Македонија
(Видео) Спасовски: Го намаливме криминалитетот за 29 отсто и ја зголемивме откривачката функција во врска со шверцот на дрога за 33 проценти
Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски се сретна со граѓаните на Крива Паланка, при што рече дека целта на ваквите средби е да се слушнат мислењата и идеите на граѓаните како полицијата да придонесе за уште поголем спокој на секој поединец, за уште поголема безбедност на заедницата. Притоа, тој ја нагласи и можноста во текот на овие посети да се запознае поконкретно со реализираните активности и постигнатите резултати во тековната година, но и да се зацртаат целите за следниот период.
„Серијата посети во рамките на проектот ‘Отворен кабинет’ ја продолжуваме тука, во Одделението за внатрешни работи Крива Паланка во рамките на СВР Куманово, каде што утринава остварив работна средба со раководството на овој сектор и конкретното одделение. Притоа бев запознаен со безбедносната состојба на подрачјето на СВР Куманово и ОВР Крива Паланка, состојбите со криминалитетот, како и активностите што ги преземаат полициските службеници во насока на намалување на стапката на криминалитет во приоритетните области, одржување поволен јавен ред и мир, безбеден патен сообраќај и превенција, со единствена цел – подигнување на безбедноста во градот и заштита на граѓаните. Во согласност со презентираните показатели, безбедносната состојба на подрачјето во надлежност на СВР Куманово и ОВР Крива Паланка е поволна и на задоволително ниво, што е особено важно за граѓаните од овој дел, но и во рамките на генералната безбедносна оценка за државата. Вкупниот криминалитет на подрачјето на СВР Куманово во изминатите осум месеци од 2023 година, во споредба со истиот период претходната година, бележи намалување за 17 %. Во делот на класичниот криминалитет бележиме намалување на овој вид кривични дела за 11 %“, рече Спасовски.
Тој информира дека на подрачјето на СВР Куманово во изминатите осум месеци биле издадени повеќе од 19.000 платни налози, од кои најмногу за возачи што управувале возило под дејство на алкохол, а реализирани се 689 превентивни настани на разни теми. На подрачјето на ОВР Крива Паланка во 2023 година, компаративно со истиот период лани, евидентирано е намалување на вкупниот криминалитет за 29 %.
„Во делот на недозволената трговија со дрога и оружје откривачката дејност е зголемена за 33 % во споредба со анализираниот период во 2022 година. Намалување за 8 % бележиме и во областа на класичниот криминалитет, а за 6 % се намалени сообраќајните незгоди со потешки последици. Исто така, во текот на 2023 година ОВР Крива Паланка реализираше 183 превентивни настани“, информира министерот Спасовски.
Во изјавата за медиумите министерот Спасовски најави дека веднаш потоа ќе го посети општинското средно училиште „Ѓорче Петров“, каде што ќе ја продолжи кампањата наменета за средношколците „Кажи НЕ на дрогата, ДА на животот“, која МВР ја почна во скопската Гимназија „Јосип Броз Тито“ како дел од превентивните активности на МВР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Ќе се реконструираат дворот и игралиштето во ООУ „Кочо Рацин“
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на одбележувањето на 80 години од постоењето на ООУ „Кочо Рацин“ најави низа реконструктивни зафати за училиштата, планирани за 2025 година, според нацрт-програмата усвоена на 42 Седница на Советот на Општина Центар.
„Во текот на наредната година, во ООУ ,,Кочо Рацин” се предвидува партерно и хортикултурно уредување на дворот, реконструкција на игралиштето и изградба на потпорен ѕид. Овие проекти се дел од нашата посветеност кон унапредување на образовната инфраструктура”, истакна градоначалникот.
Во своето обраќање, Герасимовски ја потенцираше важноста на образованието, парафразирајќи го патронот на училиштето, Кочо Рацин:
„Големиот Кочо Рацин велеше: ,,Да му го земеш јазикот на народот, тоа значи да му ја земеш душата”! На овој посебен ден, ќе додадам – ако му го одземете образованието на еден народ, ќе му ја одземете иднината. Гледајќи ве тука, посветени наставници и вредни ученици, знам дека нашата иднина е загарантирана”.
Герсимовски потенцираше дека Општина Центар контиунуирано инвестира во образованието и инфраструктурата во сите осум основни училишта, бидејќи тоа е влог во новите генерации.
„Оваа година, во ООУ „Кочо Рацин” целосно го реновиравме најстариот дел од училиштето, а спортската сала, која со децении беше запоставена, ја реконструиравме темелно. Сега училиштето располага со четири реновирани и целосно опремени кабинети за стручна настава, како и со спортска сала реконструирана согласно највисоките стандарди”, истакна Герасимовски, завршувајки го обраќањето со порака дека овој голем јубилеј треба да биде поттик за уште поголеми успеси и постигнувања.
Македонија
Велковски: Македонската држава три децении пример за хуманост и солидарност кон бегалците и мигрантите
30 години од воспоставувањето на партнерството помеѓу Република Македонија и Канцеларијата на Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) денеска беше одбележан во министерството за надворешни работи и трговија.
Потсетувајќи се на историјата и предизвиците со кои се соочуваше државата, присутните ги истакнаа заедничките постигнувања во областа на заштитата на бегалците и промоцијата на човековите права.
Македонската држава беше пример за солидарност во светски рамки соочувајќи се со неколку бегалски и мигрантски кризи.
Заменик-министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, во своето обраќање изрази благодарност за долгогодишната соработка со УНХЦР. „Овие три децении ја покажаа нашата решителност да стоиме зад најранливите категории, да ги заштитиме нивните права и да им дадеме шанса за нов почеток,“ истакна тој, осврнувајќи се на историските моменти кога македонската држава беше рамо до рамо со бегалците.
Велковски потсети и на клучни настани, како што е отворањето на границите за над 30.000 бегалци од Босна и Херцеговина во 1994 година, и поддршката на речиси 360.000 косовски бегалци за време на кризата во 1999 година.
Преку соработката со УНХЦР, Македонија не само што обезбедуваше привремено засолниште, туку создаде и систем за локална интеграција. Во 2009 година, над 2.000 бегалци добија правен статус и пристап до сите права, станувајќи дел од општеството.
„Најголемиот предизвик дојде со мигрантската криза во 2015 година, кога земјата обезбеди хуманитарна поддршка за повеќе од милион транзитни бегалци. Ова партнерство, како што беше истакнато, се темели на доверба, солидарност и заеднички вредности.
Претставникот на УНХЦР, Габриел Гуалано де Годој, ја истакна улогата на Македонија како модел за успешна интеграција и управување со бегалските кризи. „Ова не е само приказна за минатото, туку и залог за иднината. Македонија покажува како малите земји можат да направат големи промени,“ рече тој.
Со јубилејот, македонската држава ја потврди својата улога како клучен партнер во глобалните напори за заштита на човековите права, демонстрирајќи дека солидарноста и хуманоста се универзални вредности кои ја дефинираат иднината на една нација.
Македонија
Објавени добитниците на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“
Одборот за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев- Јасмин“, на седницата одржана на 15.11.2024 година, донесе одлука за доделување на државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ за 2024 година за остварувања во областа на публицистиката и новинарството од интерес на Република Северна Македонија.
За остварување во областа на публицистиката државната награда ја делат: Иван Антоновски, публицист, и Делвина Крлуку, публицист.
Државната награда за остварување во областа на новинарството ја делат: Атанас Костовски, новинар, и Љупчо Јолевски, новинар.
Наградата ќе им биде врачена на добитниците на 21 декември 2024 година (сабота) во 10.30 часот во свечената сала на Собранието на Република Северна Македонија.