Македонија
(Видео) Стојаноски: Пуцко Петрол и СДС го труеле народот, преку тендери од над 180 милиони евра за 7 години

Пуцко Петрол и СДС го труеле народот, преку тендери од над 180 милиони евра за 7 години, рече денеска на прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„180 милиони евра завршиле само на сметката на Пуцко Петрол, без притоа да се пресметаат 167 милиони евра за мазутот кој преку РКМ е испорачан до ЕСМ, т.е. РЕК Битола и ТЕЦ Неготино. Доколку се погледне целата сума се доаѓа до обрт од над 350 милиони евра кои СДС им ги овозможила на Пуцко Петрол, Јахоски и РКМ. Имено, Асмир Јахоски, Пуцко Петрол, од СДС како централна и локална власт за 7 години добил над 180 милиони евра во тендери. Пуцко Петрол 30 години имал статус на бела мечка во македонското општество, дозволено му било преку тендери да внесува што сака и како сака“, истакна пратеникот.
Според Стојаноски, сега, во време на ВМРО-ДПМНЕ, ќе се стави крај на, како што рече, неговото криминогено однесување.
„И СДС, освен да молчи и да стои со наведната глава, нема право буква една да изусти. Затоа што криминалите ги правел во нивно време и тие го толерирале, нивниот судско обвинителски систем му ги намалува сега мерките за обезбедување присуство. Тоа е истиот систем кој СДС го брани, а почива на погрешните кадри во Судскиот совет. СДС свесно го толерирале Пуцко Петрол. И овозможиле Пуцко Петрол и РКМ во набавка на мазут да свртат стотици милиони евра, за што главна асистенција им правел директорот на ЕСМ во бегство, Васко Ковачевски. Пуцко Петрол и Асмир Јахоски беспрекорно функционираат на државните тендери додека СДС владее и во значаен дел од тендерите тие се и единствен понудувач. Разработената шема на Пуцко Петрол и СДС ги чини граѓаните и живот. Секогаш кога ќе помислиме на загаден воздух, тука е Пуцко Петрол и РКМ да не потсетат зошто е тоа така, но и кој е причината, која не смее да се повтори“, вели Стојаноски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Филипче: Македонија годинава ќе биде со најнизок економски раст во регионот

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска беше во посета на Радовиш, каде што се сретна со граѓаните и разговараше за предизвиците со кои се соочуваат во секојдневниот живот.
„По десет месеци од новата власт, разочарувањето е големо. Цените продолжуваат да растат, платите стагнираат, а граѓаните сè потешко врзуваат крај со крај“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче нагласи дека СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони за раздвижување на економијата и зголемување на платите, но дека власта останува глува.
„СДСМ со месеци дава конкретни предлози и закони со кои ќе се раздвижи економијата и ќе се зголемат платите, но власта е глува. Со месеци предупредувавме дека економијата тоне, а денес таа потврда стигна и од проекциите на Светската банка. Македонија, за жал, оваа година ќе биде со најмал економски раст во регионот. Владата ветуваше дека ќе бидеме лидери во регионот, но очигледно ќе бидеме последни. Ова е резултат на погрешни економски политики, но и целосна негрижа за граѓаните“, изјави Филипче.
Во своето обраќање, тој подвлече дека СДСМ останува на страната на граѓаните и ќе продолжи да работи за подобар живот за сите
„СДСМ ќе продолжи да работи и нуди решенија, силно верувам дека граѓаните ќе ја препознаат искрената намера и чесните политики кои се наменети за подобар живот“, додаде претседателот на СДСМ.
Македонија
СДСМ: Тошковски мораше да го признае скандалот со братот на Стефковски – треба да си даде оставка

Откако СДСМ денеска го објави скандалот со братот на градоначалникот Стефковски со видео докази, Тошковски беше принуден јавно да го признае. Ниту ќе го признаел, ниту ќе бил било кој санкциониран за ова, иако јавна тајна е дека функционерите на ДПМНЕ се однесуваат како шерифи, а Тошковски тоа добро го знае, велат од СДСМ.
„Денешното признание на Тошковски потврдува две работи: прво, дека СДСМ изнесува вистини и, второ, дека функционерите на ДПМНЕ, нивните браќа, сестри и роднини не ги почитуваат законите, а Тошковски тоа го овозможува. Граѓаните не се наивни — да не објавеше СДСМ, Тошковски ќе го криеше и натаму скандалот“, велат од СДСМ.
Според нив, веќе не се ни бројат скандалите кои го тресат МВР.
„Владее хаос, своеволие кои допрва ќе излегуваат на виделина. Уште што треба да се случи за Тошковски да поднесе оставка? СДСМ ќе продолжи гласно да ја брани правдата, законитоста и интересите на граѓаните“, велат од СДСМ.
Македонија
Гаши засега ќе се воздржи од коментари за претседателката на Антикорупциска

Во врска со актуелните настани поврзани со претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Татјана Димитровска, од кабинетот на Претседателот на Собранието, Африм Гаши, велат дека тој засега ќе се воздржи од коментари, а ако наводите се потврдат во судска постапка, тој ќе иницира постапка за разрешување.
„Почитувајќи го начелото на презумпција на невиност и независноста на судските органи, Претседателот на Собранието се воздржува од какви било прерани коментари. Основен приоритет е да им се овозможи на надлежните институции да ја завршат својата работа без било какви притисоци или влијанија. Сепак, доколку наводите бидат потврдени низ судска постапка, Претседателот на Собранието ќе постапи без двоумење и ќе иницира соодветна собраниска процедура за разрешување“, се наведува во соопштението од Кабинетот на Африм Гаши.
Одговорноста за зачувување на кредибилитетот и интегритетот на институциите, велат од таму, е врвен приоритет и обврска која не трпи компромис.
Претседателката на антикорупциската комисија, Татјана Димитровска, е осомничена во дополнетата истрага за предметот „Адитив“. Таа се сомничи дека преку апликациите за пораки „Вибер“ и „Воцап“ му одавала службени тајни на друг обвинет за поведени постапки за отворање предмети и одлуки против сега обвинетите фирми и лица во предметот „Адитив“, како и податоци за проверка на имотот и на неговото семејство.
Покрај тоа што ѝ e одземен пасошот, Кривичниот суд определи и забрана за преземање одредени работни активности поврзани со кривичното дело, што подразбира дека осомничената не смее да има контакт со предмети, пошта и друга документација поврзана со работењето на ДКСК, а воедно не може да гласа и да распределува предмети.