Македонија
(Видео) Со полициски хеликпотер пренесено повредено лице од Галичица до Охрид
Денеска хеликоптерот Бел 412 од Одделот за воздухопловни единици, при транспорт на екипи од Црвен крст и пожарникари во реонот на Галичица, а воедно и со конфигурација на опрема за гасење на пожар, доби повик за пренесување на повредено лице од место во близина на врвот Магаро, Галичица, извести МВР.
Во најбрз можен рок заедно со тимот на Црвениот крст кој првично беше транспортиран за гасење на пожарот во реон на Галичица, на лицето му е дадена прва помош и истото е транспортирано со хеликоптер до аеродромот во Охрид, од каде што со возило на брзата помош лицето е примено во локалната медицинска установа, соопшти МВР.
Хеликоптерот Бел 412 продолжува со активности за гасење на пожарот во реонот на Галичица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На УКИМ започнува вториот уписен рок за прв циклус студии, останати се слободни места на речиси сите факултети
На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје започнува вториот уписен рок за прв циклус студии за учебната 2024/2025, каде се останати слободни места на речиси сите факултети. Сите заинтересирани можат да аплицираат на 17 и 18 септември.
На Архитектонскиот факултет во првиот уписен рок се пополнети сите слободни места, додека на Градежен факултет се слободни 233, од кои 123 се наменети за редовни студенти кои се финансираат од Буџетот на Република Северна Македонија, а 110 за редовни студенти со школарина.
На Факултетот за електротехника и информациски технологии за редовни студенти во државна квота се слободни 194 места, додека за приватна квота се слободни 99 места.
На Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство за редовни студенти кои се финансираат од Буџетот на РСМ слободни се 59 места, од кои најмногу – 41, на смерот компјутерско инженерство. За редовни студенти со школарина слободни се 254 места на ФИНКИ.
Четиристотини педесет и две места за редовни студенти во вториот уписен рок се слободни и на Машинскиот факултет, додека на Технолошко-металуршкиот факултет се слободни 238 места.
На Природно-математички факултет, за редовни студенти во државна квота слободни се 418 места, за студенти во приватна квота слободни се 324 места, додека за вонредни студенти слободни се 103 места.
На Економски факултет нема слободни места за студенти кои се финансираат од Буџетот на РСМ, додека за редовни студенти со школарина слободни се 89 места, а за редовни 49 места.
На Правниот факултет „Јустинијан Први“ , за редовни студенти кои се финансираат од Буџетот на РСМ слободни се 100 места, за студенти со школарина 323, додека за вонредни студенти се слободни 49 места.
Петстотини деведесет и две места за вториот уписен рок за прв циклус студии се слободни и на Филозофскиот факултет, додека на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ се слободни околу 300 места за сите смерови, за редовни и вонредни студенти.
На Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ за редовни студенти во државна квота се слободни 96 места, за студенти со школарина 150, додека за вонредни студенти со школарина се слободни 46 места.
На Факултетот за физичко образование, спорт и здравје нема слободни места за редовни студенти кои се финансираат од Буџетот на Република Северна Македонија, додека за редовни студенти со школарина се слободни 73 места, а за вонредни студенти 98 места.
Само девет места се слободни на Медицинскиот факултет за студенти кои се финансираат од Буџетот на РСМ, додека за редовни студенти со школарина се слободни 106 места, а за вонредни 92 места.
На Фармацевтскиот факултет се слободни 71 место, додека на Стоматолошкиот факултет само 13 места.
Двесте деведесет и две места се слободни за редовни студенти во државна квота на Факултетот за земјоделски науки и храна, 120 за студенти со школарина и 83 за вонредни студенти.
На Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“ се слободни 161 место, на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер се слободни 57 места, додека на Факултетот за ветеринарна медицина се слободни 52 места.
Само едно место е слободно на Факултетот за драмски уметности, додека на Факултетот за ликовна уметност, само седум места.
На Факултетот за музичка уметност се слободни вкупно 141 место за вториот уписен рок на прв циклус студии, од кои 52 за студенти во државна квота, а 89 за студенти во приватна квота.
Сите детални информации за уписите можете да ги најдете на официјалната веб-страна на УКИМ: http://www.ukim.edu.mk.
Македонија
Мицкоски ги излажа граѓаните, нема намалување на цените, вели Кузеска
Најавите дека дополнително ќе се одлага носењето некакви мерки за намалување на цените покажува дека владата на Мицкоски нема економски концепт и не се грижи за стандардот на граѓаните. Му е гајле на Мицкоски за граѓаните, вели портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Цените на храната растат неконтролирано и владата досега веќе требаше да излезе со мерки за намалување, а не да чека. Наместо да ги замрзне цените на производите, власта на Мицкоски ги замрзна платите, што е целосно погрешно.
Тоа не е случај со Владите од соседството кои на големо спроведуваат акции за намалување на цените, а платите продолжија да растат. Во Србија на пример, поевтинија над 700 производи.
Кај нас, Владата на Мицкоски доцни и мачка очи со цени на моливи и фломастери која исто така беше задоцнета мерка. Со вакви погрешни, катастрофални економски политики на Мицкоски стандардот на граѓаните само ќе опаѓа“, истакнува Кузеска.
Македонија
Од почит кон Бугарија, поради авионската несреќа, Муцунски не реагирал јавно во петокот за фотографирањето без македонското знаме
Пропуст и непочитување на договореното од страна на бугарскиот протокол e фотографирањето на македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова со бугарскиот претседател Румен Радев, без македонското знаме, покрај знамињата на Бугарија и на Европската Унија, објаснија денес од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Министерот Тимчо Муцунски, кој заедно со министерот за култура, Зоран Љутков, беше дел од делегацијата што ја придружуваше претседателката Сиљановска-Давква. Од Министерството за надворешни работи велат дека иако биле делегација од повеќемина, во работните простории на претседателот Радев, каде што била средбата, ѝ било дозволено да присуствува само на претседателката Сиљановска-Давкова. Другите членови на делегацијата како нејзина придружба биле сместени во посебна просторија.
„Фотографирањето беше на пат кон средбата меѓу претседателите. Македонскиот и бугарскиот протокол имаа координација пред средбата и јасно беше определено дека нема фотографирање. Ние сега бараме одговор на прашањето зошто бугарската страна отстапила од јасно договорениот протокол“, велат од Министерството за надворешни работи и нагласуваат дека по средбата, целата делегација заминала на заеднички ручек, на кој уверуваат дека имало и македонско знаме.
Иако можел веднаш да реагира на фотографирањето без македонско знаме, министерот Муцунски ја одложил реакцијата за првиот работен ден по посетата. Од Министерството објаснуваат дека министерот не реагирал од почит кон Бугарија поради авионската несреќа, во која загинаа двајца пилоти.
„Имаше консултации, но министерот не реагира јавно за време на посетата од почит оти фотографирањето беше само неколку часа по авионската несреќа во Бугарија, во која загинаа двајца пилоти. Беше оценето дека е несоодветно јавно да се реагира поради трагедијата“, уверуваат од Министерството за надворешни работи.
Од таму не објаснија зошто веднаш не реагирал македонскиот протокол, туку го дозволиле фотографирањето.
Денес, на состанок во Министерството е повикан бугарскиот амбасадор во Македонија, Желјазко Радуков, кому ќе му биде врачена протестна нота. Тоа нема да го направи министерот Муцунски, туку директорот на Инспекторатот за регионални инцијативи оти така било соодветно, објаснија од Министерството за надворешни работи.
Претседателката Сиљановска-Давкова и министрите Муцунски и Љутков во петокот имаа културно-дипломатска мисија во Бугарија. Отидоа за да го проследат настапот на Националната опера и Балет со операта „Набуко“ од Џузепе Верди, а настанот беше искористен и за средба на претседателката со бугарскиот претседател.