Македонија
(Видео) Спасовски: Mеѓународно етаблирање како домаќини на европската конференција на ИНТЕРПОЛ

Во 2017 бевме една од најнетранспарентните институции, со историски најмала доверба кај граѓаните, некаде околу 23%, со никаква соработка во делот на науката и праксата и условите за работа, инфраструктурно, во опрема и човечкиот потенцијал беа доведени во прашање и во една исклучителна состојба, со некаде околу 40 милиони евра задолженост, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на конфренцијата „Година на нови можности“ организирана од Владата.
„ Сега ја имаме состојбата после сите реформски процеси, со Агенција за национална безбедност, целосна реформа во системот за следење на комуникациите. Сегашната доверба во институцијата е над 50%, според транспарентноста сме една од трите најтранспарентни институции во државата. Сето ова се должи на добро поставените стратешки цели. 2023 година секако треба да биде година во која ќе бидеме добри партнери и на меѓународно ниво, да ги одржиме и продлабочиме сите врски коишто ги имаме. Тоа е исклучително значајно за Министерството, за кредибилитетот не само на Министерството, туку и на државата“, министерот Спасовски направи паралела на состојбите во Министерството.
Тој како редовни планови и можности го потенцираше остварувањето на дефинираните стратешки приоритети за тоа што треба да бидат клучни цели, како што се борбата против организираниот криминал и корупцијата, борбата против тероризмот, илегалната миграција и сајбер безбедноста
„2023 за нас ќе биде многу важна од аспект на меѓународно етаблирање, бидејќи минатата година го добивме одржувањето на 50. јубилејна регионална европска конференција на ИНТЕРПОЛ во Република Северна Македонија. Тоа е едно огромно признание за државата и за работата на МВР. Таа конференција ќе се одржи во рамките на прославата на 7 Мај – Денот на македонската полиција во Охрид. Тука неизоставно е да се спомене дека многукратно се зголеми довербата, меѓутоа и меѓународната поддршка и соработка којашто ја има МВР со учество на многу меѓународни конференции и организации“, презентираше дел од плановите и можностите што ги отвора 2023 година министерот Спасовски.
Тој во врвните приоритети, како втор важен сегмент го истакна вложувањето во човечките капацитети, бидејќи, како што потенцираше, „сѐ друго можете да купите, но не можете да го купите човечкиот потенцијал којашто е потребен“.
„Преку обуки, преку реорганизација ќе можеме да го зајакнеме капацитетот на македонската полиција, преку вложување во инфраструктурата. Знаете дека во изминатиот период интензивно работевме во тој дел, бидејќи знаевме дека е важно да има добри услови за вработените, да се зголеми мотивацијата и да има добри услови за остварување на правата на работниците“, потенцираше министерот Спасовски.
Тој како финални приоритети ги наброи планираните инвестиции во инфраструктурата со старт на три клучни проекти за оваа 2023 година.
„Целосна обнова на Центарот за обука на МВР, целосна реконструкција на Управните служби во Скопје како еден од најфреквентните делови на МВР и изградба на нова полициска станица во Аеродром. Тука е вложувањето во опрема и во многу други сегменти“, финализираше министерот Спасовски.
Спасовски за крај уште еднаш го потенцираше дека дел од стратешките приоритети на Министерството во континуитет остануваат зголемувањето на ефикасноста и довербата во полицијата и постојано намалување на стапката на криминалитет.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Вечерва зградата на Владата свети во сино во знак за подигање на свеста за аутизмот

Вечерва зградата на Владата свети во сино, во знак на 2 април Светски ден за подигање на свеста за аутизмот. Ова на социјалните медиуми го објави премиерот на Македонија Димитар Ковачевски.
„Давам неизмерна поддршка и почит кон лицата со аутизам, нивните родители, семејства, пријатели, наставници, соученици. Како Влада се залагаме да обезбедиме системски решенија за грижа за децата и возрасните со аутизам. Не сме сите исти, ниту по физички изглед, ниту по карактер, но сите во оваа држава имаат исти права“, напиша Ковачевски.
Како што вели тој, да ги прифаќаме различностите, бидејќи секој е различен и посебен на свој начин.
Македонија
Од понеделник пороен дожд

УХМР соопшти дека во понеделник, под влијание на нов влажен и постуден бран, ќе има врнежи од дожд кои попладне на повеќе места ќе бидат пообилни, над 30 литри на метар квадратен. На планините и на некои повисоки места врнежите ќе бидат од снег.
Следните три дена, ќе преовладува студено и ветровито време со повремени локални врнежи, претежно во западните делови.
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а попладне со повремен локален дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од променлив правец.
Македонија
Левица: ДУП-от во Карпош ДПМНЕ го поддржа уште 2017 година

Со гласањето на Деталниот урбанистички план за блок ССЗ 01.10 кој се наоѓа во Злокуќани. се исправа неправдата која е нанесена на жителите во овој дел од општина Карпош, поголем дел Ромско население, поради тоа што со децении не е усвоен ДУП, а со самото тоа не може да управуваат со нивните имоти и да ги уживаат правата кои ги имаат останатите жители на Општина Карпош, велат од политичката партија Левица.
Со овој план, од партијата посочуваат дека конечно ќе може да се легализираат куќите во ова населено место.
Дополнително, со нивната легализација ќе може голем дел од домаќинствата да се инкорпорираат во јавниот комунален систем и да добијат квалитетна услуга, се вели во соопштението.
Од Левица потенцираат дека ова е еден од ретките ДУП-ови што нема елементи на бетонизација, а зачудени се од одлуката на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ која не го поддржа овој ДУП.
„Земајќи го во предвид ова како и придобивките за жителите на овој дел од Општина Карпош, за очекување беше истиот да го поддржат сите советнички групи. Изразуваме зачуденост од одлуката овој ДУП да не го поддржат советничката група на ДПМНЕ. Токму советничката група на оваа политичка партија во март 2017 година го изгласаа овој ДУП во оваа форма“, посочуваат од партијата.
Велат дека нивната хистерична реакција е веќе видена во Советот на Општина Карпош, особено по „замрсените“ односи меѓу лидерот на партијата Христијан Мицковски и градоначалникот Стевчо Јакимовски.
„Сакаме да напоменеме дека во овие политички игри ДПМНЕ ги вовлече и советничките од Независни кои без соодветно образложение гласаа против жителите на Злокуќани. Нападите кон локалниот огранок на Левица во Општина Карпош се за очекување и претставува прелсикување на политиката која ДПМНЕ ја води на централно ниво, па за секој нивни неуспех, за секое национално велепредавство криви се Левица, а не нивните функционери кои во Собранието на Република Македонија за многу штетни закони гласаа заедно со СДС и ДУИ“, истакнаа од Левица.