Македонија
(Видео) Стоилковски:Владата ја почна постапката за уставни измени, а Договорот е спротивен на Уставот
Има најмалку 30 причини зошто однесувањето на оваа криминална власт се оценува како насилство над демократијата, насилство над уставниот поредок, насилство врз волјата на граѓаните. Покрај тоа што се крши волјата на граѓаните, предлогот за пристапување кон измена на Уставот од формално-правна, но и од материјално-правна причина не смее да биде усвоен од пратениците во Собранието, бидејќи истиот ги крши темелните вредности на уставниот поредок и неколку члена од Уставот, изјави Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, Владата ја почна постапката за уставни измени, а Договорот е спротивен на Уставот и не е објавен во ,,Службен весник”.
,,Ниту Договорот е во согласност со Уставот, а уште помалку е во согласност со Законот за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори. Во чл. 118 од Уставот стои дека меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот, што значи со закон објавен во „Службен весник“, се дел од внатрешниот правен поредок.Овој договор не е дел од внатрешниот правен поредок на земјата и не може да биде основа за менување на Уставот.
Исто така, со предлогот за пристапување кон измена на Уставот не се почитува волјата на над еден милион и двесте илјади граѓани кои не го прифатија Договорот од Преспа како основа за менување на Уставот. Волјата на граѓаните изразена на референдум согласно Уставот е задолжителна за власта! Тоа е суштината на демократијата”, вели тој.
Стоилковски додава дека Уставот не прави разлика меѓу консултативен и задолжителен референдум, туку вели дека одлука донесена на сите видови референдуми е задолжителна, бидејќи волјата на граѓаните е суверена и е над власта.
,,Загрижува и фактот што Министерството за правда се иззема од уставните измени и како надлежен претставник го става министерот Никола Димитров како шеф на МНР што е до сега невидена пракса. Секогаш измени на Уставот предлага Министерството за правда овој пат одлучи да избега од процесот од необјаснети причини.
Продолжуваат манипулациите на власта за смена на Уставот и покрај јасно изразената волја на граѓаните изразена на референдумот. Граѓаните со апстиненција испратија гласна порака дека капитулантскиот договор не се прифаќа, Таа треба да биде испочитувана од сите пратеници, од сите институции, првенствено Собранието кое што го распиша референдумот, а потоа и од извршната власт. Зоран Заев не е, ниту може да биде над народот. Собранието мораше да го испочитува отфрлањето на капитулацијата преточена во Договорот од Преспа. Јасен е теророт на власта во силувањето на демократијата, прво со непочитување на референдумот и во кампања и резултатот од него; терор врз Уставот и законите, и сега политички недемократски терор преку закани и трговијата со правото и правдата”, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонија денеска избира претседател: седум имиња се на гласачкото ливче
Во Северна Македонија ќе се одржат седмите претседателски избори, а до затворање на избирачките места во 19 часот, на сила е изборен молк.
Евентуалниот втор круг од претседателските избори е закажан за 8 мај, за кога се закажани парламентарните избори.
На претседателските избори учествуваат седум кандидати – пет мажи и две жени.
Кандидати се актуелниот претседател Стево Пендаровски кој е поддржан од СДСМ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ, Билјана Ванковска која е поддржана од Левица, Максим Димитриевски од движењето Знам, Стевчо Јакимовски од партијата Гром, Арбен Таравари од коалицијата Вреди и Бујар Османи кој е поддржан од Европскиот фронт.
Владата го прогласи денот на изборите за неработен.
Во избирачкиот список за претседателските избори се запишани 1.814.317 избирачи, а во странство ќе гласаат 2.569 гласачи со државјанство на Северна Македонија.
Во посебен избирачки список запишани се 2.147 лица кои издржуваат затворска казна или притвор.
Скопје
ЈСП: Јавниот превоз по неделен возен ред, жичницата на Водно нема да работи
Јавното сообраќајно претпријатие Скопје соопшти дека јавниот превоз ќе функционира по неделен возен ред, а жичницата на Водно нема да работи.
Како што се појаснува во соопштението, дежурни од седум до 14 часот ќе бидат билетарниците на Транспортен центар и таа во Ѓорче Петров.
Македонија
Променливо облачно и потопло со сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Кон крајот на денот ќе има локален слаб дожд, краткотрајно пороен, проследен со појава на ретки грмежи. Ќе дува умерен, а во западните делови повремено засилен ветер од југозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 10, а максималната ќе достигне од 16 до 24 степени.
Во Скопје променливо облачно и потопло со сончеви периоди. Во делови од котлината ќе има услови за појава на краткотраен пороен дожд со ретки грмежи. Ќе дува слаб до умерен променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 22 степена.
Во четврток ќе се задржи променливо облачно време со повремени врнежи од дожд. Локално врнежите ќе бидат поројни, проследени со појава на грмежи, а на повисоките планини ќе преминуваат во повремен слаб снег. Од петок следува период на претежно стабилно и потопло време.