Македонија
(Видео) Стоилковски: Уште едно бегство од затвор во иста режија

„Сè уште ги нема вистинските одговори и одговорност за крвавото бегство од „Идризово“, се случува нов скандал, ново бегство, а со истите режисери. Повеќе од 10 дена во бегство од затворот „Скопје“ во Шуто Оризари е осудениот затвореник Нафи Абдиовски. За појаснување, осуден на 8 месеци за сторено кривично дело измама врз основа на досието, Секторот за ресоцијализација му одредил третман со група Б, односно да биде преместен во полуслободно одделение“, рече на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Ова лице што се повторува на фотографиите, Нафи Абдиоски, чест гостин во Владата на СДС, со еден убав албум фотографии во прегратки со министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, првиот вицепремиер Артан Груби, во премиерскиот кабинет на Зоран Заев, фотографии со претседателот на Собранието, фотографија со Стево Пендаровски“, рече Стоилковски.
Тој праша:
1. Дали се работи за лице што има 16 кривични дела и толку неправосилни пресуди?
2. Дали Нафи Абдиовски со правосилност на овие пресуди би издржал 15 години затвор?
3.Дали е повратник во затвор?
4. Дали законот според пресудите за Абдиовски и во делот на тоа што е повратник посочува дека Нафи Абдиовски НЕ СМЕЕ да биде затвореник во Шуто Оризари, туку би морал да биде во „Идризово“?
5. Уште повеќе, дали смее да биде сместен во полуотворено одделение?
„Два скандала, две бегства од затвор, две лица миленици на власта со дебели досиеја. СДС – ДУИ ја претворија Македонија во држава на мафијата. Затвор издржуваат само оние што не им слугуваат на интересите на СДС и ДУИ“, вели тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Апасиев: Партиската полиција на Спасовски не престанува со тортурата врз левичарите

Непосредно пред одбележувањето на годишнината од раѓањето на таткото на македонската нација – Гоце Делчев, повеќе членови на Централниот комитет на Левица, како што велат од партијата, без никаков повод и причина, утрово координирано биле повикани на „информативен разговор“ во полициските станици ширум Македонија.
„ Партиската ПОЛИЦИЈА на Спасовски не престанува со тортурата врз левичарите. Сабајлево, десетина модератори на локалните ограноци на Левица ширум Македонија, повикани на “информативен разговор” во полициски станици!“ велат од Левица.
Од партијата додаваат дека Владата и министерот Спасовски продолжуваат со тактиките за заплашување и притисок врз Левица, како единствена антифашистичка Партија со теренска поддршка, бидејќи, како што велат, целта е да се задуши народниот антифашистички порив.
Инаку, претходно беше најавено за сабота засилено полициско обезбедување, а на настанот ќе присуствува државниот врв и како што соопшти претседателот Пендаровски, се работи за настан од висок ризик.
Македонија
(Видео) Каевски: Неспособноста на градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ е на директна штета на граѓаните

„ВМРО-ДПМНЕ и шпицниот градоначалник Христијан Мицкоски продолжуваат со добро познатата пракса на скапи и нетранспарентни задолжувања. Мицкоски најави, а неговите градоначалници спроведуваат скапи задолжувања на општините кои важат за едни од финансиски најстабилни“, рече денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Дарко Каевски.
Каевски напомена дека „Аеродром, Бутел, Гази Баба, Прилеп се општините кои преку општински обврзници ќе ги задолжат своите граѓани. Заедничко за сите задолжувања е што тие сè прават без да се наведе за што ќе се употребат парите, без да биде наведен рокот на отплата, а никој не знае ни колкави ќе бидат каматните стапки, кои поради економската криза стануваат сè повисоки“.
„Она што се знае е дека овие обврзници ќе може да ги купи секој, вклучително и крупниот бизнис и големи компании, кои потоа може да влијаат врз работата и носењето одлуки на градоначалниците и советите. За разлика од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ преку Владата што ја предводи ги раздолжи општините. 50 милиони евра беа исплатени кон општините за да се расчистат долговите што локалната власт на ВМРО-ДПМНЕ ги направи до 2017 година. По 12-годишното владеење со општините, ВМРО-ДПМНЕ остави задолжени општини, општини со блокирани сметки и општини без проекти“, порача тој.
Македонија
Три возила се судрија на Стража: превртено комбе, возачот повреден

Три возила се судриле, а комбе со скопски регистарски таблички е превртено пред превојот Стража. Од МВР за „Макфакс“ велат дека едно лице е пренесено и во болница. Екипа со јавен обвинител излегла на терен.
„Се случи сообраќајна несреќа, во која учествувале три товарни моторни возила (комбиња): ‘ивеко’, со прилепски регистарски ознаки, управувано од 46-годишниот Р. Б. од Прилеп, ‘фиат’, со скопски ознаки, што го управувал 39-годишниот скопјанец Ц. М., и ‘пежо’, исто така со скопски регистарски ознаки, управувано од 38-годишниот скопјанец И. А.“, велат од МВР.
Сообраќајот повеќе не е во прекин, а возилото е отстрането.
„Во несреќата телесни повреди добил возачот на ‘пежото’, И. А., кој бил пренесен во гостиварската Општа болница ‘Ферид Мурад’ за укажување лекарска помош“, додаваат од МВР.