Македонија
(Видео) Стоилковски: СДС во слободен пад вади фотографии кога Ковачев им беше „брат“ и „љубави“,
Социјалдемократскиот сојуз манипулира и лаже, и целосно недостоинствено се служи со лажни вести, објави портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, откако пратеничката на СДСМ, Лидија Тасевска, објави фотографија од пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова со бугарскиот европратеник, Андреј Ковачев, притоа коментирајќи дека фотографијата е потврда на соработка на македонското и бугарското ВМРО.
Стоилковски вели дека СДС во слободен пад се користи со фотографии кога Ковачев им беше “брат” и “љубави”.
„И да потсетам кога Ковачев објави фотографија со коментар дека Силјановска имала многу забелешки за договорот со Бугарија и различно мислење за историјата, потенцира самиот Ковачев“, рече Стоилковски.
„Ова е фотографија од Ковачев во 2019 година. А оваа фотографија му е од сега, пред една недела. Само СДС при очи не гледаат разлика и кај самиот Ковачев. Прашање е само дали и оваа манипулација не е во договор на СДС со Ковачев? Ја разбираме нервозата откако се исфрлени и од европските собири, а дома од народот, но тоа не значи дека може да шират лажни вести и да ги туркаат медиумите во нивните лаги“, рече Стоилковски покажувајќи фотографии.
Додаде дека никогаш не било полошо, и време е наместо хаосот во Македонија, да завладее ред.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Македонски туристи блокирани во близина на Химара: ги спасила полицијата
Двајца македонски туристи останале блокирани во заливот Филикури кај Химара, ги спасила полицијата, објавија тамошните медиуми.
На жената која се здобила со повреди од лизгањето и падот ѝ била укажана прва помош и била транспортирана до градската болница.
Според информациите, таа била во добра здравствена состојба.
„Полицијата гарантира дека е секогаш блиску до граѓаните и посетителите, подготвена да понуди помош во секој случај. За секоја слична ситуација граѓаните можат да се обратат на бесплатниот број 112“, објави полицијата.
Македонија
Зголемен интензитетот на сообраќај надвор од градските средини
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно сувиколовози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани –Делчево.
Македонија
Перински во Белград: Позитивните практики од соседна Србија, се применливи и кај нас со цел подобрување на јавните услуги
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана и во организација на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), учествува на дводневниот тематски дијалог „Од замисла до реалност: Спроведување инвестициски проекти“ кој од денеска се одржува во Белград.
На дијалогот, се презентираат практики и методологии од различни земји со цел нивна примена и унапредување на идни инфраструктурни проекти, се разгледуваат заедничките предизвици при планирањето и спроведувањето проекти. Целта на дијалогот е и поттикнување на соработката меѓу земјите и меѓународните финансиски институции со цел искористување на ресурсите и разгледување на различните видови механизми за финансирање инфраструктурни проекти.
Во рамки на посетата на Белград, Перински одржа и билатерални средби со министерката за јавна администрација и локална самоуправа, Јелена Жариќ Ковачевиќ и со градоначалникот на Град Белград, Александар Шапиќ.
И двете средби, Перински ги искористи за размена на искуства за начинот на организација на локалната самоуправа во Република Србија, за законската регулатива која ја применува северниот сосед за функционирање на единиците на локалната самоуправа, како и за начинот на нивно финансирање, процесот на децентрализација и фискалната децентрализација.
„Ме радуваат добрососедските односи и билатералната соработка која е на високо ниво, но постои расположение и услови тие да се продлабочат, пред сѐ во однос на системските реформи за функционирање на системот на локалната самоуправа и развој на општините. Споделивме и разменивме искуства за начинот на организационата поставеност и функционалност на локалната самоуправа, а разговаравме и за суштинските законски решенија кои ги применуваме во таа област“, изјави Жариќ Ковачевиќ, која истакна дека регионалната соработка е еден од приоритетите на Република Србија во насока на зачувување на стабилноста во регионот и целосна ориентација кон поинтензивна партнерска соработка во сите области. Таа изрази задоволство и од досегашната соработка меѓу двете земји, од користењето на ИПА Програмата за прекугранична соработка.
„Со министерката Жариќ Ковачевиќ разговаравме за предизвиците со кои се соочуваат општините во Србија и системските решенија кои ги користат за нивно надминување. Разменивме мислења и за легислативата која ја применуваат, како и за продлабочување на соработката. Чест ми беше да ѝ презентирам како ние, како Влада, ќе помогнеме на општините за нивен развој со директната финансиска помош во висина од 250 милиони евра за реализација на инфраструктурни проекти“, истакна Перински.
На средбата со првиот човек на српската метропола, Александар Шапиќ, се разговараше за системската организираност на Град Белград и седумнаесетте градски општини, поделбата на ингеренциите меѓу нив, начинот на нивното финансирање, како и за функционалноста на јавните претпријатија.
„На министерот му ги презентирав и нашите проекти со кои успеваме да го подигнеме квалитетот на живот на нашите граѓани, а го информирав и за начинот на управување со најбројната белградска општина, Нови Београд и со Град Белград, со оглед на моето повеќегодишно искуство како дел од раководењето со двете локални единици“, изјави градоначалникот Шапиќ, по средбата со Перински во Стари двор. И двајцата беа согласни дека Скопје и Белград се братски градови, уште пред нивното формално збратимување во 2012 година и токму тој факт треба да се искористи за продлабочување на соработката, ако се има во предвид и територијалната близина и пријателски настроениот народ.
„Сакав изворно да се информирам како Белград функционира без поголеми проблеми и успешно се справува со секојдневните ситуации од областа на јавниот превоз, јавната хигиена, воопшто, со сите услуги кои има обврска да ги испорачува на граѓаните. Разговаравме и за начинот на организација на комуналната полиција во Белград, ингеренциите кои таа ги има и бенефитите од нејзиното постоење“, изјави Перински, по средбата со градоначалникот Шапиќ.
Според Перински, и двете одржани средби се од големо значење, бидејќи се запознал со позитивните практики на функционирање на локалната самоуправа во Србија и на српската престолнина и законите со кои тие се уредени, а истите ќе можат да се презентираат на планираните јавни дебати со сите засегнати страни, за законските измени од областа на локалната самоуправа во Македонија, кои ќе се адаптираат на потребите на граѓаните и за поефикасно функционирање на сите општини во земјава.
Во таа насока, Перински позитивно ги оцени и поздрави доставените измени на Законот за локална самоуправа со цел да се избегнат предвремените локални избори во општините кои останаа со в.д градоначалници.