Македонија
(Видео) „Филипче работел на изградба на прифатен центар за мигранти во Македонија“: Лефков објави документи
„Филипче не е лидер, туку потрчко на Заев, едно дугме-политичар кој има единствена улога да го покрива и штити неговиот криминал. Тој е социопатски случај на лажго и манипулатор, додека штетата од неговото работење ја плаќаат сите граѓани. Димната завеса за тоа се измислените теми, измислените напади и наводните скандали“, кажа Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Една таква тема е и темата со наводното населување на мигранти. На оваа тема се гледа лицемерието, грдото лице на Филипче и неговото манипулаторство и расипаност во политиката наложено од неговиот ментор Зоран Заев.
Јасно е дека мигранти нема да има, но Филипче најави протести, измисли декларација и вештачка тема.
И додека го прави тоа, целата јавност мора да знае дека Венко Филипче, како министер во Владата на Заев, работел на отворање на мигрантски камп во Бардовци.
Значи, единствениот актуелен политичар кој работел на населување мигранти во Македонија е Венко Филипче.
Венко Филипче, активно како министер во Владата на Заев, во 2018 година учествувал во носењето План за проект за изградба на прифатен центар за мигранти во Бардовци.
Имено, во „Службен весник на Република Македонија“, на ден 26.01.2018 година, број 16, страна 189, точка 1.6, стои, цитирам:
„Изработка на државно урбанистичко-планска документација за прифатен центар на странци за потребите на Секторот за гранични работи и миграции при МВР на КП бр. 35, запишана во Имотен лист бр. 2140 за КО Бардовци.“
Ова е поминато на Влада и за тоа Венко Филипче гласал со две раце.
Овие мигранти кои тогаш Филипче сакал да ги прими, се истите тие мигранти кои сега прават проблеми во Европа. Да не беше притисокот од ВМРО-ДПМНЕ тогаш, денес ќе имаше мигранти во Македонија.
Венко Филипче и СДС имале партиска и државна политика за населување мигранти. И овој документ којшто само што го покажавме, е доказ за тоа.
Сè додека Филипче е во опозиција, во Македонија мигранти нема да има.
Ваквото манипулаторство значи дека крадецот вели „држете го крадецот“, кога човек со сомнителни морални особености се претставува како праведен, а нечестен криминалец се претставува како чесен адвокат на правдата.
И декларацијата и темата за мигрантски кампови се обиди само за спас на криминалите на Заев и Филипче.
Тој е единствениот политичар во Македонија кој СДС го спушти на 130 илјади гласови, ја направи петта по големина партија во град Скопје, организира протест на измислена тема и нуди декларација за тема што не постои.
Му препорачуваме да повика на марш за заштита на зимзелените дрва на Марс. Бидејќи колку што има зимзелени дрва на Марс, толку ќе има и мигранти и тука. Па оттука, нека протестира и за тоа, кога веќе нема друга работа и на ваков расипан, гнасен начин го потценува сопствениот народ.
Сме виделе низ нашата историја како држава многу работи, но ваков карактер со вакви психолошки тенденции не сме сретнале. На пат е да го надмине сопствениот ментор. Негова цел е да стане поголем Заев од Зоран – ако тоа воопшто е возможно.
Но, во клиниката на СДС за креирање „заевци“, кои без образ и со низок морал се подготвени сè да направат извршувајќи туѓи агенди и остварувајќи лични интереси, очигледно производството заглавило на истиот модел – Заев 1.0.
Народот јасно гледа, а членовите на СДС се срамат од овој двоец кој, освен што го има киднапирано СДС, ја контаминира и Македонија.
Предавничко-криминалниот двоец ќе биде декласиран. А стравот од борбата против корупцијата која доаѓа не можат да го сокријат со измислени теми. Смрди од тука до Софија.
Бараме да се извини за тоа што ја лажеше јавноста и граѓаните. Сите нивни лаги се распрснаа како меур од сапуница“, изјави Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Фатон Сељами избран за нов Народен правобранител
Со поддршка од 89 пратеници, Собранието денеска во рамки на 65. седница го избра Фатон Сељами од Тетово за нов Народен правобранител.
Против неговиот избор гласаа шест пратеници, а од вкупниот број пратеници што доаѓаат од заедници кои не се мнозинство, 28 беа „за“, додека осум гласаа „против“.
Сељами има завршено Правен факултет на Универзитетот во Тетово и постдипломски студии на Универзитетот на Југоисточна Европа. Работел во Агенцијата за информации, до 2008 работел во Комисијата за заштита на правата за слободен пристап на информации од јавен карактер. Од октомври 2008 година бил вработен во канцеларијата на народниот правобранител во Скопје. Во 2018 година Сељами бил именуван за генерален секретар во Министерството за правда и од 2020 е вработен во регионалната единица на Министерството за правда во Тетово. Од 2023 година работел како раководител на одделение за политички систем во Министерството за правда.
Тој доаѓа на местото на Насер Зибер, кој на 12 јули 2025 година ги исполни условите за старосна пензија.
Македонија
Муцунски на министерски состанок во Истанбул: За справување со закани потребна е засилена координација и размена на информации во регионот
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска учествуваше на Вториот министерски состанок на Балканската платформа за мир, кој се одржа во Истанбул, на иницијатива на министерот за надворешни работи на Република Турција, Хакан Фидан. На состанокот учествуваа министрите за надворешни работи од земјите на Западен Балкан.
Во своето обраќање, министерот Муцунски ја истакна важноста на реалистичен и резултатски ориентиран пристап кон регионалната соработка, нагласувајќи дека стабилноста не е стекната, туку се гради преку јасни интереси, практична соработка и конкретни резултати што граѓаните ги чувствуваат во секојдневниот живот. Тој потенцираше дека во услови на зголемена глобална фрагментација, конкурентност и безбедносни предизвици, земјите од Западен Балкан треба да ја претворат својата географија во предност, а политиката во мерливи исходи.
Министерот Муцунски ја нагласи значајната улога на Република Турција како сосед, сојузник во НАТО, важен економски партнер и стратешки мост, оценувајќи дека Балканската платформа за мир претставува корисен механизам за претворање на дијалогот во конкретни активности. Во тој контекст, тој предложи јасна и остварлива агенда за продлабочување на соработката меѓу Турција и земјите од Западен Балкан, со фокус на економската и инвестициската поврзаност, енергетската безбедност, подобрувањето на транспортната и трговската инфраструктура, како и задржувањето на младите и квалификуваната работна сила во регионот.
Посебен акцент беше ставен на зајакнувањето на регионалната безбедносна соработка, вклучително и справувањето со современите закани како организираниот криминал, сајбер-нападите, дезинформациите и насилниот екстремизам, при што беше нагласена потребата од засилена координација, заеднички обуки и размена на информации.
Министерот Муцунски истакна дека Република Северна Македонија е подготвена активно да придонесе кон оваа агенда, преку инвестирање во енергетска диверзификација, унапредување на регионалната поврзаност, јакнење на безбедносните партнерства и континуирана посветеност на дијалогот и добрососедските односи. Во завршницата на обраќањето, тој нагласи дека кредибилитетот на Платформата треба да се мери преку конкретни резултати, јасно дефинирани активности, носители и рокови, оценувајќи дека во актуелната деценија довербата нема да се гради врз основа на намери, туку врз основа на испорачани резултати.
Македонија
(Видео) Тренчевска: ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на кривичниот законик, меѓу кои и членот за злоупотреба на службената положба
На денешната комисиска расправа, владејачката коалиција ВМРО-ЗНАМ ги одби сите амандмани на СДСМ за измените на Кривичниот законик, соопшти потпретседателката на СДСМ и пратеничка, Јованка Тренчевска.
Според неа, меѓу одбиените предлози било и враќањето на членот 353 – злоупотреба на службена положба и овластување – на формулацијата што важеше пред измените во 2023 година. „Без силен член 353, тендерската коалиција слободно ги дели државните пари на свои фирми, без одговорност“, рече Тренчевска.
СДСМ предложиле и бришење на рокот од пет години за конфискација на имот стекнат преку криминал, но и тоа било одбиено.
„Зошто имотот украден од граѓаните да не може да се конфискува без разлика кога е стекнат? Правда со рок на траење не е правда“, порача Тренчевска.
Дополнително, биле одбиени и амандмани за воведување строги правила за функционирањето на системот „Безбеден град“, односно автоматско бришење на дигитални снимки по 48 часа и пристап само со судски налог. Како што рече Тренчевска, со тоа останува простор за злоупотреби и притисоци од страна на МВР.
Одбиени биле и предлози за драстично зголемување на казните за организиран криминал, проширување на условите за конфискација на имот, како и засилена правна заштита на децата од најтешките форми на експлоатација.
„Ова е уште една потврда за грабежот на државни пари преку криминални тендери. Правда нема, има обид за спас од одговорност. Но одговорност ќе има – кога-тогаш“, изјави Тренчевска.
ВМРО-ДПМНЕ претходно денес реагираше на најавените амандмани на СДСМ за измена на Кривичниот законик, обвинувајќи ја опозициската партија за лицемерие и политичко глумење.
„Монти Пајтон на СДС. Кривичниот законик што го укинаа во 2023 година и со којшто се амнестираа нивни функционери, сега поднесуваат амандмани да го вратат“, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата обвинуваат дека СДСМ ја поминала границата на, како што велат, лицемерие и играње со чувството на народот, глумејќи дека не била власт до пред една и пол година.
На 6 септември 2023 преку ноќ, за време на Владата на СДСМ, беа донесени измените на Кривичниот законик во ставот 3 од членот 353 за кривичното дело Злоупотреба на службената положба и овластувања, каде беше предвидена затворска казна од најмалку три години, ако сторителот прибави значителна имотна корист или нанесе значителна штета. Со измената, казната беше намалена на една до пет години затвор. Предметите за злоупотреба на функцијата сега застаруваат за само 10 години, бидејќи максималната казна за ова дело сега е само 5 години затвор.

