Македонија
(Видео) Ученици од Кочани што ќе ја претставуваат земјава на Светското првенство за иновации се сретнаа со премиерот Заев

Премиерот Зоран Заев, заедно со директорот на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски, денеска одржа средба со ученици иноватори и нивните ментори, кои како тим наречен MAKBot Pioneers ќе ја претставуваат Македонија на Светското првенство во Детроит во САД, организирано од Асоцијацијата за препознавање наука и технологија и од компанијата „Лего“.
Тимот MAKBot Pioneers е составен од девет ученици од сите основни и средни училишта од Кочани. Тимот функционира во склоп на СОУ „Гошо Викентиев“ и работи како дел на кабинетот по роботика.
Нивниот проект е посветен на употреба на неискористениот потенцијал на термичките води, кои кога се враќаат како отпадна вода ја имаат вистинската температура за одгледување на алгата спирулина.
Изразувајќи огромно задоволство од средбата, премиерот Заев истакнал дека е чест да се дружи со младите ученици, иноватори и нивните ментори, кои покажуваат на дело дека во Македонија може да се дизајнираат и создаваат корисни дела.
„Јас ги повикувам нив, но и сите млади, да работат, да создаваат и да креираат тука, во нашата Македонија. Притоа се обврзувам дека Владата ќе продолжи да ја интензивира поддршката за иновации, за информатичка технологија, за развој и за дигитализација на Македонија“, истакна Заев.
„Овој тим од вредни, креативни и посветени ученици и нивниот пронајдок – робот, кој извршува задачи во областа хидродинамиката, ќе ја претстави и промовира Македонија на светската мапа на млади иноватори и затоа ја заслужуваат сета наша поддршка. Да им честитаме на учениците, но и на нивните професори и ментори кои се заслужни за успешно завршената работа“, рече премиерот Заев.
Посакувајќи им среќа на претстојниот светски натпревар, кој ќе се одржи од 25 до 28 април, премиерот Заев на тимот млади иноватори им порача дека веќе го имаат постигнато најголемиот успех со тоа што ја добиле шансата да се натпреваруваат во групата на 107 учесници од над 60 земји.
„Се договоривме дека, без разлика на исходот на Светското првенство, ќе ми пишат имејл како си поминале и ќе ми пратат фотографии од Детроит“, додаде премиерот Заев.
Професорот Гордан Анастасов, изразувајќи благодарност за сите помагачи и спонзори, информира дека тимот од млади иноватори работел сам на идејата и реализацијата на роботот и проектот и освоил одлични резултати на регионални натпревари во Србија и Словенија, по што е поканет на Светското првенство.
Ученикот Горјан Илијевски пред присутните ја претстави работата на роботот направен од лего-коцки со разни приклучоци во зависност од мисијата што треба да ја извршува.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пронајдени 27 килограми марихуана, приведени две лица од Албанија

Полицијата пронашла 27 килограми марихуана во автомобил кај селото Кажани-на патот за битолското село Ѓавато. Уапсени се две лица, возачот и сопатник на возилото, двајцата државјани на Албанија.
„На 08.12.2019 полициски службеници од Регионалниот центар за гранични работи Запад и Одделот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Охрид, по претходно добиени оперативни сознанија, кај с.Кажани – на патот за село Ѓавато, битолско, запреле патничко возило „опел вектра“,управувано од М.В.(43) од Албанија, а како сопатник бил Т.М(36) од Албанија. При преглед на возилото, полициските службеници пронашле и одзеле две торби со 27 пакувања марихуана со тежина од околу 27 килограми. Марихуаната била наменета за транспорт во Грција“ соопшти МВР.
Лицата биле приведени во Полициската станица Битола и по целосно документирање на настанот, до Основното јавно обвинителство Битола, ќе биде поднесена кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“, казниво по член 215 од Кривичниот законик на Северна Македонија.
Македонија
Министерство за здравство: Воведени се три нови типови на инсулин

Во 2018 година, направени се значајни реформи со измената на Законот за лекови и медицински средства. Нема повеќе инсулини од паралелен увоз како порано и во државата донесени се оргинални инсулини со сертификат, какви што се носат во сите развиени европски земји, соопшти Министерството за здравство.
Оттаму велат дека воведени се три нови типови на инсулин, два инсулински аналози, инјектибилни и таблетарни. Со ова, како што се додава, значајно се подобрува квалитетот на третманот на дијабетесот.
„Со сите чинители, активно се работеше во изготвување на новата 10-годишна стратегија за третман на дијабетес, која во себе содржи елементи кои ја подобруваат превенцијата, раното откривање на дијабетесот, соодветниот третман на ниво на секундарна и терциерна здравствена заштита. По носењето на стратегијата, почнува ревитализација на сите центри за дијабетес ширум Република Северна Македонија.
Со Предлог-буџетот за 2020 година, обезбедуваме инсулини, инсулински игли, глукагон, ленти за мерење на шеќер и пумпи за континуирано снабдување на инсулин, во висина од 750 милиони денари“ соопшти министерството.
Македонија
Хелсиншки комитет: Корупцијата и натаму сериозен проблем во земјата

На Меѓународниот ден на борбата против корупција, 9 Декември, Хелсиншкиот комитет констатира дека корупцијата и одлучувањето при постоењето на судир на интереси претставуваат феномени кои во значителна мера остануваат неказнети, а перцепцијата на граѓаните е дека борбата против корупцијата не дава задоволителни резултати. Како што наведува комитетот, Република Северна Македонија континуирано бележи значителен пад на ранг листата на индексот за перцепција на корупцијата – сериозен криминал што го поткопува социјалниот и економскиот развој.
„Хелсиншкиот комитет за човекови права се вклучува во борбата против корупцијата преку мониторинг на судските процеси за предмети во областа на организираниот криминал и корупцијата; давање на соодветна правна помош на жртвите на коруптивни дејствија; застапување во насока на поголема одговорност и транспарентност на сите институции; настојување да се влијае кон спречување и ставање крај на неказнивоста и да се овозможи кривична одговорност за сите оние кои преку нивните коруптивни дејствија ги загрозуваат индивидуалните слободи и права и влијаат врз нарушување на системот на владеење на правото во државата.
Водејќи се од иницијативата за поголема одговорност и транспарентност на сите институции, Комитетот ја создаде интернет платформата www.prijavikorupcija.mk. Платформата е наменета за пријавување корупција од страна на граѓаните кои се сомневаат или кои ќе забележат постоење на корупција. Oваа платформа е осмислена како мост или алатка каде граѓаните ќе можат безбедно и со доверба да пријават корупција, како жртви или сведоци или пак ако имаат некаква информација за одреден случај. Покрај тоа, платформата на корисниците им овозможува да се информираат за корупцијата и нејзините елементи, ги информира граѓаните за нивните права како жртви или сведоци на корупција, но и за граѓанските обврски за пријавување до надлежните институции. Секако, и понатаму останува отворена можноста за директно пријавување во Канцеларијата на Хелсиншкиот комитет“ се наведува во соопштението.
Што се однесува на оценките за состојбата со корупцијата, од комитетот потсетуваат на последниот европски Извештај за напредокот на Северна Македонија, 1 каде е констатирано подобрување на новата правна рамка за спречување на корупцијата и подобрена транспарентност при назначувањето на нови членови на Државната комисија за спречување на корупција. Сепак, се додава во соопштението, и покрај зголемената проактивност на Антикорупциската комисија, вклучувајќи и кон функционери на високо ниво, корупцијата е распространета во многу области и останува еден од најсериозните проблеми во државата.
Во однос на препораките за надминување на состојбата, Европската комисија посочува дека земјата треба проактивно да ги примени новите правила за спречување и борба против корупцијата и да поттикне, од највисоко политичко ниво, проактивен став од страна на сите актери вклучени во оваа област. Потоа, да ја реафирмира политичката волја за борба против корупцијата, поддржувајќи ги сите релевантни институции со потребната автономија во остварувањето на нивните приоритети, како и човечките и финансиските ресурси. Да ја консолидира евиденцијата за конечни пресуди во случаи на корупција на високо ниво, вклучително и со конфискација на криминални средства и да обезбеди правна одговорност за прислушуваните материјали, независно од тековните реформи во рамките на системот на обвинителството. Само на тој начин, државата може да се надева на позитивни резултати во борбата против корупцијата, стои во заклучокот на Хелсиншки комитет.
- Топ3 месеци
Газда полеан со бензин, а неговиот џип запален во Кисела Вода
- Забава3 месеци
Дошла на преглед поради постојан замор, а докторите ѝ рекле дека ќе умре за 72 часа
- Култура3 месеци
„Болка и слава“ на Алмодовар го отвора фестивалот „Браќа Манаки“, кинематограферот Алкаине гостин во Битола
- Книги2 месеци
Промоција на „Небо во кафез“ од Д.А. Лори
- Црна хроника2 месеци
Се урна тераса во Скопје – повредени татко и неговите три малолетни деца
- Hitech3 месеци
(Видео) Возач и совозач во „тесла“ спијат додека автомобилот вози со 100 на час
- Култура1 месец
Десет најчести прашања и одговори за програмата „Креативна Европа медиа“ на „Синедејс“
- Црна хроника3 месеци
Деветнаесетгодишник со автомобил удрил во девојче во Кавадарци