Македонија
(Видео) Томовски: Понижувањата се систем и начин на работа на власта на СДСМ

Последниот скандал во низата понижувања на премиерот Ковачевски покажува дека понижувањата се систем и начин на однесување кога станува збор за власта на СДСМ. И скандалот со прифаќањето на провокацијата за ословување на Македонија како Западна Бугарија не е прв испад на државниот врв. Однесувањето на подвиткан ‘рбет кое го започна Зоран Заев успешно го продолжува Димитар Ковачевски, изјави Ивица Томовски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Впрочем, предавствата и понижувањата е единствената работа која со успех ја прави оваа влада, наспроти поразите, инфлацијата и сиромаштијата. Погледнете го ова видео како македонските премиери Заев и Ковачевски одобруваат дека македонскиот јазик бил бугарски, дека Македонија наводно била Западна Бугарија и како со омаловажување се однесува регионот кон луѓе без ‘рбет како Ковачевски и Заев. Кога Ковачевски без проблем прифаќа дека Македонија е Западна Бугарија можете да замислите што се прифаќа на зелена маса кога преговара со Бугарија“, вели Томовски.
Кога вака се однесува, кога ја понижуваат државата и народот, можете да замислите, вели тој, што се прави кога нема камери.
Ковачевски, оценува Томовски, е компромитиран и нема никаков кредибилитет веќе да преговара со Бугарија.
„Тој прифати, се смее и не реагира на наводите дека Македонија била Западна Бугарија. За нив ова е смеа а за македонскиот народ и граѓани страдање и понижување. Бараме итно Ковачевски да се тргне од преговорите со Бугарија бидејќи ја понижува државата, да си даде оставка и да се извини на граѓаните на Македонија поради огромниот скандал. Со секој поминат ден Македонија го пробива дното со оваа власт“, нагласува членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Оценува дека „ваков срам“ не смее да биде премолчен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Uncategorized
На местото на „Треска“ место 12.500 ќе има над 33.000 жители, Уставен одби да го преиспита планот

Згасна и последната надеж на жителите на Центар за спречување на бетонизацијата на местото на поранешната фабрика „Треска“ оти Уставниот суд ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на важечкиот урбанистички план кој предвидува изградба на згради- наполитанки и има низа неусогласености со Генералниот урбанистички план за Скопје. Граѓаните и експертите имаа низа забелешки за планот, но без оглед на тоа неговата реализација почна и веќе се изведуваат првите згради.
Од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ кои заедно со адвокатката Сузана Јошевска ја поведоа иницијативата пред Уставен суд, сега велат дека случајот на „Треска“ покажа дека Устав се менува, но ДУП никако.
„’Треска’ тресна на Уставен! Уставниот суд, без расправа и повикување експерти, ја отфрли иницијативата за оценување на уставноста на планот за Буњаковец, во кој спаѓа и просторот на ‘Треска’. За жал се потврди правилото ‘Устав може да се смени, ама ДУП никако’. На здравје нека се во Буњаковец:
⚫ над 1 милион квадратни метри бруто изградена површина за домување наместо 400.000 што ги дозволува ГУП-от.
⚫️ над 60% изграденост за домување наместо 22% колку што дозволува ГУП-от
⚫️ над 33.000 жители наместо 12.500 колку што дозволува ГУП-от.
⚫️ над 9.300 просечен број на семејства наместо 3.400 колку што дозволува ГУП-от.
⚫️ 0.36 квадратен метар зеленило по жител или ич.
⚫️густина на изграденост со планираните висини со кои не се обезбедува минимален стандард за нормално хумано живеење или доволна аерација и минимални 2 часа осонченост.
⚫️уште подолги листи за чекање за запишување во градинка, училишта…
На здравје нека се ‘наполитанките’“, реагираат од граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“.
Иницијативата за преиспитување на планот беше поднесена во јули годинава кога веќе беше извесно дека дел од зградите се изградат, а целта беше да се запрат оние објекти кои се уште немаат одобренија за градење, а се предвидени во планот.
Македонија
Фирма во Македонија рекламирала чаеви користејќи лажно имиња на тројца лекари

Скопското Обвинителство до надлежниот суд поднесе предлог за издавање казнен налог против едно физичко лице и фирма, кои се обвинети за злоупотреба на лични податоци, односно рекламирале чаеви притоа лажно користејќи имиња на лекари.
Обвинетиот 34-годишник, како одговорно лице во фирмата, во периодот од ноември 2022 до април 2023 година, спротивно на условите утврдени во член 10 и член 96 од Законот за заштита на личните податоци, без согласност на тројцата оштетени лекари, ги користел нивните лични податоци – фотографија, име и презиме за онлајн-продажба на два производа, објави Обвинителството.
Личните податоци на секој од оштетените лекари биле злоупотребени како тие со својот професионален авторитет да ги рекламираат и препорачуваат чаевите „паразол“ (Parazol) и „хипертеа“ (Hypertea), кои на територијата на државава ги увезувало и дистрибуирало обвинетото правно лице.
„Лажните интервјуа и објавите преземани и споделувани на повеќе веб-страници и социјални мрежи, со здравствени тврдења и лажни медицински препораки за овие производи што оштетените никогаш не ги дале, обвинетиот ги искористил за незаконита обработка на личните податоци и директен маркетинг“, наведоа од Обвинителството.
Надлежниот јавен обвинител му предложи на судот да ги огласи за виновни и одговорното лице да го казни со единствена парична казна од 70 дневни глоби со висина на дневната глоба од 30 евра во денарска противвредност, а правното лице да го казни со единствена казна од 300.000 денари. Во согласност со предлогот на Обвинителството, обвинетите по пресудата ќе треба да ги надоместат трошоците на постапката, а секој од оштетените лекари ќе има можност во граѓанска постапка да си го оствари своето имотно-правно побарување за нанесената штета со злоупотребата на личните податоци.
Скопје
Арсовска избрана за претседател на Форумот на градоначалниците, што се одржа во Обединетите нации

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, е избрана за претседател на Форумот на градоначалниците, што се одржа во Обединетите нации во Женева, Швајцарија.
За потпретседатели на Арсовска се избрани градоначалниците Рикардо Рио од Брага, Португалија, и Сузан Aиткин, од Глазгов, Велика Британија.
„Годинава првпат како официјално тело во рамките на Обединетите нации, исклучителна чест претставува фактот што Арсовска беше избрана како претседател и ја доби довербата преку директно гласање на Форумот, на кој учествува по еден градоначалник од секоја држава од Пан-европскиот Регион, Северна Америка, Африка, Азија, Латинска Америка и од Блискиот Исток“, велат од Град Скопје.
Арсовска заедно со својот тим ќе учествува директно во формирањето на програмата на Комитетот за урбан развој, домување и управување со земјиштето на Обединетите нации и преку усвојување декларации ќе учествуваат во креирање на меѓународните политики за локалните власти.
„По изборот на Скопје за европска престолнина на културата 2028, ова претставува уште еден огромен успех на меѓународна сцена за градот. Како на домашен така и на меѓународен план, Град Скопје продолжува да работи на остварување на заложбите и програмските определби за остварување на проектите што се дел од програмата ‘За модерно Скопје’“, додаваат од прес-службата на Градот.