Македонија
(Видео) Стојаноски: СДС и ДУИ заедно со нивните судии и обвинители се во акција за заштита на мазут-мафијата, набргу ќе се стави крај на ваквите случаи

Ланецот СДС-ДУИ заедно со алките, правосудство и мазут мафија го краделе народот и со украдените пари ги труеле граѓаните. Оваа спрега деновиве, со случајот мазут мафија, дополнително излезе на површина, истакна на прес-конференција Бојан Стојаноски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, судството и обвинителството се во акција за одбрана на криминал тежок 167 милиони евра за канцероген мазут со кој се труеле граѓаните.
„За дел од набавките, според информациите во јавноста, немало ниту јавен повик, а владата предводена од СДС , кога премиер е Зоран Заев, а Венко Филипче министер за здравство, внимавајте во една од набавките во декември 2021 година, директно го помогнала купувањето на канцероген мазут со 15 милиони евра буџетски пари.
Оттука обвинителство и судството ги штитат директно и Заев и Филипче.
Дополнително, правосудниот систем на СДС и ДУИ преку мерка куќен притвор за еден од осомничените, синот на пратеникот Јахоски, праќа порака дека ако го крадеш народот и ако притоа со тие негови украдени пари дополнително и го труеш, следи само симболичен чин притвор во домашни услови.
Во целиот овој случај, има и еден бегалец, тоа е Васко Ковачевски, поранешен директор на ЕСМ и човек од СДС“.
Како што додава Стојаноски, постапките на судството и обвинителството покажуваат дека поединци од овој систем работат само по насоки од СДС и ДУИ и го штитат криминалот, наместо да ја работат својата работа која е воспоставување на владеење на правото.
Токму овој правосуден систем воопшто не се грижи за граѓаните, вели тој, исто како што не се грижат и неговите работодавачи СДС и ДУИ.
„Колку за илустрaција, иако изгласана недоверба на пет судии од Судскиот совет во Собранието која ја претставува народната волја, тие судии мува не ги лази.
Судиите од Судскиот совет за кои е изгласана недоверба ладнокрвно велат ќе си работеле и понатаму без разлика што довербата од граѓаните им е на ниво на статистичка грешка или околу два проценти“.
Стојаноски нагласува дека на дело е спрегата правосуден систем – мазут мафија – СДС, ДУИ. Резултатот според него е кражба и труење на народот.
Затоа, како што потенцира, мора да се стави крај на ваквите случаи, а за тоа мора да има одговорност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Се откриваат скандали во градежништвото, од издадени 2.810 лиценци, нерегуларни се дури 427

Вкупниот број на издадени лиценци во делот на градба, проектирање, надзор, изработка на детални урбанистички планови е некаде над три илјади и до денес прегледавме 2.810 лиценци и бројката на одземени лиценци е веќе 427, објави вечерва вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Тој најави дека во вторник ќе бидат објавени финалните бројки и по име ќе бидат извадени сите носители на лиценци на кои ќе им бидат одземени, а за истото ќе бидат информирани надлежното обвинителство и МВР, за да можат тие, како што рече, да проверат од свој аспект.
Министерот Николоски информира дека во делот на градежништвото ќе бидат околу 430 лиценци, а ќе бидат испратени дописи и до сите засегнати страни кои работат со овие субјекти за да знаат дека тие веќе немаат лиценци.
Меѓу другото информира дека се прават контроли и во делот на патниот сектор – превоз на патници, автобуси, комбиња и итн, исто така превоз на стоки и внатрешно и меѓународно во делот на камиони.
Таму, рече Николоски, во моментот се прават испитувањата, но до вторник ќе има финални бројки.
– Најголема е бројката за изведувачи на градба од Б категорија, а тоа е се што не е врвен државен објект и станбени зградени, каде ќе се одземат 198 лиценци, рече вицепремиерот и министер за транспорт.
Николоски информира дека по итна постапка уште во вторник ќе бидат доставени законски измени, со кои овие контроли ќе станат облигаторни на секои шест месеци да мора да се прават, а исто така второстепеноста и третостепеноста, во рамки на одлучувањето нема да влијае на постапките за одземање на лиценца.
– Мојот предлог на измени на закон ќе биде жалбата да не го одлага извршувањето односно лиценцата веднаш се одземе, а после тоа да имаат право да се жалат. Оние кои ќе ја изгубат лиценцата најмалку една година нема да можат да аплицираат повторно. Доколку за било кој од нив, МВР или Јавното обвинителство утврди дека имале и кривични дела во рамки на своето работење, тогаш веќе настапуваат други органи и тогаш веќе има и кривична одговорност во нивното работење, изјави Николоски.
Македонија
За трагедијата во „Пулс“ тројца поранешни градоначалници на Кочани и уште 21 лице завршија во 30-дневен притвор

Определена е мерка 30 дневен притвор за сите 24 лица за кои основното Јавно обвинителството во рамки на истрагата бараше изрекување на мерката, а во однос на истрагата за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која животите ги загубија 59 лица, а речиси 200 се повредени.
Меѓу 24 лица за кои е одреден притвор се и тројцата градоначалници на Кочани и тоа градоначалникот во заминување Љупчо Папазов, како и поранешните Ратко Димитровски и Николчо Илијев.
Со досегашната истрага за пожарот во дискотеката „ Пулс“ во Кочани се опфатени 27 физички и три правни лица.
Вкупниот број осомничени за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани засега е 34 физички лица, откако државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е отворена истражна постапка против 27 физички и три правни лица, по првите истражни постапки против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.
Во првата фаза во постапувањето на МВР и Обвнителството, поднесени се две кривични пријави против 34 физички и три правни лица, за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ по член 292 во врска со „предизвикување општа опасност“ по член 288 од Кривичниот законик. Едно лице е пријавено и за „примање поткуп“ по член 357 од КЗ.
Лицата се сомничат за кривично дело за кое е предвидена казна од најмалку три години, што значи дека максимумот на казната е 20 години, а се сомничат дека како соизвршители, изготвувајќи, потпишувајќи и одобрувајќи позитивна согласност, му овозможиле на правно лице да се стекне со лиценца за вршење угостителска дејност – кабаре иако објектот не ги исполнувал законските услови за работа.
Македонија
Жителите на Кочани преку мирен протест бараат правда за жртвите во пожарот

Шест дена по трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, граѓаните на Кочани денеска во 15 часот во Паркот на Револуцијата организираа едночасовен мирен собир во знак на почит кон загинатите и со поддршка за закрепнување на повредените.
Со пораки испишани на транспаренти, присутните порачаа дека бараат правда, a правосудните институции да го расчистат случајот до крај.
Граѓаните повторно им дадоа поддршка и на лицата од обезбедувањето во дискотеката, кои ги извлекувале и спасувале младите, а наместо да се лекуваат од повредите, тие се осомничени и се наоѓаат во притвор.
Собирот заврши со мирен марш по улиците во централното градско подрачје на Кочани, а граѓаните порачаа дека ќе продолжат да се собираат и во наредните денови.