Македонија
(Видео) Спасовски: Има сериозна истрага во сите институции по скандалот со прислушувањето во Обвинителството

Скандалот со снимањето во Јавното обвинителство покажува уште еднаш како функционирал режимот на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, изјави на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.
„Има сериозна истрага, во сите институции. До детали ќе се провери која била намената на оваа инсталација од минатото, дали и кој ги слушал разговорите во правосудството. Ќе се открие кој ја нарачал опремата, кој ја купил, кој ја инсталирал и кој ја користел – и секој кој што ги пречекорил овластувањата ќе одговара пред правдата! И ова ќе важи за секоја институција. Следува темелна проверка во секоја институција. Времето на снимање и прислушување заврши. Остатоците од режимот на Груевски ќе бидат отстранети од сите пори на институциите. За овој скандал ќе има одговорност“, потенцираше Спасовски.
Спасовски побара раководството на ВМРО-ДПМНЕ да одговори за нивните дејствија во времето кога оваа опрема била инсталирана.
„Мицкоски треба да одговори за неговата улога во власта кога бил генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ. Штетата што ја направи криминалното ВМРО-ДПМНЕ остави силни последици кои не можат да се отстранат преку ноќ, но ние нема да застанеме додека не го отстраниме остатокот од криминалот со цел да обезбедиме држава по европски правила. Свесни сме за грижата и критиката на граѓаните дека од режимот на Груевски се уште има остатоци низ општеството и институциите. Ве уверувам, силно сме посветени на деинсталирање на груевизмот – при тоа да не заборавиме дека цели 12 години траеше оваа криминална инсталација, во секој дел на општеството. Ние до сега имавме само година и пол за справување со оваа децениска катастрофа која и се случи на Македонија. Секој нов откриен случај од криминалното владеење на режимот ни дава дополнителен мотив да продолжиме уште посилно во борбата против корупцијата и во борбата за владеење на правото“, изјави Спасовски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Крадци корнат бисти од гробишта – по Бутел, бронзена биста украдена и во Ѓорче

Нов случај со кражба на бронзена биста од гробишта бил регистриран во полицијата во текот на вчерашниот ден.
Скопјанка пријавила попладнето дека од гробиштата во Ѓорче Петров со употреба на физичка сила била одземена една бронзена биста.
Само два дена претходно, истото се случи и на гробиштата во Бутел. Тогаш од МВР информираа дека со употреба на физичка сила и подесен алат биле одземени три бронзени бисти.
„Макфакс“ претходно објави и дека во текот на минатата седмица беше откорнатата плоча од споменикот на децата бегалци во паркот „Жена борец“ во Скопје. Украден е релјефот од бакар, мотив на мајка со три деца, прицврстен на постаментот, отстранети се и бронзените букви од натписот „Татковината – копнеж на прогонетите“
Од МВР велат дека се работи на расчистување на случаите.
Македонија
Дрво падна кај Млечен, оштетени три автомобили, скинати кабли од бандера

Дрво попладнево падна на улицата Анкарска кај популано именуваниот реон „Млечен ресторан“.
Паднатото дрво има оштетено три автомобили.
Од Центарот за управување со кризи, информираа дека полицијата е на лице место и настанот е пријавен во ЈП ,,Паркови и зеленило” за да го отстранат паднатото дрво од улицата.
Исто така, дрвото, при паѓањето, има скинато кабли од бандера.
Известени се надлежните институции за санација на скинатите и откачени кабли.
Фото: Илустрација
Македонија
Села му одговори на Таравари: Без доверба и чест нема ниту куќа, ниту врата

Едниот од лидерите на поделената Алијанса за Албанците, Зијадин Села, преку социјалните мрежи му одговори на неговиот поранешен сопартиец, Арбен Таравари за можноста за повторна соработка.
„Според албанската традиција и обичајното право, домот не е едноставно место каде што живееш, туку тоа е име и идентитет! Дали вратата или куќата е голема или мала го прави сопственикот на куќата. Честа, довербата, дадениот и одржан збор и мажественоста се атрибутите кои овој сопственик мора да ги има. А кога ги нема, тоа не се нарекува ниту куќа, ниту врата, а камоли голема“, се вели во објавата на Села.
Таравари претходно вчера рече дека кој сака е добредојден да им се придружи. Одговарајќи на новинарско прашање дали е можно повторно спојување со лидерот на другото крило од Алијанса за Албанците, Зијадин Села, тој изјави: „Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“.

„Јас кажав дека нашата куќа, нашата фамилија е голема, за сите вратите се отворени, така што, кој сака нека повели, добредојден е“ – Арбен Таравари
Алијансата за Албанците на Таравари одлучи на локалните избори да излезе со посебни листи за општински советници.