Македонија
(Видео) Тошковски: Интервентната полиција – шест години посветена служба во заштита на граѓаните
По повод шест години од формирањето на Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, денеска беше одбележан Денот на единицата, на кој беше истакната нејзината клучна улога во одржувањето на јавниот ред и мир и во заштитата на безбедноста на граѓаните на главниот град.
Во своето обраќање министерот за внатрешни работи Панче Тошковски нагласи дека Интервентната полиција во изминатиот период се етаблирала како еден од носечките столбови на безбедносниот систем, со висока оперативна подготвеност, мобилност и професионалност.

„Интервентната полиција честопати беше прва на терен и вистински херој во заштитата на граѓаните. Резултатите што ги постигнувате не се случајни – тие се производ на посветеност, храброст и тимска работа. Намалувањето на разбојништвата во Скопје за 40-ина проценти е јасен показател за вашата ефикасност“, истакна министерот Тошковски најавувајќи дека МВР и во иднина ќе продолжи со вложувања во опрема, обука и човечки ресурси.
Министерот потенцира дека во годината што следува фокусот ќе биде насочен кон понатамошна модернизација и јакнење на капацитетите на Единицата со цел уште побрз и поефикасен одговор на безбедносните предизвици.
Командантот на Единицата за интервентна полиција, Милош Столевски, во своето обраќање посочи дека за шест години постоење Единицата се наметнала како суштинска безбедносна алатка во рамките на полицискиот систем, подготвена да одговори на сите облици на криминал.
„Да се биде дел од Интервентната полиција значи чест и гордост, но и голема одговорност. Со посветеноста и професионалноста на секој припадник успеавме да изградиме доверба кај граѓаните и да придонесеме главниот град да биде безбедно место за живеење“, нагласи Столевски додавајќи дека поддршката од раководството на МВР е клучна за континуираниот развој и унапредувањето на Единицата.
На одбележувањето беше истакната и важноста на координацијата меѓу единиците, како и успешната соработка со другите организациски единици во рамките на МВР, особено во спроведувањето сложени оперативни акции.
Министерството за внатрешни работи уште еднаш ја потврдува својата определба за јакнење на Интервентната полиција како професионална, модерна и ефикасна единица, во функција на безбедноста на граѓаните и заштитата на јавниот ред и мир.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Кисела Вода, Сопиште и Ѓорче Петров денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:00-13:00 часот дел од улицата Архитект Сотир Томовски, општина Кисела Вода;
· од 09:00-11:00 часот корисниците од село Гврлево, општина Сопиште;
· од 09:00-15:00 часот корисниците на ул. 101 во населба Волково, општина Ѓорче Петров.
Македонија
Без вода денеска дел од Бутел
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-225мм на Радишанска Лево бб (Бел Камен), општина Бутел, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно, во утринските часови повремен локален дожд, а во текот на денот кратки сончеви периоди
Времето денеска ќе биде променливо облачно, во утринските часови со повремен локален дожд, а во текот на денот со кратки сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта повторно ќе има локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од дожд и снег. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено во утринските часови и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 5, а максималната ќе достигне до 12 степени.
Времето во наредните денови
Продолжува периодот на променливо облачно време со повремени врнежи од дожд, кои локално ќе бидат пообилни. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во почетокот на новата седмица врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и на некои од повисоките места.

