Македонија
(Видео) „Филипче не одговори зошто ја скри фирмата во Петрич од анкетниот лист, што се крие на таа адреса“, прашува Митева
„Во наредните неколку денови ќе изнесеме сознанија во јавноста за бизнис поврзаноста на Заеви и Филипче, ќе расветлиме дали Венко Филипче е претседател на СДС за да може полесно да управува со мрежата фирми од Бугарија преку Петрич и Струмица до Скопје, како семејствата на Заеви и Филипче влегувале во милионски бизниси додека тие биле на функција и како се поврзуваат со фирми со сомнителни дејности. Напоменуваме дека сите овие сознанија веќе беа изнесени во јавноста од ИРЛ, но Венко Филипче и СДС избегнаа секакви одговори“, рече Марија Митева, портпарол, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се започнува од тоа што Венко Филипче избегна да одговори на наводите дека во анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија ја сокрил фирмата за недвижности од Бугарија која ја пронајдоа истражувачките новинари. Од овде се одмотува клопче тешко милиони евра.
Потенцираме дека Венко Филипче не сподели со јавноста дека по завршување на министерувањето одлучил да влезе во приватен бизнис со недвижности, а со таа намена во ноември 2022 ја регистрирал компанијата ПАУЪР АЙ8 (POWER i8 Ltd) во соседна Бугарија. Со адреса на улица „Гоце Делчев“ број 12 во Петрич, на 18 ноември 2022 година ја формирал фирмата, а првата запишана дејност на фирмата во која Филипче е единствен сопственик и управител е купување, изградба и продажба на недвижнини, но потоа се наведени уште неколку други дејности во кои може да работи компанијата.
По парламентарните избори на 8-ми мај 2024, на кои Венко Филипче стана пратеник на СДС доби обврска да го пријави својот имот во ДКСК, недвижен и движен имот, сопствеништво и секаков друг имот. Филипче, до последниот рок за поднесување анкетен лист не ја пријавил фирмата во Бугарија.
Зошто велиме дека Филипче е клучен во бизнисите на Заеви и дека со таа цел е на чело на СДС? – Имено на истата адреса со фирмста на Филипче се водат повеќе компании во сопственост на братот и братучедите на поранешниот премиер – Вице, Трајче и Бобан Заеви. Поточно кажано Филипче се вселил кај Заеви.
Зошто Венко Филипче не ја пријавил фирмата во Бугарија во својот анкетен лист? Што сака да сокрие Венко Филипче и крие ли извесна адреса која се поврзува со други фирми? Дали Филипче е дел од шема на фирми кои правеле милиони? На овие и многу други прашања ќе дадеме одговори на следните пресконференции“, изјави Марија Митева, портпарол, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Центар и Бутел денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје известуваат дека денеска без вода ќе бидат делови од општините Центар и Бутел.
Поради дефект на улична цевка ф 2“ на улица Рајко Жинзифов бб раскрсница со улица Киро Крстевски Платник без вода ќе останат корисниците на дел од улицата Киро Крстевски Платник и дел од улицата Шумадиска во општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување на интервенцијата.
Поради дефект на огрлица од ф 250мм на улицата Македонско Косовска Бригада крак 11 бб. без вода ќе останат корисниците од комплекст Вива Фреш, касарната Илинден и улица Македонско Косовска Бригада крак 11 во општина Бутел.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.
Македонија
Мурал на потпорен ѕид долг 120 метри крај реката Пена со порака за отпорност кон поплавите
Потпорниот ѕид изграден за спречување на лизгање на земјиштето во близина на ХЕЦ Пена, покрај тоа што обезбедува сигурност за возилата и пешаците, трансформиран е и во дело на уличната уметност, преку голем мурал кој пренесува порака за отпорност и единство во заедниците соочени со катастрофи.
Муралот е изработен како дел од серијата активности кои УНДП ќе ги спроведе за одбележување на меѓународниот ден за намалување на ризиците од катастрофи, 13-ти октомври.
На претставувањето на муралот нацртан по целата должина на ѕидот долг 120 метри денеска присуствуваа Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите Нации (УНДП), Армен Григорјан и градоначалникот на Тетово, Биљал Касами.
„Овој ѕид е одлично направен и обезбедува безбедно одвивање на сообраќајот и движење на граѓаните на Тетово кон Бањиче, популарна рекреативна дестинација. Но, беше сив и ние сакавме да го разубавиме, но и да испратиме значајна порака за отпорност и единство во заедниците соочени со ризик од катастрофи“, изјави Григорјан.
„Големо задоволство е да се биде тука со нашите партнери од УНДП, на презентацијата на овој мурал, во чија подготовка учествуваа и повеќе млади лица. Заедно спроведуваме значајни активности со кои сакаме во Полог да ја засилиме отпорноста кон поплавите и нашите заедници да ги направиме поотпорни на катастрофи“, рече Касами.
Инспирација за приказната претставена на муралот, уметниците најдоа во цртежите кои ги изработија учениците од повеќе основни училишта во Тетовско, на работилниците организирани од УНДП.
Ѕидот кој послужи како платно за уличните уметници е изграден во рамки на проектот за „Подобрување на отпорноста кон поплавите во Полошкиот регион“, финансиран од Швајцарија, кој Програмата за развој на Обединетите нации го спроведува во партнерство со Министерството за животна средина и просторно планирање и општините во регионот.
Македонија
Потпишан договор за европски грант, 50-тина училишта ќе добијат соларни фотоволтаични системи
Педесетина училишта во Македонија ќе ја подобрат енергетската ефикасност преку инсталирање на соларни фотоволтаични системи, за што, денеска министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска и вицегувернерот на Банката за развој на Советот на Европа, Томас Бошек потпишаа договор за неповратен грант вреден 1,1 милион евра.
Училиштата ќе ја заменат енергијата базирана на фосилни горива со чиста и обновлива енергија. На овој начин, тие ќе дадат дополнителен придонес кон заштитата на животната средина, а ќе заштедат и средства кои ќе можат да се реалоцираат во унапредувањето на условите за настава.
На потпишувањето на договорот за овој проект одобрен преку Европскиот фонд за зелени општествени инвестиции, наменет за јакнење на инклузивните климатски мерки, Јаневска изрази благодарност до Банката за развој при Советот на Европа за континуираната поддршка на државата во унапредувањето на инфраструктурните услови во областа на образованието.
Министерката изрази очекувања дека соработката во насока на достигнување на европските стандарди за квалитет, ќе продолжи и во иднина.