Македонија
(Видео) Стојаноски: Благодарение на СДС и ДУИ, „Пуцко петрол“ успевал за една година да го зголеми приходот 40 проценти

„Откако пред некој ден син на пратеник од ДУИ, сопственик на Пуцко петрол како мерка доби домашен притвор за случај во којшто се сомничи за криминал тежок за 167 милиони евра за набавка на канцероген мазут за ТЕЦ Неготино, јавноста има право да знае дека стекнувањето, поточно зголемувањето на имотот на сопственикот на Пуцко петрол се случува благодарение на СДС и ДУИ“, рече Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Оваа постапка следеше откако врз основа на информации во јавноста, Антикорупциската комисија отвори постапка, а потоа и покрена иницијатива за кривично гонење.
Според јавно достапни информации компанијата Пуцко петрол со години наназад набавува различни производи како мазут, нафта, за многу градинки, училишта, болници, како и за различни државни институции.
Најголемиот скок на имотот на Пуцко петрол е во период на владеење на Зоран Заев, со влада во која министер за здравство е Венко Филипче.
Или, тоа е влада на ДУИ со малцински партнер СДС.
Токму во тој период, според јавно достапни информации, Пуцко петрол во 2021 година имала вкупни приходи од 48 милиони и 133 илјади евра, што е за 40 проценти повеќе во однос на 2020 година.
Овој процес започнува во 2018 година или по неполна година од заедничкото владеење на СДС и ДУИ.
Па така само за еден месец, поточно декември 2018 година, Пуцко петрол добива тендери во вредност од околу 3,2 милиони евра, од кои 2,8 милиони евра е оној за Македонски железници транспорт, претпријатие коешто важи за најдолжно и кое едвај заживува.
Ако само за еден месец во периодот на владеење на Заев и Филипче, Пуцко петрол добива тендери поголеми од три милиони евра можете да замислите колку добивала за една година. И кога на сето ова ќе го додадете податокот дека вредноста на компанијата се зголемува 40 проценти повеќе во 2021 од 2020 година логичен е заклучокот дека компанијата од Пласница добивала работа од најголем дел државни органи со кои раководеле кадри на ДУИ, а одлично и одела соработката и со институциите кои биле под водство на СДС.
Поради ваквото владеење на Заев заедно со Филипче излегуваат на виделина огромни последици по државниот буџет и парите на граѓаните. Дојде време да се одговара за вакви бизниси на грбот на народот“, изјави Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Македонија годинава ќе биде со најнизок економски раст во регионот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Радовиш, каде што се сретна со граѓаните и разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„По десет месеци од новата власт, разочарувањето е големо. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони за раздвижување на економијата и зголемување на платите, но дека власта останува глува.
„СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светската банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но очигледно ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и целосна негрижа за граѓаните“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, тој подвлече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да работи за подобар живот за сите
„СДСМ ќе продолжи да работи и нуди решенија, силно верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера и чесните политики кои се наменети за подобар живот“, додаде претседателот на СДСМ.
Македонија
СДСМ: Тошковски мораше да го признае скандалот со братот на Стефковски – треба да си даде оставка

Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Стефковски со видео докази, Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае, велат од СДСМ.
„Денешното признание на Тошковски потврдува две работи: прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“, велат од СДСМ.
Според нив, веќе не се ни бројат скандалите кои го тресат МВР.
„Владее хаос, своеволие кои допрва ќе излегуваат на виделина. Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка? СДСМ ќе продолжи гласно да ја брани правдата, законитоста и интересите на граѓаните“, велат од СДСМ.
Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.