Македонија
(Видео) Тошковски: Договорено заемно признавање на возачките дозволи со Обединетите Арапски Емирати
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски од 24 до 27 ноември со делегација на министерството е во работна посета на Министерството за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати во Абу Даби. Ова е прва официјална посета на ниво на министри за внатрешни работи од осамостојувањето, а е со цел унапредување на билатералната соработка на полето на борбата против тероризмот и брза размена на информации во делот на борба против корупцијата и организираниот криминал и трговијата со луѓе и мигранти.
Во текот на вчерашниот ден на официјалната средба помеѓу министерот Тошковски и министерот за внатрешни работи на Обединетите Арапски Емирати шеикот Саиф бин Зајед ал Нахјан беа потпишани два меморандуми за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот и за меѓусебно признавање и замена на возачките дозволи помеѓу двете држави.

„Со желба за олеснување на движењето на граѓани кои поседуваат возачки дозволи издадени од соодветните надлежни органи на двете земји за време на посета или престој на територија на едната или другата држава веќе нема да имаат потреба од замена на возачките дозволи. Тоа значи дека и двете страни ги ослободуваат подносителите на барање за замена на возачката дозвола од теоретски и практични тестови и потреба од полагање во другата држава во категориите А, Б и БЕ. За повеќе од илјада македонски граѓани кои живеат во ОАЕ ова ќе значи значително намалување на трошоците. Меморандумот за разбирање за безбедносна соработка и борба против тероризмот отвара голем простор за соработка за брза размена на информации и спречување на кривични дела во спектарот од тероризмот преку организираниот криминал и корупција до спречување на трговијата со луѓе и мигранти“, потенцираше министерот Тошковски на средбата.

На средбата министерот Тошковски побара да се разгледа можноста за укинување на визите за македонските граѓани за ОАЕ, со цел развивање на поинтензивна туристичка, економска и културна соработка помеѓу нашите две земји.
Исто така, делегацијата на МВР ги посети Одделот за среќа, Одделот за иновации и Директоратот за операции на МВР на Обединетите Арапски Емирати, каде што непосредно се запозна со нивната работа и иновативните решенија кои ги имаат имплементирано водејќи се пред сѐ од потребите на граѓаните и нивното задоволство од услугите што ги нуди Министерството.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изменет сообраќаен режим поради Задушница
Поради верскиот празник Задушница денеска од 6:00 часот ќе биде воведен посебен режим на сообраќај во Скопје, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од Единицата за безбедност на патниот сообраќај при Секторот за внатрешни работи (СВР) Скопје информираат дека сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока, односно кружно. Сите возила ќе се упатуваат по улица „Бутелска”, лево по улица „Александар Урдаревски”, лево по улица „Боца Иванова” и десно до влезот на гробиштата Бутел. За излез, возилата ќе се движат десно по улица „Боца Иванова”, до кружниот тек на улица „Бутелска”, па лево по улица „Бутелска” и десно по улица „Кемал Сејфула”.
Посебен режим на сообраќај ќе биде воведен и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Денес е Задушница – спомен за починатите
Православните христијани денеска ја одбележуваат Задушница во знак на сеќавање на починатите.
Оваа Задушница секогаш се паѓа в сабота пред месопусната недела во пресрет на велигденскиот пост и празникот Прочка.
Црквата пропишала посебни денови во годината – задушници, кога верниците се молат за покој на душите на починатите. Задушница е секогаш в сабота, ден кој црквата го одредила за помен и молитва за упокоените.
На задушница се оди во црква каде што се служи литургија и парастос. На овој ден се посетуваат гробиштата каде што со молитва, пченица и лепче осветено со црвено вино се изразува помен за починатите. На Задушница верните им даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души.
Македонија
Променливо облачно со дожд и засилен ветер
Времето денеска ќе биде променливо облачно, а во попладневните часови и во текот на ноќта ќе има врнежи од дожд. Наместа врнежите ќе бидат пообилни и ќе надминат 20 литри на метар квадратен.
Како што соопштуваат од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ќе дува засилен, повремено силен ветер од југоисточен правец, кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 5, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје времето ќе биде променливо облачно, попладне и во текот на ноќта со врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен југоисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Според најавите од УХМР, под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса утре попладне, во текот на ноќта и во недела ќе има врнежи кои повремено наместа ќе бидат пообилни и ќе надминат 25 литри на метар квадратен. На планините врнежите ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Локално ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд, грмежи и силен ветер.
Во понеделник во текот на ноќта и во вторник се очекува заладување со нови пообилни врнежи, кои на планините ќе бидат од снег, а на повисоките места од дожд и снег. Стабилизирање на времето се очекува од средината на следната седмица.

