на координативните капацитети за превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам“
Проблематиката на насилниот екстремизам и тероризам како прилично чувствителна, сега веќе глобална, а не само национална закана, дополнително бара зголемување на институционалните напори во квалитетно спротивставување, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на завршната показна вежба од едномесечната обука на припадниците на специјалната единица „Тигар“, спроведена од страна на специјалната единица за интервенции на италијанските карабинери, а во рамки на проектот ИПА 2016 „Јакнење на координативните капацитети за превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам“.
На вежбата во полицискиот центар ,,Ѓорче Петров“, покрај раководството на МВР, присуствуваа и италијанскиот амбасадор, Андреа Силвестри, претставници од Делегацијата на Европската Унија и други гости.
Во своето обраќање Спасовски потенцираше дека заедно со партнерите од ЕУ, Министерството за внатрешни работи постојано работи на севкупно институционално зајакнување.
„Навистина ме радува фактот што нашата полиција и натаму ужива огромна поддршка и кредибилитет кај нашите пријатели од ЕУ, исто како што радува фактот дека од наша страна правиме извонредни напори таквата позиција да биде заслужена и задржана“, нагласи Спасовски.
Италијанскиот амбасадор Силвестри рече дека станува збор за прв проект на ЕУ за превенција и борба против насилен екстремизам и тероризам имплементиран во Северна Македонија и на Балканот од страна на карабинерите.
Началникот на Одделот за специјални полициски операции, Бранко Трајановски, и командантот на САЕ „Тигар“, Митко Даневски, на припадниците на „тигрите“ им ги доделија сертификатите за успешно завршената обука министерот Спасовски на амбасадорот Силвестри му додели благодарница за поддршката и успешната соработка, додека, пак, директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, му додели благодарница за поддршката и успешната соработка на Масимо Пани, претставник од Делегацијата на ЕУ во земјава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Андов: Тезите на ВМРО-ДПМНЕ дека затворениците намерно се ослободуваат се штетни, бараме извинување

По повод последните обвинувања од страна на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот портпарол Наум Стоилковски, Казнено-поправната установа „Скопје“ остро реагира на изнесените наводи, кои се ноторни лаги и манипулации.
„Оддалечувањата на затворениците од отворениот и полуотворениот дел на затворот треба веднаш да престане да се злоупотребува од страна на политичката партија и со ваквите настани да се собираат политички поени. Дотолку повеќе што управата на затворот секогаш постапува во согласност со законите, правилниците, процедурите, констатирано и од Управата за извршување санкции, кој е наш контролор.
Тезите што ги наметнува политичката партија, а со кои сака да наметне дека затворениците намерно се ослободуваат, е штетна не само за угледот на казнено-поправната установа туку и за целиот затворски систем, кој е создаден за ресоцијализација на осуденици, сторители на кривични дела. Демант на ваквите наводи е фактот што осудените лица при оддалечување не само што експресно се пронаоѓаат од полицијата туку тие се враќаат во затворот и се сместуваат во затворениот дел на затворот во согласност со правилникот. Наметнувањето на тезата дека некој има интерес од пуштањето затвореници од затворот е неточна, но наметнува прашање дали во владеењето на минатата власт така се третирале затворениците? Сега извештаите на сите меѓународни и домашни институции се во насока дека установите не се логори, туку затвори во кои се ресоцијализираат осуденици во далеку подобри услови од порано“, велат од КПУ „Затвор Скопје“.
Партијата и портпаролот Стоилковски, додаваат од таму, треба да знаат дека за клеветење се одговара во согласност со Законот за граѓанската одговорност.
„За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед. Бараме од партијата и портпаролот во рок од 48 часа извинување за сите изнесени манипулативни, тенденциозни и неточни наводи, затскриени зад прашања, претставени на прес-конференција. Во спротивно, најавуваме соодветна постапка за утврдување одговорност пред надлежните институции“, посочува директорот на затворот во Скопје, Филип Андов.
Македонија
Османи: Имаме искрени намери со Бугарија да го вратиме позитивниот тренд на дијалог и соработка

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на годишната конференција „Година на нови можности“ нагласи дека надворешната политика останува фокусирана во реализација на клучната стратешка цел: членство во Европската Унија заклучно со 2030 година. Во тој контекст врвен приоритет останува негувањето на добрососедските односи, вклучувајќи го и дијалогот со Република Бугарија.
„Во однос на Бугарија, имаме искрени намери да го вратиме позитивниот тренд на дијалог и соработка воспоставен минатата година, иако на краткорочен план претстојните избори кај нив се отежнувачка околност за прогрес на билатералните односи. Сепак, остануваме посветени на смирувањето на тензиите и деескалација на вжештената атмосфера, која се огледа и во непропорционалните реакции за еден единствен случај за кој државата веднаш ги презеде сите потребни мерки за негово расчистување. Важно да не дозволиме провокативни тенденции од двете страни на границата да го киднапираат процесот во насока, што нема да е од интерес за двете држави. Но, во секој случај е во интерес на трети актери, со кои немаме многу заедничко“, рече Османи.
Преку видеообраќање од Брисел, каде што во својство на претседавач со ОБСЕ престојува во посета на НАТО и ЕУ-институции, Османи нагласи дека оваа година земјата има исклучителна можност да се докаже како кредибилен партнер на меѓународната заедница преку претседавањето со ОБСЕ, САД – Јадранската повелба, како и со процесот за соработка во Југоисточна Европа.
„Претседавањето со најголемата регионална безбедносна организација претставува историски момент за Северна Македонија, но и голем дипломатски предизвик, бидејќи се одвива во исклучително сложени меѓународни односи, нарушена безбедносна архитектура на континентот и практично во време на активна воена агресија на една земја членка врз друга земја членка на Организацијата. Тоа ја прави работата на Организацијата уште покомплексна, но во исто време и исклучително потребна“, истакна тој.
На панелот со наслов „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“, Османи говореше и за достигнувањата минатата година, меѓу кои: почетокот на пристапните преговори за членство во ЕУ, добриот извештај на Европската комисија, постигнувањето 100 % усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, потпишувањето на договорот со Фронтекс, лансирањето на стратешкиот дијалог со САД и други.
Македонија
Средба Османи – Ќучук

Во рамките на работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес оствари средба со европратеникот и известител за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук.
Соговорниците разменија мислења за тековниот пристапен процес на Северна Македонија во ЕУ и потребата за забрзана евроинтеграција за сите држави од Западен Балкан во дадениот геополитички контекст. Европскиот пат позитивно ќе влијае врз демократската и економската консолидација на земјите од регионот.
На средбата се разговараше за последните актуелности во односите меѓу Северна Македонија и Бугарија поврзани со физичкиот напад врз секретарот на бугарскиот клуб во Охрид, Христијан Пендиков.
Врз севкупната атмосфера во овој период секако не придонесуваат провокативните и навредливи изјави на член на Европскиот парламент, нагласи Османи, за што веќе се упатени соодветни официјални реакции.
„Го информирав европратеникот Ќучук за напорите за деескалација на заострената реторика во односите меѓу нашите две држави и потребата од враќање на позитивната динамика во нашите односи“, изјави Османи.
Нагласи дека и Северна Македонија и Бугарија треба да бидат посветени на интензивирање на политичкиот дијалог, со цел враќање на довербата.